Дудица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дудица

Поглед на Дудица од запад
Висина &100000000000021320000002.132 м
Место Македонија Македонија,  Грција
ВенецКожуф
Прво освојувањенепознато

Дудицаврв во средишниот дел на главниот срт на протегање на планината Кожуф, во Република Македонија на самата граница помеѓу Македонија и Грција. Неговата височина изнесува 2.132 метри.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на врвот Дудица

Високо над густите столетни борови и елови зимзелени шуми помешани и со буки и лески над изворишниот дел на Бошава, над долината на нејзините изворишни челенки и притоки Стара Река и Жарница, на самиот југоисточен крај на главниот срт на протегање и планинско било на Кожуф се наоѓа врвот Дудица висок 2132 метри[1]. Дудица се наоѓа на самиот јужен крај на Кожуф на планинскиот срт по кој води и македонско-грчката државна граница, а од неа се пружа убава глетка на целото било на Кожуф со највисокиот врв Зеленбрег (2168 м.), Порта (2097 м.), а кон запад и на Ниџе и Кајмакчалан, додека кон север е пространата  висорамнина Витачево и Тиквешијата, а на југ занимливите карпести амфитеатрални облици кон котлината Меглен[1]. Самиот врв Дудица има мал зашилен облик, а по неговите стрмни падини покрај изобилството од боровинки на тревнатите ливади има и сипари со ситни раздробени камења и песокливи засеци, а самата почва е полна со разни минерални суровини за што сведочат бројните минерални извори на вода, рудниците за сумпор, никел, талиум, лорандит (Алшар) во непосредната и малку подалечна околина.

Искачување[уреди | уреди извор]

До врвот Дудица може да се пристапи од две страни и тоа од: кавадаречко – од селото Конопиште и одморалиштето Михајлово сместено во густата недопрена шума одејќи кон југ до изворишните подрачја на Жарница и Стара Река искачувајќи го и врвот Пулевец (1669 м.) искачувајќи се на сртот од каде може да се оди сè до Дудица, и од гевгелиско – од излетничката населба Смрдлива Вода и ски-центарот „Кожуф“ од каде искачувајќи се на највисокиот кожуфски врв Зеленбрег и одејќи само по сртот на Кожуф минувајќи го и врвот Порта и долот на Капетанова Чешма се искачува на Дудица. Искачувањата од двете страни изискуваат долго времетрање, но самата околина и природа нудат одлични можности и за кампување со шатори[1].

Предание за настанокот на името[уреди | уреди извор]

За името на врвот Дудица и околните Мирчева Пресека – Стара Мирчевица и Дебранец постои народно предание за настан кој се случил околу 1770-1775 година кога братот Мирче и сестрата Дуда кои биле големи сточари со илјадни стада биле нападнати од Арнаути – „Дебрани“. Во една пресека биле колибите и трлата на Мирче, а преку другиот рид наблизу се наоѓала тајфата на сестра му Дуда [2]. И таа имала силно стадо неброено. Се арно им било. Како што бил редот во планињето се раѓале, живееле и таму умирале. Така од бога, си мислеле Мирчевци, е обречено. Ама една година невидена соспија беше ги согорело. Уште во зорнината над дваесетина дебарски Арнаути го бастисале стадото и колибите на Дуда. Настасале како навеишта, ги истргнале сабјите-колаклии и нагнале да колат и грабат стока. Дуда сама не можела да им се спротивстави. Се подкачила од високите чукари и до што ја држело грло, извикала: “Мирчее, братеее !...Арамии... Помагај ни!“[2]. Мирче слушнал и скипел од лутина. До што имал човек во тајфата, се на нога се дигнало и се наоружало. Ги извадиле пушките евѕалии од буките, ножевите, срповите и соровите, и се што им се вдало в раката земале и удриле на запустикуќниците. Започнала борба на живот и смрт. Свиштеле куршуми на сите страни, се давеле гуша за гуша, со рацете грклани си ваделе еден на друг, се боделе и касапеле со камите со тешките остри балтии замавнувале, небаре дрва трупале; `рвјачеле пцетата, го давеле душманот; виштеле, ѕипале атиците и далосано бегале се слушнале пискотници до небеси. Арно ама арамилокот на Арнаутите им бил занает, стада и стада пленеле, бачои и бачои испустеле и народ поклале. И дури една група арамии се борела, другата успеала да го преполови стадото и да го затера. Мирче видел дека арамиите еден по еден се извлекувале од јанганот со се стадо. Многу од неговите ги убиле и исклале. Не се помирил натрапниците да избегаат со се стока. Им наредил на жените : “Кинете петлиците, уронете ги ѓерданите да ги наполниме пушките!“ Брзо работеле. Помагале и децата. Ставале барут во цевките, пикале крпи и со праќе набивале. Дваесетина мажи, дрчни и силни, со пците грабанале да трчаат низ ормањето за да ги пречекаат арамиите и им го откинат стадото. Трчале со таква сила како сто нозе да имале и како да по две срца носеле. Додека очи гледале и додека душа колкала, не ги оставиле арамиите мирно да го тераат стадото. На една преслапка јурнале на нив. Зајачале пушките пците ги нас`снале да ги дават. Неколцина Арнаути покосени се струполиле на земји. Другите се исплашиле, стадото го оставиле и се димлосале во џенем. Стоката забасале по ормањето. Неколку дена ја прибирале. Големо изгиниште беше го снашло Мирче и сестра му Дуда[2]. Живеел се на стреж. Во секој миг можело да дојдат пак, оти така лесно не ќе се смадреле. Пред да стегне цибрењето и да клапнат снеговите на пресеките и ридиштата, рудините и долините, Мирче со преполовена тајфа и со стадото го напуштил засекогаш Кожуф[2]. Настурил во испустилиштето на с. Чемерско. Аранаутите навистина се вратиле, во бес ги исклале чемерчани и куќите им ги опожариле, жив човек не останал[2]. Според името на сестра му Дуда, бил наречен и врвот Дудица.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Шаревски, Марио (2018). Брошура „12 Врвови“ Врвните убавини на Македонија, Сезона III. 2018/2019. стр. 18
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Андонов, Киро (1981). „Мирчева пресека, Дудица и Дебранец“. Македониум. Посетено на 23 септември 2019.