Друга земја

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Друга земја“ (англиски: Another Country) — роман на американскиот писател Џејмс Болдвин од 1962 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Прва книга[уреди | уреди извор]

  • Прва глава: Руфус Скот, Афроамериканец од Харлем и поранешен џез-тапанар, скита низ улиците на Њујорк, осамен и гладен. Додека бесцелно шета ваму-таму, тој се сеќава на неговиот последен настап во еден бар, пред седум месеци, кога ја запознал Леона, разведена бела жена од Југот на САД. По свирката, Руфус ја поведол со себе на забавата кај еден познат музичар, каде имале сексуален однос на балконот. По завршувањето на забавата, тие заминале во неговиот стан и потоа продолжиле да жиеват заеедно. Продолжувајќи да скита низ улиците, Руфус застанува пред еден ресторан и му приоѓа непознат човек, кој го чести со сендвич и пиво. Руфус знае дека човекот очекува сексуална услуга од него (зашто и претходно имал такви случки), но успева да се совлада и си заминува. Таа случка го потсетува на дамнешната средба со Ерик, кој некое време бил негов љубовник. Бидејќи нема идеја каде да се упати, Руфус го посетува својот најдобар пријател Вивалдо, кој му соопштува дека сите негови роднини и пријатели се загрижени поради неговото ненадејно исчезнување пред еден месец. Руфус се наоѓа во бедна состојба и се потсетува на заедничкиот живот со Леона, исполнет со кавги и тепачки. Таквата мачна состојба траела до денот кога Вивалдо ја преселил Леона во својот стан за да ја заштити од насилничкото однесување на Руфус, а потоа таа завршила во болница од каде нејзините роднини на вратиле во родниот крај. Вивалдо и Руфус одат во еден бар каде ги среќаваат нивните пријатели Кес и Ричард Силенски, кои го прославуваат објавувањето на Ричардовиот роман. Кес ја забележува очајната состојба во која се наоѓа Руфус и се обидува да го утеши, давајќи му и малку пари. По некое време, во барот се појавува Џејн, повремената девојка на Вивалдо. Тогаш, Руфус го напушта барот, некое време бесцелно се вози со возот низ градот, а потоа оди на мостот „Џорџ Вашингтон“ и се фрла во реката.[1]
  • Втора глава: Утредента, во домот на Кес и Ричард доаѓа Ида, сестра му на Руфус, многу загрижена поради тоа што веќе подолго време не може да го пронајде својот брат. По некое време пристигнува и Вивалдо, кој чувствува вина поради тоа што претходната ноќ не се погрижил за Руфус. Неколку дена подоцна, Ричард ја известува Кес дека полицијата го пронашла мртвото тело на Руфус. Вивалдо и Кес присуствуваат на погребната служба која се одржува во една капела, но не одат на закопот на Руфус. Додека се враќаат дома, Вивалдо ѝ признава на Кес дека е вљубен во Ида.[2]
  • Трета глава: Ноќта пред закажаната средба со Ида, Вивалдо се мачи додека го пишува својот роман, размислувајќи за својата осаменост и за осаменоста на светот околу него. Тогаш, тој се сеќава на својата прва средба со Ида: пред осум години, Руфус го поканил дома и тогаш првпат ја видел Ида, која тогаш имала 14-15 години. Утредента, Вивалдо и Ида одат заедно на гости во новиот стан на Кес и Ричард, чиј роман конечно бил објавен. Таму доаѓаат неколку важни гости од издавачката куќа на Ричард и од телевизијата и Вивалдо сфаќа дека домаќините ја организирале средбата со цел да му помогнат на Вивалдо да го објави неговиот роман. Соочен со таа прилика, Вивалдо е нервозен и се однесува воздржано, а истовремено ја навредува Ида. Потоа, обидувајќи се да се смири со неа, тој отворено ѝ кажува дека многу ја сака. Тие ја напуштаат седенката порано и одат во станот на Вивалдо каде водат љубов.[3]

Втора книга[уреди | уреди извор]

  • Прва глава: Ерик се наоѓа на одмор на морскиот брег во јужна Франција, заедно со својот млад љубовник Ив. Утредента, тој треба да отпатува за Париз, а оттаму за Њујорк, каде му е понудена улога на Бродвеј, а подоцна треба да му се придружи Ив. Непосредно пред враќањето во Њујорк, Ерик се присетува на својот заеднички живот со Ерик, како и на детството поминато во Алабама: родителите меѓу кои немало љубов, почетокот на неговата хомосексуалност, нетрпеливоста на околината кон него, симпатијата кон Црнците и првиот негов љубовник. Исто така, свесен дека тоа е неговиот последен ден со Ив, Ерик се сеќава на нивната прва средба и на првиот сексуален однос. Ноќта, Ерик и Ив страсно водат љубов, а изутрината ја напуштаат вилата.[4]
  • Втора глава: Ерик пристигнува во Њујорк. Градот му изгледа туѓ и одбивен, а сè уште го мачи разделбата со Ив. Тој оди во посета на Кес и Ричард, со намера заедно да го посетат барот во кој треба да пее Ида. Таму, Кес му раскажува за последните денови на Руфус, а потоа пристигаат децата, истепани од група црнечки деца, па Кес и Ричард мора да останат дома и Ерик заминува сам во барот. Таму, тој се среќава со Ида и со Вивалдо. Потоа, Ида за првпат во животот се качува на сцената, пеејќи неколку песни и ги воодушевува сите присутни, вклучувајќи го и телевизискиот водител Елис, кој намерно дошол за да го види нејзиниот настап. Тој ѝ предвидува блескава кариера, а Вивалдо повторно се однесува љубоморно.[5]
  • Трета глава: Кес му се јавува на Вивалдо и закажува средба со него на која му раскажува за своето незадоволство од брачниот живот со Ричард. Вивалдо настојува да ја смири, а по нивната разделба, Кес го посетува Ерик и ја минува ноќта во неговиот стан, каде тие се согласуваат да постанат љубовници при што го имаат првиот сексуален однос. За тоа време, Вивалдо дознава дека Ида не се вратила на работа по состанокот со Елис. Неколкупати, тој телефонира во својот стан и утврдува дека Ида не е ниту таму и, поради тоа, неговата љубомора се зголемува уште повеќе. Разочаран, тој скита бесцелно низ улиците и ја среќава поранешната девојка Џејн, која го навредува. Потоа, тој навраќа во еден бар каде среќава тројца познаници, заедно со нив пие, а потоа сите се качуваат на покривот од една зграда, пушејќи марихуана. Таму, Вивалдо ја дочекува зората.[6]
  • Четврта глава: Вивалдо и Ида сознаваат за врската не Кес и Ерик, а Ида не ја оправдува. Еднаш, Кес и Ерик ги канат Ида и Вивалдо на кино, каде гледаат француски филм во кој Ерик има мала улога. Тогаш, тие им ја соопштуваат веста дека Ерик добил понуда за снимање во Холивуд. Потоа, Ерик го кани Вивалдо во неговиот стан, каде до зората разговараат за своите љубовни проблеми. Во меѓувреме, Ида и Кес одат во еден ноќен клуб каде ги пречекува Елис. Така, Кес дознава за неверството на Ида. Кога Кес се враќа дома, таму ја пречекува пијаниот Ричард кој ја испитува, сомневајќи се дека таа му е љубовница на Вивалдо, а истовремено тој знае за врската меѓу Ида и Елис. Ричард ѝ ја изјавува на Кес својата љубов и ја моли да му се врати, но кога таа му признава дека одржува љубовна врска со Ерик, тој силно ја удира.[7]

Трета книга[уреди | уреди извор]

  • Прва глава: Вивалдо ја минува ноќта во станот на Ерик каде имаат сексуален однос, откривајќи дека меѓусебно се сакаат. Изутрината, Ерик добива потврда дека наскоро треба да започне снимањето на филмот кој треба да му го отвори патот до успехот. Потоа, нему му се јавува Кес која му закажува средба при што двајцата се свесни дека тоа е крај на нивната љубовна врска. Во мешувреме, Вивалдо се враќа дома каде ја затекнува Ида и таа му признава за љубовната врска со Елис. Вивалдо е погоден од нејзиното неверство, но истовремено чувствува дека сè уште ја сака.[8]
  • Втора глава: Ив пристигнува на аеродромот каде го чека Ерик и двајцата чувствуваат смиреност благодарение на блиската средба.[9]

За книгата[уреди | уреди извор]

Болдвин започнал да работи на романот во Гринич Вилиџ (Greenwich Village) во 1948 година, а работата ја продолжил за време на престојот во Париз и потоа повтонро во Њујорк,[10][11]:195 а романот го завршил во Истанбул, на 10 декември 1961 година.[12] Истовремено, во 1959 година, тој добил стипендија од Фордовата фондација (Ford Foundation) во износ од 12 000 долари како поддршка на работата на книгата.[11]:157

„Друга земја“ претставува уметнички најартикулирано дело на Болдвин. Трагичната и гротескната потрага по сопствениот човечки идентитет, како општа тема присутна во современиот американски роман, во „Друга земја“ е вообличена во панорама чија општествена смисла е митски транспонирана. Неколкумина млади талентирани луѓе го бараат идентитетот на своето постоење во творештвото и во љубовта во рамките на општата временска суровост и во осаменоста на њујоршката бучава. Помалку или повеќе, сите тие се прогонети, како црнците така и „белите црнци“, но тоа ја претставува нивната вредност во бесмисленоста на општеството во кое се движат. Таа вредност се гледа во силната емоционална ангажирнаост во сопствените животи, во нивните „изаопачени“ меѓусебни односи, во тоа што тие не се ниту интелектуални марионети ни бегалци, туку луѓе кои живеат во своето време дури и кога најостро му се спротивставуваат. Нивните трагични неуспеси, морбидности и неврози се само слика на светот во кој силните поединци не можат да останат нормални. Метафоричната потка на романот се состои во свеста за љубовта како единственото но залудното подрачје во потрагата на човечкиот идентитет: на тоа подрачје никој не може да стане она што не е, иако може, со доовлно трагична смелост, да го открие она што е. Во љубовните односи на ликовите во романот над љубовта постојано се надвиснува сенката на расната нетрпеливост. Притоа, сите љубовници во романот се движат во светот во кој идеалот на моќта како доминација надвладува над идеалот на моќта како творештво, па перверзијата на тој морален поредок се одразува и врз најинтимните лични односи. Затоа, Ида се определува за кариерата наспроти љубовта, успехот на Ричард значи пропаст на неговиот однос со сопругата, а бесцелноста е цената која ја плаќаат сите ликови за својата емоционална и интелектуална автентичност. За Болдвин, љубовта е подрачје во кое човекот, низ свиреп и ироничен парадокс, ја открива природата на себеси и на светот во кој живее, а не можност за духовно бегство од времето. На тој начин, кај Болдвин, сликата на трагичната љубов добива митска димензија поради тоа што останува трагична дури и кога пред неа не се наоѓа никаква видлива надворешна пречка, кога љубовниците не ги делат предрасудите на своето општество и кога љубовниот однос се обликува со потполна автентичност и егзистенцијална сила.[13]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 7-122.
  2. Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 123-173.
  3. Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 175-245.
  4. Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 247-305.
  5. Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 307-361.
  6. Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 363-428.
  7. Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 429-512.
  8. Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 513-582.
  9. Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 583-588.
  10. Dievler, James A. (1999). „Sexual Exiles: James Baldwin and Another Country“. James Baldwin Now. New York: New York University Press. стр. 163, 173–181. ISBN 0-8147-5617-4.
  11. 11,0 11,1 Leeming, David. 1994. James Baldwin: A biography. New York: Knopf. ISBN 0-394-57708-6.
  12. Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 588.
  13. Svetozar Koljević, „Pogovor“, во: Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 591-596.