Минојска цивилизација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Минојска цивилизација
Географски опфатКрит, други населби околу Егејското Море
Годиниок. 3100 – ок. 1100 п.н.е.
Поважни наоѓалиштаКносос, Фестос, Агија Тријада, Малија, Закрос
ПретходиНеолитски Крит
СледиМикенска цивилизација

Минојската цивилизација била култура од бронзеното доба, чие средиште бил островот Крит. Позната по својата монументална архитектура и енергична уметност, често се смета за прва цивилизација во Европа.

Минојската цивилизација се развила од локалната неолитска култура ок. 3100 п.н.е., со комплексни урбани населби кои почнуваат од околу 2000 п.н.е. Од ок. 1450 п.н.е., тие дошле под културно и можеби и под политичко влијание од микенските Грци на копното, формирајќи хибридна култура која траела до околу 1100 п.н.е.

Минојците граделе огромни градби кои археолозите иницијално ги означиле како минојски палати. Подоцнежните истражувања покажале дека тие служеле за различни религиозни и економски цели, а не само како кралски резиденции, иако нивната точна улога во минојското општество е прашање на континуирана дебата. Палатите се состоеле од голем правоаголен двор опкружен со повеќекатни крила. Палатите во Кносос и Фестос се популарни туристички атракции.

Акробати со бик, фреска од Кносос

Минојската уметност вклучувала детално декорирана керамика, печати, фигурини, и шарени фрески. Типични теми вклучуваат природа и ритуали. Минојската уметност често се опишува дека има фантастичен или екстатичен квалитет, со фигури што се прикажани на начин што сугерира движење.

Малку е познато за структурата на минојското општество. Постоењето на општествена хиерархија е посведочено од погребувањата и архитектурата, меѓутоа минојската уметност не содржи недвосмислен приказ на монарх, а египетските записи сугерираат дека можеби имале некоја друга форма на управување. Иако се чини дека некои локалитети биле политички и економски поврзани, не е јасно дали постоела обединета минојска држава или држави. Религиските практики се вршеле во светилишта на планинските врвови или во свети пештери, но ништо не е познато со сигурност за нивниот пантеон.

Палатата во Кносос, најголемата минојска палата

Минојците екстензивно тргувале околу Егејското Море и источниот Медитеран. Тие извезувале земјоделски производи и луксузни добра, често во размена за сиров метал кој тешко се добивал на Крит. Преку трговците и занаетчиите нивното културно влијаение достигнало надвор од Крит, до Кикладите, Кипар, Египет, Италија, Анадолија, и Левантот. Минојските занаетчии биле барани од странските елити, на пример да сликаат фрески во Аварис во Египет.

Минојците развиле две писма на пишување, познати како критски хиероглифи и линеарно А. Бидејќи и двете писма не се целосно дешифрирани, идентитетот на минојскиот јазик е непознат. Врз основа на она што е познато, се смета дека јазикот најверојатно не припаѓал на потврдено јазично семејство, како што се индоевропските или семитските јазици. По 1450 п.н.е., модифицирана верзија на линеарно А, позната како линеарно Б се користела за пишување на микенскиот јазик, кој станал јазик на администрацијата на Крит. Етеокритскиот јазик кој е посведочен во неколку натписи по бронзеното време можеби бил потомок на минојскиот јазик.

Во голема мера заборавена по колапсот на бронзеното време, минојската цивилизација била повторно откриена во почетокот на 20 век, преку археолошки ископувања. Терминот „минојска“ го измислил Артур Еванс, кој вршел ископувања кај Кносос и ја препознал како културно различна од копнената микенска култура. Набрзо потоа, Федерико Халбхер и Луиџи Перниер ја ископале палатата во Фестос и блиската населба Агија Тријада. Голем пробив се случил во 1952, кога Мајкл Вентрис го дешифрирал линеарното писмо Б, потпирајќи се на претходната работа на Алис Кобер. Со дешифрирањето се дознале значајни информации за економијата и социјалната организација во последните години на палатата. Минојските наоѓалишта продолжуваат да се ископуваат, а неодамнешни наоѓалишта се некрополата во Армени и пристанишниот град Комос.