Демофест

Од Википедија — слободната енциклопедија
Демофест
Локација Тврдина Кастел, Бања Лука, Босна и Херцеговина
Години активност 2008-денес
Датум Три дена во јули
Жанр Рок, Панк, Метал, Хип-хоп, Реге
Портал jelendemofest.org

Демофест (цел назив: Јелен Демофест) е музички фестивал кој секоја година се одржува на тврдината Кастел во Бања Лука, град кој е втор по големина во Босна и Херцеговина. Фестивалот е основан во 2008. година, со идеја да се даде можност за развој на новите бендови и да се помогне во оживувањето на рок сцената на просторот на поранешна Југославија, а денес е еден од најголемите фестивали за демо бендови во југоисточна Европа и еден од најголемите бесплатни фестивали во тој регион.

Демофест содржи натпреварувачки и ревијален дел. Учеството во натпреварувачката програма е отворено за сите авторски демо бендови кои свират рок, панк, поп, метал, хип-хоп или реге жанр, а потекнуваат од Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Црна Гора, Хрватска и Србија. Во ревијалната програма на фестивалот учествуваат регионални и светски музички ѕвезди, а некои од најпознатите имиња кои настапите се Guano Apes, Kosheen, Gentleman, Stereo MCs, Kelis, Fun Lovin' Criminals, Кирил Џајковски, Dubioza Kolektiv, S.A.R.S., Psihomodo Pop, Partibrejkers и други. На Јелен Демофест настапиле и неколку македонски бендови меѓу кои и Визија, Smoke Shakers, Dead shot, Brooka, Dan Rice и други.

Во периодот од 2008 до 2015 година, за учество на фестивалот се пријавиле преку 3.000 демо бендови, а во ревијалната програма настапиле 61 изведувач. Влезот на сите фестивалски содржини е бесплатен, а во последните неколку години секое издание на фестивалот привлекува преку 40.000 посетители.[1]

Демофест во 2013 година е внесен на списокот на UNESCO, како проект од посебно значење за поврзување и развој на културите во земјите во Европа.[2]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2015-07-10. Посетено на 2015-08-30.
  2. http://www.unesco.org/culture/dialogue/2010iyrc/projects/project.php?id=496