Зоре Хоџулова и Перјенац Перисавиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија

Зоре Хоџулова и Перјенац Перисавиќ (српско-хрватски: Zore Hodžulova i Perjenac Perisavić) - народна песна (бугарштица).

Содржина[уреди | уреди извор]

Пред дворецот на Хоџул Скрадињанин девојките играат оро, а нив ги предводи Зора Хоџулова. Во далечината, таа го здогледува нејзиниот девер Перисавиќ и го прашува за сопругот Хоџул, за синот Радиќ и за зетот Ѓуро. Јунакот ѝ раскажува како погинале тројцата: Хоџул се борел храбро, но му се скршила сабјата и така го убиле Турците; синот Радиќ се пресекол со сабјата на челото обидувајќи се да ја тргне косата од очите и тогаш го убиле Турците; зетот Ѓуро погинал така што го позајмил својот коњ, а тој бегал пеш, но Турците го стигнале. Тогаш, ранетиот Перисавиќ паѓа од коњот во рацете на Зора, која го пренесува во дворецот и таму ја оплакува смртта на четирите јунаци.[1]

Осврт кон песната[уреди | уреди извор]

Во песната се обработува настан по завршувањето на битката на Крбавско Поле (1493 г.) при што снаата разговара со деверот Перисавиќ, кој ранет се враќа од бојното поле. Основата на песната ја сочинува троен паралелизам: три прашања, три одговори за смртта и три тажаленки. Во средиштето на песната е стравот на мајката за синот, сликата за неговата смрт и тажењето за него. Секој дел од песната е толку прецизно изработен, што би можел да постои како посебна песна, но сите заедно прават совршена целина. На крајот, токму во мигот кога се јавува опасноста од монотонија во песната, пејачот ја нарушува тројната основа така што додава и четврта смрт, онаа на деверот Перисавиќ, како и четврто тажење. Исто така, народниот пејач внесува и контраст во песната, која почнува со орото што го играат девојките, продолжува со лошите вести од бојното поле и завршува со тагување за четирикратната смрт. Притоа, на крајот од песната, во тагувањето, метафорите од сватовските песни добиваат мрачен призвук.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Bugarštice“, во: Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 46-48.
  2. Vladan Nedić, „Bugarštice“, во: Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 77.