Меѓународна трговија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Меѓународната трговија ја опфаќа трговската размена (размената на стоки и услуги) меѓу луѓето и фирмите од различни земји.

Антички трговски патишта на патот на свилата низ Евроазија

Одлики на меѓународната размена на добра и услуги[уреди | уреди извор]

Основните одлики на меѓународната трговија се:[1]

  • таа расте побрзо од порастот на светскиот доход;
  • таа е концентрирана кај најголемите економии во светот, кои се најголеми извозници и увозници на производи и услуги;
  • најголем пораст бележи трговијата на производи и услуги со висока технолошка интензивност, како што се: телекомуникациска опрема, компјутери, козметика, оптички инструменти итн.

Најважни фактори што влијаат врз обемот и динамиката на извозот на една земја се:[2]

Ограничување на меѓународната трговија[уреди | уреди извор]

Политиката на ограничување на меѓународната трговија се нарекува протекционизам. Протекционизмот вклучува две групи мерки: царини и нецарински ограничувања. Царините претставуваат еден вид данок на увозните производи. Царината ја зголемува цената на увозниот производ и така ја намалува неговата (ценовна) конкурентност во споредба со домашните производи. Нецаринските ограничувања се појавуваат во разни форми, како што се: увозни и извозни квоти со кои се ограничува максималното количество на увозот или извозот на некој производ; дозволи за увоз и извоз, т.е. посебни одобренија за да може да увезе или извезе некој производ; извозни субвенции со кои на извозниците им се надоместува разликата меѓу производната цена (трошоците на производството) и цената по која ги извезуваат производите; здравствени, санитарни, технички и еколошки стандарди кои мора да ги исполнуваат увозните производи за да може да се продаваат на домашниот пазар. Во екстремни случаи, протекционизмот се манифестира во вид на трговско ембарго или трговска војна, кога целосно се забранува извозот во некои земји или увозот од нив.[3]

Земјите кои спроведуваат протекционистички мерки наведуваат различни оправданија за своите постапки. Овие аргументи може да се поделат на две групи: економски оправдани и економски неоправдани аргументи.

  • Како економски оправдани аргументи се сметаат царините за заштита на младите индустрии и царините за намалување на невработеноста. Во првиот случај, земјите воведуваат царини за заштита на некои индустрии кои штотуку почнале да се развиваат во земјата. Бидејќи се наоѓа во почетната фаза од развојот, во овој случај, домашната индустрија не може да се натпреварува (да им конкурира) со странските индустрии. Со други зборови, домашните производители се соочуваат со повисоки трошоци од странските фирми, т.е. домашните производи имаат повисоки цени од увозните. Оттука, со царинската заштита им се овозможува на домашните индустрии да се развијат до нивото кое ќе им овозможи да им конкурираат на странските фирми. Ова значи дека заштитата на младите домашни индустрии треба да биде привремена, т.е. до моментот кога тие ќе станат развиени и ефикасни. Во вториот случај, кога домашната економија се наоѓа во рецесија, земјата може привремено да ги зголеми царините со цел да ги заштити домашните фирми и така да го спречи зголемувањето на невработеноста. Сепак, и овде, царинската заштита има оправдание само ако е привремена, т.е. кога економијата ќе излезе од рецесијата, царините треба да се вратат на претходното ниво.[4]
  • Економски неоправдани аргументи за протекционизмот се: царините кои се резултат на лобирањето од моќните бизнис-групи, царините насочени против конкуренцијата од поевтиниот странски труд, царините како реципрочна мерка (одмазда) против други земји итн. Често, царините се резултат на лобирањето на моќните стопанственици кои така си ги бранат своите лични интереси, т.е. го штитат својот бизнис под маската дека го бранат националниот интерес. Исто така, и самите политичари често застапуваат популистички политики на зголемување на царините, повторно со паролата дека ги бранат националните интереси, сакајќи да ги придобијат гласачите. Во развиените земји, чести се барањата за воведување царини на производите кои доаѓаат од земјите во кои се ниски платите. Во овој случај, најчесто оправдувањето е дека со царините домашната економија се брани од нелојалната конкуренција. Меѓутоа, вистинската причина е настојувањето на синдикатите да ги заштитат интересите на своите работници. Најпосле, земјите воведуваат царини како одговор на царините што другите земји ги вовеле против нив.[5]

Трендови во меѓународната трговија[уреди | уреди извор]

Светската трговија на различните добра и услуги на долг рок покажува вонредно брз пораст. Во периодот по 1950 година, пораст на меѓународната трговија бил далеку над порастот на светскиот доход. Високоразвиените земји се најголемите светски извозници на добра и услуги. Економски високоразвиените земји во целина учествуваат во вкупниот светски извоз со 68%, земијте во развој со околу 20%, а земијите на Источна Европа со околу 10%.[6]

Степен на трговска отвореност на избрани земји (процентуално учество на извозот на стоки во БДП по цени од 1990 година).[7]
Земја 1870 1913 1929 1950 1973 1992
САД 2,5 3,7 3,6 3,0 5,0 8,2
Канада 12,0 12,2 15,8 13,0 19,9 27,2
Австралија 7,4 12,8 11,2 9,1 11,2 16,9
Обединето Кралство 12,0 17,7 13,3 11,4 14,0 21,4
Германија 9,5 15,6 12,8 6,2 23,8 32,6
Франција 4,9 8,2 8,6 7,7 15,4 22,9
Шпанија 3,8 8,1 5,0 1,6 5,0 13,4
Јапонија 0,2 2,4 3,5 2,3 7,9 12,4
Кореа 0,0 1,0 4,5 1,0 8,2 17,8
Тајван 0,0 2,5 5,2 2,5 10,2 34,4
Тајланд 2,1 6,7 6,6 7,0 4,5 11,4
Аргентина 9,4 6,8 6,1 2,4 2,1 4,3
Бразил 11,8 9,5 7,5 4,0 2,6 4,7
Мексико 3,7 10,8 14,8 3,5 2,2 6,4
Свет 5,0 8,7 9,0 7,0 11,2 13,5

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Таки Фити, Економија (четврто издание). Скопје: Култура, 2014, стр. 482.
  2. Таки Фити, Економија. Скопје: Економски факултет – Скопје, 2006, стр. 452-453.
  3. Таки Фити, Економија. Скопје: Економски факултет – Скопје, 2006, стр. 461-462.
  4. Таки Фити, Економија. Скопје: Економски факултет – Скопје, 2006, стр. 466-467.
  5. Таки Фити, Економија. Скопје: Економски факултет – Скопје, 2006, стр. 467-468.
  6. Таки Фити, Економија. Скопје: Економски факултет – Скопје, 2006, стр. 450.
  7. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 11.