Демократска партија (САД)

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Лого на Демократската партија на САД.
Соединети Американски Држави
Great Seal of the United States (obverse).svg

Оваа статија е дел од серијалот:
Политика на Соединетите Американски Држави



Други земји · Атлас
 Портал „Управување со САД“

Демократската партија моментално е една од двете најголеми политички партии во Соединетите Американски Држави, заедно со Републиканската партија. Социјално либералната и прогресивна платформа на партијата, ја сместува во централната левица во политичкиот спектар на САД. Партијата има рекорд во најдолго непрекинато дејствување во САД и е една од најстарите политички партии во светот. Барак Обама е петнаесеттиот демократ на функцијата претседател на САД.

Од 112-тиот Конгрес, по изборите во 2010 година, Демократската партија има мал број на места во Претставничкиот дом, но има најголем број на места во Сенатот. Моментално има најмалку државни гувернерски места, како и најмалку државни законодавни тела.

Содржина

Историја[уреди]

Демократската партија се формирала од анти-федералистички групи кои биле против фискалната политика на Александар Хамилтон во раните 1790-ти. Томас Џеферсон и Џејмс Медисон ги организирале овие групи во Демократско-републиканска партија. Партијата ги поддржувала правата на државите и строгото придржување кон Уставот, a била против Народната банка и паричните интереси. Демократско-републиканската партија дошла на власт на изборите во 1800 година.

По војната во 1812 година, главниот ривал на партијата, Федералната партија, се распаднала. Претставниците на Демократско-републиканската партија имале поделени мислења за изборот на наследник на претседателот Џејмс Монро, па затоа групите во партијата кои ги поддржувале многуте стари принципи на Џеферсон, предводени од Ендру Џексон и Мартин Ван Бурен, ја создале Демократската партија. Заедно со Партијата на виговците, Демократската партија била водечка партија во САД, се до граѓанската војна. Виговците биле партија на трговци и фабриканти и биле помалку популарни, иако имале подобра финансиска состојба. По мексиканско-американската војна, виговците имале поделени мислења во врска со ропството и постепено исчезнале од политичката сцена. Во 1850-те години, под притисок на Законот за избегани робови и Актот на Канзас и Небраска, демократите кои биле против ропството ја напуштиле паријата. Здружувајќи се со членови на постоечки или на партии кои биле во фаза на распаѓање, ја формирале Републиканската партија.

Демократите од Северот и Југот имале поделени мислења за изборот на наследник на претседателот Џејмс Буканан, а Републиканската партија добила превласт на изборите во 1860 година. Со започнувањето на Американската граѓанска војна, демократите од Северот биле поделени на „демократи за мир“ и „демократи за војна“. Сметајќи ги партиите за зло, Конфедеративните Американски Држави немале партии. Во 1864 година, повеќето од „демократите за војна“ застанале на страната на Републиканскиот претседател Абрахам Линколн и на страната на Националната обединета партија на републиканци, која го етикетирала Ендру Џонсон како демократ од Југот. Џонсон го заменил Линколн во 1865 година, но останал независен од двете пратии. Демократите имале добивка од незадоволството на белците од Југот поради реконструкцијата по војната и нивните судири со Републиканската партија. Откако коалициите ја завршиле реконструкцијата во 1870-тите и започнало екстремното насилно обесправување на Афро-американците во 1890-тите, Jугот, гласајќи за демократите станал познат како „Солиден Југ“. Иако републиканците ги добиле сите освен два претседателски избори, демократите останале конкурентни. Во партијата доминирале про-бизнис ориентираните бурбонски демократи, предводени од Семјуел Џ. Тилден и Грувер Кливленд, кои се залагале за развој на трговијата, банкарството и железницата, спротивставувајќи се на империјализмот и прекуокеанска експанзија, се бореле за златниот стандард наспроти биметализмот и се бореле против корупција, високи даноци и царинење.

Аграрните демократи барајќи „Слободно сребро“, ги симнале од власт бурбонските демократи во 1896 година и го предложиле за претседател Вилијам Џенингс Брајан (предлог кој бил повторен во 1900 и 1908 година од страна на демократите). Брајан водел жестока кампања во која ги напаѓал источните материјални интереси, но сепак изгубил од републиканецот Вилијам Меккинли. Демократите презеле контрола над Претставничкиот дом на Конгресот во 1910 година и за претседател го избрале Вудро Вилсон во 1912 и 1916 година. Вилсон ефективно го водел Конгресот кон нови прогресивни закони за искоренување на проблемите со царинење, пари и антимонополизам кои ја диктирале политиката во последните 40 години. Поради Големата депресија која се случила во 1929 година за време на републиканскиот претседател Херберт Хувер и републиканскиот Конгрес биле подготвени за полиберална влада. Демократите имале контрола врз Претставничкиот дом континуирано од 1931 до 1995 година и ги добиле повеќето претседателски избори се до 1968 година. Френклин Д. Рузвелт кој бил избран за претседател во 1932 година прикажал владини програми наречени Нов договор. Новиот договор промовирал општо добро, работнички унии, граѓански права и регулирање на бизнисот. Противниците кои се залагале за долгорочен раст, поддршка за бизнисот и ниски даноци започнале да се нарекуваат себеси „конзервативци”.

Проблемите со кои се соочувале партиите и САД по Втората Светска војна ги вклучувале Студената војна и Движењето за граѓански права. Републиканците ги придобивале конзервативците и источњаците од демократската коалиција со нивното спротивставување на Новиот договор и Либералното големо општество, како и со републиканската употреба на источната стратегија. Афро-американците кои традиционално ја поддржувале републиканската партија, започнале да ги поддржуваат демократите кои го следеле подемот на администрацијата на Френклин Рузвелт, Новиот договор и Движењето за граѓански права. Основната поддршка на Демократската партија станал североистокот, обележувајќи драматичен пресврт во историјата. Бил Клинтон бил избран за претседател во 1992 година, владеејќи како Нов демократ. Демократската партија ја изгубила контролата врз Конгресот на изборите во 1994 година од Републиканската партија. Повторно избран во 1996 година, Клинтон бил првиот демократски претседател кој бил избран два мандати, после Френклин Рузвелт. После дванаесет годишно републиканско владеење, на изборите во 2006 година, Демократската партија вратила поголем дел од контролата врз Домот и Сенатот. Некои од главните проблеми на партијата во почетокот на 21 век, истакнати во нивната последна платформа, биле методите за борба против тероризмот, домашната безбедност, проширување на пристапот за грижа на здравјето, права на работниците, чиста околина и зачувување на либералната владина програма. На изборите во 2010 година Демократската парија ја изгубила контролата над Домот, но го зачувала мнозинството во Сенатот (намален после 111-тиот Конгрес). Исто така го изгубила мнозинството државни гувернерски места и државни законодавни тела.

Демократската партија има потекло од демократско-републиканската партија формирана од Томас Џеферсон, Џејмс Медисон и други важни опоненти на федералистите во 1792 година. Таа партија исто така ги инспирирала виговците и модерните републиканци. Како партија, се издигнала во 1830-тите со изборот на Ендру Џексон. После поделбата од Републиканската партија на изборите во 1912 година, постепено се поставила како левица на Републиканската партија во врска со економските и социјалните прашања. До периодот по донесувањето на Законот за граѓански права во 1964 година, Демократската партија првенствено била коалиција на две партии поделени по региони. Демократите од Југот добивале високи конзервативни оценки од страна на Американската конзервативна унија, додека пак демократите од Северот добивале ниски оценки. Демократите од Југот биле суштински блок на двопартиската конзервативна коалиција која постоела во периодот на Реган. Економската фолозофија на активистот Френклин Рузвелт, која силно влијаела врз Американскиот либерализам, го формирала поголемиот дел од економската агенда на партијата од 1932 година и служела за да ги спои двата партиски региони се до доцните 1960-ти. Всушност коалицијата за Нов договор на Рузвелт ја контролирала националната влада се до 1970-тите.

Според анкетата на институтот Галуп, во 2010 година, 31% од Американците се декларирале како демократи, 29% републиканци и 38% независни. Анкетата за регистрирани гласови на истражувачкиот центар Пју, издадена во август 2010 година, покажала дека 47% се демократи или се наклонети кон таа партија, а 43% се републиканци.

Моментална структура и состав[уреди]

Демократскиот национален комитет (ДНК) е одговорен за промовирање на демократските активности на кампањата. И покрај тоа што ДНК е одговорен за надгледување на процесот на пишување на демократската платформа, многу повеќе е фокусиран на кампањите и на организациската стратегија, отколку на јавната политика, а на претседателски избори ја надгледува Демократската национална конвенција. Националната конвенција е предмет на повелбата на партијата и највисокиот орган на Демократската партија кога заседава, а останатото време партијата ја води ДНК. На чело на ДНК моментално се наоѓа конгресменката од Флорида, Деби Васерман Шулц.

Демократскиот комитет за конгресна кампања им помага на кандидатите на партијата во трката за Претставничкиот дом, на чие чело моментално е претставникот за Њујорк, Стив Израел (избран на внатрепартиските избори). Слично, Демократскиот комитет за сенаторска кампања, моментално на чело со Сенаторот Пети Мареј од Вашингтон , покренува големи финански средства во трката за сенатор. Демократскиот комитет за законодавна кампања моментално на чело со Мајк Гронстал од Ајова, е помала организација со многу помалку средства во трките за државно законодавство. Демократската национална конвенција ја спонзорира студентската организацијата Колеџ-Демократи на Америка, која има цел да обучи и формира нова генерација на демократски активисти. Демократи во странство е организација за Американците кои живеат надвор од Обединетите Држави која работи за да ги прошири целите на партијата и да ги охрабри Американците кои живеат во странство да ги поддржат демократите. Младите демократи на Америка е организација предводена од младината, која се обидува да привлече и ангажира млади луѓе за демократски кандидати, но работи вон рамките на ДНК. Притоа, новоформираната гранка на Младите демократи, Кокус на средношколци се обидува да ја подигне свеста и активизмот меѓу тинејџерите не само да гласаат и волонтираат, туку во иднина и да учествуваат. Демократската асоцијација на гувернери , на чело со гувернерот на Мериленд, Мартин О’Мајли, е организација која ги поддржува кандидатурите на Демократските кандидати за гувернери и службеници. Исто така, градоначалниците на најголемите градови и урбани центри заседаваат со Националната конференција на демократски градоначалници.

Секоја држава исто така има Државен комитет, составен од избрани членови на комитетот како и екс-официо членови на комитетот (најчесто избрани службеници и претставници на големите изборни единици), кои избираат претседавач. Окружните, градските и реонските комитети се составени од индивидуалци избрани на локално ниво. Државните и локалните комитети често координираат кампањски активности во рамките на нивната надлежност, надгледуваат локални конвенции, а некогаш и прелиминарни или внатрепартиски избори, и може да имаат улога во номинирање на кандидати за изборните функции во државното законодавство. Ретко кога имаат многу финансии, но во 2005 година, претседавачот на ДНК започнал програма (наречена Стратегијата на 50 земји) за употреба на националните средства на ДНК ,за да им се помогне на сите државни партии и плаќање на вработенните професионалци со полно работно време.

Идеологија[уреди]

Од 1890-тите години, Демократската партија претпочитала либерален став (во овој случај терминот „либерален“ опишува социјален либерализам, а не класичен либерализам). Во последната предизборна анкета, Демократската партија имала голем одзив кај социо-етно-економските групи на население. Од минатото, партијата ги поддржувала фармерите, работниците, работничките синдикати и религиските и етничките малцинства, се спротивставувала на нерегулираните бизниси и финансии и претпочитала прогресивен данок на приход. Во надворешната политика, интернационализмот (вклучувајќи го интервенционизмот) била доминантна тема од 1913 година до средината на 1960-титте. Во 1930-тите години, партијата се залагала за програмите за социјална помош насочени кон сиромашните. Партијата имала конзервативно фискално, про-бизнис крило, претставувано од Грувер Кливленд и Ал Смит и јужно конзервативно крило кое се намалило откако претседателот Линдон Б. Џонсон го поддржал Законот за граѓански права од 1964 година. Најголемо влијание врз либерализмот имале работничките синдикати ( кои процветале во времето од 1936–1952) и афро - американското крило кое од 1960-тите постепено се зголемувало. Од 1970-тите, екологијата била нов главен компонент.

Во последните декади партијата усвоила центристичка економска и социјално прогресивна агенда, со значителна промена во непороменливото гласачко тело. Денес поддржуваат повеќе социјални слободи, афирмативни акции, избалансиран буџет и пазарна економија приспособена со владина интервенција (мешана економија). Економската политика усвоена од модерната демократска партија, вклучувајќија и поранешната администрација на Клинтон, е позната како „Трет Пат”. Партијата смета дека Владата треба да земе улога во намалување на сиромаштијата и социјалната неправда, како и употреба на системот за прогресивно оданочување.

Демократската партија, некогаш доминантна во југоисточните американски држави, сега е најсилна во североисточните држави (средината на Атлантикот и Нова Англија), регионот кај Големите Езера и брегот на Пацификот (вклучувајќи ја и Хаваи).

Либерали[уреди]

Социјал-либералите (модерни либерали) и прогресивците сочинуваат речиси половина од демократското непроменливо гласачко тело. Со тоа, либералите ја формираат најголемата соединета типолошка демографика од демократски гласачи. Според резултатите од предизборната анкета во 2008 година, либералите сочинувале 22% од електоратот, а 89% од американските либерали го поддржувале кандидатот на Демократската партија. Се до 1950-тите најмногу од канцелариските професионалци со високо образование биле републиканци. Сега тие го сочинуваат најважниот дел на Демократската партија. Голем број либерали преферираат универзална здравствена заштита, поддржувајќи го системот на единечен осигуреник. Многу од нив преферираат димпломатија, наместо воена акција, истражување на матични клетки, легализирање на хомосексуалните бракови, секуларна влада, построга контрола на оружјето, заштита на животната средина, како и задржување на правото за абортус. Имиграцијата и културната разновидност се сметаат за позитивни, либералите го поддржуваат културниот плурализам, систем во кој имигрантите можат да ја зачуваат својата култура, заедно со прифаќањето на нивната нова култура. Повеќето либерали се против зголемениот воен трошок и испишувањето на Десетте Божји Заповеди во јавните објекти.

Оваа идеолошката група се разликува од традиционално организираните работни основи. Според истражувачкиот центар Пју, плуралитет од 41% престојувале во богати домаќинства, а 49% биле дипломирани, највисока бројка од било која типографска група. Исто така, била типолошка група која најбрзо се развивала помеѓу доцните 1990-ти и раните 2000-ти. Либералите го сочинувале најголемиот дел од академијата и големи делови од професионалната класа.

Прогресивци[уреди]

Многу прогресивни демократи се потомци на Новата левица на демократскиот кандидат за претседател, Сенаторот Џорџ Мекгаверн од Јужна Дакота, а други биле вклучени во претседателските кандидатури на гувернерот на Вермонт, Хауард Дин и претставникот од Охајо, Денис Куцинич. Конгресниот прогресивен кокус е составен од прогресивните демократи и е единствената најголема демократска група во Претставничкиот дом. Негови членови се и Денис Куцинич од Охајо, Џон Коњерс од Мичиген, Џим МекДермот од Вашингтон, Џон Луис од Џорџија, Барбара Ли од Калифорнија, Сенаторот Пол Велстон од Минесота и Шерод Браун од Охајо (сега Сенатор). Америка гласа и Лидерска конференција за граѓански права, се либерални чадор организации, кои се залагаат за прогресивни цели.

Либертаријанци and граѓански либертаријанци (кои се залагаат за граѓански права и слободи)[уреди]

Некои либертаријанци ја поддржуваат Демократската партија бидејќи демократските ставови за прашањата, како што се граѓанските права и поделбата на црквата и државата, се поблиски до нивните отколку ставовите на Републиканската партија. Тие се против контрола на оружјето, употребата на дрога,протекционизам, корпоративна заштита, владини долгови и интервенционистичка надворешна политика. Демократскиот кокус за слобода е организирана група на оваа фракција. Некои граѓански либертаријанци,исто така ја поддржуваат партијата поради нивната поддршка на хабеас корпус (наредба за доведување затвореник пред суд) за незаконските борци, спротивставувањето за мачење на осомничените терористи, прислушкување без налог, притвор на неодредено време без судење или обвинение, Патриотскиот акт, поморската база во заливот Гвантанамо и за она што тие го сметаат за намалување на заштитата на Повелбата на правата.

Конзервативци[уреди]

Истражувачкиот центар Пју изјавил дека конзервативните демократи опфаќаат 15% од регистрираните гласови и 14% од генералниот електорат. Во Претставничкиот дом, Коалицијата Блу Дог, групата составена од фискални и социјални конзервативци и центристи, формираат дел од моменталната поделба на конзервативни демократи на Демократската партија. Во минатото дејствувале како обединет гласачки блок, давајќи им на своите четириесет членови можност за промена на законодавството и брокерски компромиси со раководството на Републиканската партија. Историски гледано, демократите од Југот биле идеолошки конзервативни. Во 1972 година, последната година кога голем број конзервативци доминирале во јужното крило на Демократската партија, Американската конзервативна унија им дала повисок рејтинг на повеќето јужни демократски сенатори и конгресмени отколку што им дала на републиканските.

Центристи[уреди]

Иако центристичките демократи имаат различни мислења за одредени прашања, тие обично прават комбинација од политички погледи и идеи. Во споредба со останатите демократски фракции, тие се стремат кон поддржување на употребата на воена сила, вклучувајќи ја и војната во Ирак, и се спремни да ја намалат помошта на Владата, на што укажува и нивната поддршка на социјалните реформи и намалување на даноците.Една од највлијателните фракции е Демократскиот управен совет, непрофитна организација која се залага за центристичките позиции во партијата. Претседателот Бил Клинтон го одобрува Демократскиот управен совет, како доказ за виталноста на политичарите од „Третиот Пат” и успешното дејствување на овој совет. Негов сегашен претседател е поранешниот претставник од Тенеси, Харолд Форд Помладиот. Во Претставничкиот дом и во Сенатот, центристите ја сочинуваат Новата демократска коалиција.

Непроменливо гласачко тело[уреди]

Професионалци[уреди]

Професионалците, оние кои имаат високо образование и чија работа се врти околу концептуализацијата на идеи, од 2000 година започнале да ја поддржуваат Демократската партија со мало мнозинство. Професионалната класа некогаш била упориште на Републиканската партија, но сега се повеќе е поделена помеѓу двете партии, повеќе наклонети во полза на Демократската партија. Зголемената поддршка за демократските кандидати меѓу професионалците може да се поврзе со социјално либералните вредности кај оваа група.

-Професионалците кои се, едноставно кажано, високо образовани производители на услуги и идеи, некогаш биле најжестоките републиканци од сите групи...повеќето работејќи за големи корпорации и бирократии, а не на своја рака и во голема мера под влијание на животната средина, граѓанските права и феминистичките движења – започнале да гласаат за демократите. Во четирите избори од 1988 до 2000 година, тие ги поддржале демократите во просек од 52% до 40%.

Студија за политичките ставови на студентите по медицина, утврдила дека голема е веројатноста студентите по медицина во САД, да бидат либерални отколку конзервативни, дури да бидат полиберални од останатите возрасни во САД. Идните лекари на САД може да бидат подостапни за либералните пораки отколку за конзервативните, и нивната политичка припадност може да влијае на нивните ставови за здравствениот систем. Слични резултати се добиени и кај професорите, кои се повеќе се наклонети кон либерализмот и Демократската партија отколку другите професионални групи. Демократската партија има поддршка и од научниците, со 55% од нив кои се декларираат како демократи, 32% независни и 6% како републиканци, од кои 52% се декларираат како либерали, 35% како опортунисти и 9% конзервативци.

Академија[уреди]

Академиците, интелектуалците и високо образованите заедно претставуваат важен дел од непроменливото гласачко тело. Академијата особено има тенденција да биде прогресивна. Во анкета во 2005 година, скоро 72% од членовите на факултет со полно работно време се декларирале како либерали, додека пак 15% се декларирале како конзервативци. Општествените и хуманистичките науки биле најлиберални дисциплини, додека бизнис била најконзервативна. Професорите со кариера на повисоко ниво, како и оние кои предаваат во елитните институции, се стремат да бидат најлиберални. Според друга анкета спроведена од УКЛА во 2001/02, 47,6% од научниците се декларирале како либерали, 34,3% како опортунисти и 18% како конзервативци.Процентот на професори кои се декларирале како либерали се движи од 49% во бизнис до повеќе од 80% во политичките и хуманистичките науки. Социолозите, како Брет О’Банон од Универзитетот Депаув, тврдат дека либералните мислења на професорите немаат големо влијание врз политичката припадност на студентите. Без разлика дали е тоа вистина или не, некои конзервативци и републиканци се жалаат дека се навредени, па дури и дека либералната атмосфера во кампусите на колеџите ја чувствуваат како закана. Започнувајќи од јули 2008 година Студентите за академска слобода, крило на центарот за слободи Дејвид Хоровиц, конзервативна организација, објавила листа од 440 поплаки од студенти, од кои повеќето се однесувале на либералната пристрасност на професорите.

Некои ја припишуваат либералната наклонетост на американските професори на полибералниот поглед што го имаат високообразованите.

Дипломците, станале демократи започнувајќи со изборите во 1992, 1996, 2000, 2004 и 2008 година. Интелектуализмот, тенденцијата постојано да се преиспитуваат проблемите, или со зборовите на Едвард Шилдс, „продирање позади екранот на непосредното конкретно искуство“, исто така бил спомнат како објаснување зошто академијата е строго демократска и либерална.

Иако демократите се добро претставени на постдипломско ниво, републиканците имаат поголеми шанси да достигнат четири годишно високо образование. Тенденциите од 1955, па се до 2004 година се прикажани по пол во графиконите, репродуцирани со дозвола од Демократи и републиканци – реторика и реалност, книга издадена од Џозеф Фрид во 2008 година. Овие резултати се базираат на анкети спроведни од Државните изборни студии, со поддршка од Националната фондација за наука.

Младина[уреди]

Студиите покажале дека во последните години младите гласачи се повеќе гласаат за демократски кандидати. И покрај поддршката на Роналд Реган и Џорџ Х.В.Буш , младите гласале во корист на демократскиот кандидат за претседател на секој избор после Бил Клинтон во 1992 година, и многу повеќе од нив се декларираат како либерали, отколку останатото население. На претседателските избори во 2004 година, демократскиот кандидат Џон Кери добил 54% од гласовите на гласачи кои спаѓаат во старосна група од 18 -29 години, додека републиканецот Џорџ Буш добил 45% од гласовите на истата старосна група. На среднорочните избори во 2006 година , демократите добиле 60% од гласовите од истата старосна група. Анкетите сугерираат дека младите гласачи се стремат да бидат полиберални од останатото население и имаат полиберални погледи за хомосексуалните бракови и универзалната здравствена заштита, помагајќи му на Барак Обама со 66% од нивните гласови во 2008 година. Младите демократи на Америка е здружена организација од членовите на партијата помлади од 36 години, кои се залагаат за прашањата на младината и работат за одзивот на младите гласачи.

Синдикати (организирани работници)[уреди]

Од 1930-тите, одлучувачки компонент на коалицијата на Демократската партија биле организираните работници. Синдикатите обезбедиле голем дел од парите, „Грасрут“ политичка иницијатива, и голем дел од непроменливото гласачко тело. Голема е веројатноста демократите да бидат претставувани од синдикатите, иако членството во синдикатите се намалило во последните неколку декади. Овој развој е прикажан во графиконот кој следи, од книгата Демократи и републиканци- реторика и реалност. Се базира на истражувања спроведени од Државната изборна студија.

Во текот на изминатиот половина век, историското намалување на членови во синдикатите било придружувано од порастот на процентната разлика на членови помеѓу јавниот и приватниот сектор. Денес, трите најзначајни работнички групи во демократската коалиција се Американската федерација на трудот и Конгрес на индустриски организации (АФЛ-ЦИО), работничките федерации Промена за победа и Националната асоцијација за едукација, голема, самостојна унија на наставници. АФЛ-ЦИО, како и работничките федерации Промена за победа, го истакнале нивниот главен законски приоритет за 2007 година со донесувањето на Актот за слободен избор на вработување. Други важни прашања за синдикатите се поддршка на индустриската политика, зголемувањето на минималните плати и промовирање на општествени програми како што се социјална сигурност и универзалната здравствена заштита.

Работничка класа[уреди]

И покрај тоа што работничката класа со намалувањето на бројот на синдикатите изгубила многу од својата политичка моќ, сепак останува упориште на Демократската партија и продолжува да биде важен дел од демократската основа. Денес, околу една третина од американската јавност е проценето дека спаѓа во работничка класа, со околу 52% кои се членови на работничката или на пониските класи. Сепак бидејќи мала е веројатноста да гласаат оние со понизок социоекономски статус, работничката и пониските класи се недоволно застапени во електоратот. Работничката класа се одликува со добра рутина и добро надледувана работа. Се состои од работници кои вршат канцелариска и физичка работа. Иако повеќето од работничката класа можат да си дозволат соодведен животен стандард, високата економска несигурност и можната лична придобивка од проширената мрежа на социјална заштита, го ставаат мнозинството од оваа класа лево од центарот во поглед на економските прашања.Повеќето демократи од работничката класа се разликуваат од повеќето либерали, во нивните поконзервативни погледи. Демократите од работничката класа се стремат да бидат порелигиозни и веројатно припаѓаат на етничкото малцинство. Општествено конзервативните и обесправените демократи спаѓаат во најмалку образуваните и најмалку платените демографски групи. Во 2005 година, само 15% имале високо образование, во споредба со 27% национален просек и 49% на либералите. Општествено конзервативните и финансиски обесправените заедно сочинувале околу 54% од демократската основа. Понатамошното значење на гласовите на работничката класа се манифестира во последните предизборни анкети на Си- Ен –Ен, според кои мнозинството од луѓето со ниски примања и ниско образованите гласале за Демократската партија.

Жени[уреди]

Иако непропорционалната разлика меѓу половите варирала со текот на годините , голема е веројатноста жените од сите возрасти да се декларираат како демократи. Последните анкети покажуваат дека 41% од жените се декларираат како демократи, а само 25% како републиканци и 26% како независни, додека 32% од мажите се декларираат како демократи, 28% како републиканци и 34% како независни. Исто и кај етничките малцинства, жените повеќе се декларираат како демократи отколку мажите. Исто така, голема е веројатноста американските жени кои се слободни, кои живеат со партнер, разведени, разделени или вдовици да гласаат за демократите отколку мажите во овие категории, за разлика од Американците кои се во брак, кои се поделени еднакво помеѓу демократите и републиканците. И во овој случај поголема е веројатноста жените да гласаат за демократите отколку мажите. Националната федерација на жени демократи е здружена организација која се залага за прашањата на жените. Национални организации на жените кои ги поддржуваат демократските кандидати се Листата на Емили и Националната организација за жени.

Односот на брачниот статус и родителството[уреди]

Голема е веројатноста Американците кои се слободни, живеат со партнер, разведени, разделени или се вдовец/ица да гласаат за демократите, спротивно на Американците кои се во брак, кои се поделени скоро еднакво помеѓу демократите и републиканците. Од истражувањата спроведени помеѓу 1996 и 2006 година на повеќе од 11.000 демократи и републиканци, било заклучено дека разликата во стапката на плодност помеѓу овие две партии не е голема. Додека пак, разликата во стапката на плодност помеѓу либералите и конзервативците е значително поголема, со тоа што кај либералите стапката на плодност е многу мала.

ЛГБТ заедница (заедница на лезбејки, геј, бисексуалци и транссексуалци)[уреди]

Според предизборните анкети на националните медиуми, Американците кои се хомосексуалци, бисексуалци и транссексуалци на националните избори обично гласаат за демократите, со процент од 70-77%. Во реоните во поголемите градови, каде што живеат повеќе хомосексуалци, процентот бил повисок, достигнувајќи 85-94%. Оваа наклонетост започнала уште во 1996 година кога Бил Клинтон добил 71% од гласовите на ЛГБТ заедницата, во споредба со 16% на Боб Дојл и 13% на останатите. Во 2000 година Ал Горе доби 70%, Џорџ Буш 25% и 5 % останатите, во 2004 година Џон Кери доби 77%, Џорџ Буш 23% а во 2008 година Барак Обама доби 70%, Џон Меккејн 27% и 3% останатите кандидати. Патрик Иган, професор по политика на универзитетот во Њујорк во областа на гласачките модели на ЛГБТ заедницата, го нарекува ова извонреден континуитет, велејќи „од година во година, околу три четвртини гласаат за демократите и една четвртина за републиканците“. Значајни демократи од ЛГБТ заедницата се сегашните претставници Барни Френк од Масачусетс, Тами Болдвин од Висконсин, Џаред Полис од Колорадо и Дејвид Сичелин од Роуд Ајленд. Последниот активист и надзорник на Сан Франциско Харви Милк бил демократ. Националната демократска група Стоунвол се залага за правата на ЛГБТ заедницата и е поврзана со Демократската партија. Кокус за рамноправност на ЛГБТ заедницата е конгресна група од 76 демократи и 1 републиканец, кој работи и се залага за правата на ЛГБТ заедницата во Претставничкиот дом.

Афроамериканци[уреди]

По завршувањето на граѓанската војна, Афроамериканците првенствено биле симпатизери на Републиканската партија поради нејзините големи политички и поконкретни напори за укинување на ропството, особено преку Прокламацијата за еманципација на претседателот Линколн. Југот долго време бил демократско упориште, прифаќајќи го правото на државата на легално ропство. Покрај тоа, редовите на младиот Кју Клукс Клан, скоро целосно биле составени од демократи белци кои биле лути поради лошиот третман од страна на северот и се спротивставиле на политиката во периодот на реконструкцијата во САД. Меѓутоа, како што минувале годините и сеќавањата исчезнувале, Афроамериканците започнале да преминуваат на страната на Демократската партија, поради реформите на Френклин Рузвелт со кои им била доделена економска помош на сите малцинства, вклучувајќи ги и Афроамериканците и Хиспанците. Поддршката на Движењето за граѓански права во 1960-тите од страна на демократските претседатели Џон Кенеди и Линдон Џонсон, им помогнала на демократите да добијат уште поголема поддршка од афроамериканската заедница, која доследно гласала за демократите со процент од 85-95%.

Денешни истакнати афроамерикански демократски политичари се Џим Клејбрн, Ед Таунс, Максин Вотерс, Џон Луис, Девал Патрик, Чарлс Ренџел, Џон Коњерс и сегашниот претседател на САД Барак Обама, кој успеал да освои повеќе од 95% од гласовите на Афроамериканците на изборите во 2008 година. Иако самостојна, Националната асоцијација за напредок на обоените луѓе често учествува во организирањето и одзивот на гласачите и се залага за прогресивни цели, особено за оние кои ги засегаат обоените луѓе. Во рамките на Претставничкиот дом, Конгресниот кокус на црнците, составен од 44 демократи црнци, служи да ги претставува интересите на Афроамериканците и се залага за прашања кои ги засегаат нив.

Хиспанци и Латиноамериканци[уреди]

Хиспанците, особено мексиканската американска популација на југозапад и порториканската и доминиканската популација на североисток, биле цврсти поддржувачи на Демократската партија. Тие најчесто имаат либерални погледи во врска со имиграцијата. На претседателските избори во 1996 година, демократскиот претседател Бил Клинтон освоил 72% од гласовите на Хиспанците. Но оттогаш, Републиканската партија имала се поголема поддршка од Хиспанската заедница, особено од Хиспанските протестанти и пентекосталци. Покрај полибералните погледи на Буш во врска со имиграцијата, тој бил првиот републикански претседател кој освоил 40% од гласовите на Хиспанците (на изборите во 2004 година). Сепак, поддршката за Републиканската партија од страна на Хиспанците се намалила на среднорочните избори во 2006 година, од 44% од гласовите на 30%, а демократите од 55% во 2004 година, освоиле 68% во 2006 година.

Со Барак Обама, на претседателските избори во 2008 година, демократите добиле 67% од гласовите на Хиспанците. Кубанските Американци и понатаму гласале за републиканците, иако имало забележителна промена од изборите во 2008 година. За време на тие избори, Барак Обама освоил 47% од гласовите на кубанските Американци во Флорида. Според предизборните анкети на Бендиксен, 84% од кубанските американски гласачи во Мајами-Дејд, кои се постари од 65 години го поддржале Меккејн, додека 55% од оние помлади од 29 години го поддржале Обама. Ова покажува дека младите кубански Американци се насочиле кон либерализам. Хиспански групи кои често ги поддржуваат прогресивните кандидати и цели, се Националниот совет на Ла Раца и Лигата на обединети латиноамерикански граѓани. Во Претставничкиот дом, демократска група на Хиспанци е Конгресниот хиспански кокус.

Низ 2000-тите, 60% или повеќе од регистрираните хиспански римокатолички гласачи, се декларирале како демократи или биле наклонети кон партијата.

Домородно население[уреди]

Демократската партија има голема поддршка од домородното население, особено во Аризона, Ново Мексико, Монтана, Северна Дакота, Јужна Дакота, Вашингтон, Алјаска, Ајдахо, Минесота, Висконсин и Северна Каролина. Иако процентот на ова население е намален (речиси и го нема во некои региони), повеќето реони населени со домородно население гласаат за демократите.

Евреи[уреди]

Заедниците на Евреите во Америка се стремат да бидат упориште за Демократската партија, со повеќе од 70% кои гласале за демократите на изборите во 2004 и 2006 година. Поддршката варира помеѓу одредени секташки групи. На пример, само 13% од православните Евреи го поддржале Барак Обама во 2008 година, додека околу 60% од конзервативните и реформираните Евреи гласале за него. Според анкета во 2010 година, спроведена од истражувачкиот центар Пју, 60% од Евреите се декларирале како демократи или биле наклонети кон партијата, за разлика од 33% кои биле поддржувачи на републиканците.

Како важна демократска изборна единица, Евреите се политички активни и влијателни во големите градови како Њујорк, Лос Анџелес, Бостон, Чикаго и имаат важна улога во поголемите градови кои не се целосно партиски наклонети , како што се Филаделфија, Мајами и Лас Вегас. Многу истакнати државни демократи биле Евреи, како што се Чак Шумер, Абрахам Рибикоф, Хенри Воксмен, Мартин Фрост, Џозеф Либерман, Дајана Фајнстајн, Барни Френк, Барбара Боксер, Пол Велстон, Рам Емануел, Рус Финголд, Херб Кол и Хауард Меценбаум.

Арапи и муслимани[уреди]

Арапите и муслиманите ги поддржале демократите по војната во Ирак. Во јуни 2007, Зогби утврдил дека 39% од арапските Американци се декларираат како демократи, 26% како републиканци и 28% како независни.

Историски гледано, арапите во Америка, кои генерално биле општествено конзервативни, но со различни економски погледи, гласале за републиканците се до последните години, поддржувајќи го Џорџ Буш на изборите во 2000 година наспроти Ал Горе.

Последни ставови за одредени прашања[уреди]

Колумнистот Езра Клајн тврди дека моменталната Демократска партија и претседателот Обама ги зазеле истите ставови што ги имале центристичките републиканци во раните 1990-ти.

Следните ставови ги поддржуваат генерално повеќето демократи. Некои демократи имаат други мислења за овие прашања.

Економски прашања[уреди]

Минимална плата[уреди]

Демократите се залагаат за повисока минимална плата и за повеќе редовни покачувања. Актот за повисока минимална плата од 2007 година , бил дел од агендата на демократите за време на 110-тиот Конгрес. Во 2006 година, демократите поддржале шест државни иницијативи за зголемување на минималните плати и сите шест биле усвоени.

Фискална политика[уреди]

Демократите генерално поддржуваат попрогресивна даночна структура, за да се обезбедат повеќе услуги и да се намали економската нееднаквост. Предложиле, како што е напишано во првобитното законодавство, да престанат да важат даночните олеснувања што администрацијата на Буш им ги дала на најбогатите Американци, а да се задржат оние наменети за средната класа. Демократите генерално се залагаат за поголеми владини трошоци во корист на социјалните служби, а помалку трошоци за војската. Тие се против укинувањето на социјалните служби, како што се Социјална безбедност, Медикер, Медикеид и разни социјални програми, сметајќи дека тоа е штетно за ефикасноста и социјалната правда. Демократите сметаат дека бенефициите од социјалните служби, во монетарна и немонетарна смисла, се попродуктивна работна сила и културно образовано население и сметаат дека овие бенефициите се поголеми од оние што можат да се добијат со пониските даноци, особено на најдобро платените, со или укинувања на социјалните служби. Исто така, демократите ги сметаат социјалните службите за витални во спроведувањето на позитивна слобода, односно, слобода добиена од економски можности. На почетокот од 110-от Конгрес, Претставничкиот дом воден од демократите, повторно го вратил PAYGO (pay-as-you-go) системот. Претседателот на ДНК, Хауард Дин, го навел пртседателството на Бил Клинтон како пример за фискална одговорност.

Реформи за здравствена заштита[уреди]

Демократите бараат квалитетна и здравствена заштита достапна за секого и многу се залагаат за зголемување на владината интервенција во оваа насока. Многу демократи користат национално здравствено осигурување или универзална здравствена заштита за да укажат на зголемените трошоци на модерното здравствено осигурување. Некои демократи, како што се претставниците Џон Коњерс и Џон Дингел, побарале систем на единечен осигуреник за сите. Прогресивните демократи на Америка, група која оперира во Демократската партија, го направиле системот на единечен осигуреник во универзалната здравствена заштита, една од нивните основни политички цели.

Некои демократски гувернери го поддржале набавувањето на лекови од Канада, наведувајќи ги пониските трошоци и ограничувањата на буџетот како главни мотиватори. Признавајќи дека неплатените сметки за осигурување ги зголемуваат трошоците на здравствените работници, кои ги префрлуваат на корисниците на здравствената заштита, многу демократи се залагаат за проширување на здравственото осигурување.

Политиките кои повеќето демократи ги поддржуваат се:

  • забрана на осигурителните компании да одбиваат осигурување на лица кои се болни во моментот на склучување на полисата за здравствено осигурување
  • барање од големите фирми да обезбедат осигурување за работниците
  • забрана на приватните осигурителни компании да ги одбиваат пациентите врз основа на претходна здравствена состојба
  • ширење на Медикеид (здравствено осигурување на сиромашното население)
  • обезбедување субвенции за семејствата со мали и средни приходи и за малите претпријатија
  • да им се дозволи на децата подолго да бидат под родителско осигурување
  • ширење на Медикер за луѓето на возраст од 55 години
  • увезување на лекови од Канада и создавање на можност за државно јавно осигурување кое се плаќа месечно и дополнително

Многу од овие предлози биле вклучени во Актот за грижа и нега на пациентите и Актот за здравствена нега и балансирање на образовниот систем.

Обновливи извори на енергија и нафта[уреди]

Демократите се спротивставиле на даночните олеснувања на нафтените компании, поддржувајќи политика за развивање на државни извори на обновлива енергија како во државата Монтана, која ги поддржала ветерниците и програмите за чист јаглен, како и воспоставување на cap and trade политика со цел намалување на испуштањето на јаглерод и поттик за создавање на чиста енергија.

Животна средина[уреди]

Демократите сметаат дека Владата треба да ја заштити животната средина и да има еколошко движење. Во последните години овој став им дава големо значење на алтернативните извори на енергија како основа за подобра економија, поголема национална безбедност и основни еколошки бенефиции.

Демократската партија исто така се залага за зголемување на заштитата на земјишта и на отворениот простор, и го поддржува железничкиот сообраќај за да се намали метежот во патниот и авионскиот сообраќај и да се подобри квалитетот на воздухот и економијата. „Смета дека заедниците, еколошките движења и Владата треба да функционираат заедно за заштита на природните богатства и обезбедување на виталност на локалната економија. Американците еднаш биле наведени да веруваат дека треба да бираат помеѓу економијата и животната средина, но сега знаат дека тоа е погрешно“.

Најважниот еколошки проблем на Демократската партија е глобалното затоплување. Демократите, особено поранешниот потпретседател Ал Горе, барал строго регулирање на гасовите на стаклената градина. На 15 октомври 2007 година тој добил Нобелова награда за мир за неговите напори да го прошири знаењето за климатските промени предизвикани од човекот, како и за поставувањето на основите за мерките кои се потребни за неутрализирање на овие промени, изјавувајќи дека „климатската криза не е политички проблем, туку е морален и духовен предизвик на човештвото“.

Високо образование[уреди]

Повеќето демократи имаат долгорочна цел за евтино, државно високо образование со ниска школарина (како во поголемиот дел од Европа и Канада) достапна за секој американски студент кој ги исполнува условите, или зголемување на државните средства за студентска финансиска помош, како што е Пел Грант или намалување на данокот на школарина.

Трговски договори[уреди]

Во Демократската партија има различни погледи во врска со договорите за меѓународна трговија. Либералите и космополитите во партијата, вклучувајќи ги интелектуалците и високо образованите професионалци во целина, ја поддржуваат глобализацијата, додека пак синдикатите се против тоа. Во 1990-тите, администрацијата на Клинтон и голем број на истакнати демократи, склучиле бројни договори, како што е Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА). Партиската промена на гласовите за слободната трговија станала очигледна со Централноамериканскиот договор за слободна трговија, кога 15 демократи од Претставничкиот дом гласале за склучување на договорот и 187 гласале против.

Филозофот Ричард Рорти, професор на Универзитетот Стенфорд, во својата книга во 1997 година тврди дека економската глобализација „бара две реакции од левицата. Првата инсистира на тоа да се ублажат нееднаквостите помеѓу нациите... Втората инсистира на тоа дека главна одговорност на секоја демократска нација-држава се нејзините граѓани со најмал приоритет... првата реакција сугерира дека старите демократии треба да ги отворат своите граници, додека втората дека треба да ги затворат. Првата доаѓа спонтано за академската левица, која секогаш била интернационално ориентирана. Втората доаѓа спонтано за членовите на работничките синдикати и за маргиналните групи на работници кои многу лесно можат да бидат вклучени во движењата на десницата“.

Алтернативен минимален данок[уреди]

Иако Демократската партија ја поддржува прогресивната даночна структура, сепак ветила дека ќе се прилагоди на Алтернативниот минимален данок. Данокот првично бил воведен за оданочување на богатите, но сега може да влијае на многу домаќинства, особено на оние со приходи од 75.000-100.000 долари. Партијата предложила повторно да се прилагоди данокот, со тоа што ќе се врати неговата првична намена. Според извештајот на Ројтерс од 2007 година, „претставникот Чарлс Б. Ренџел изјавил дека ќе се заложи за трајно олеснување од алтернативен минимален данок за оние кои никогаш не требало да го плаќаат“.

Општествени прашања[уреди]

Дискриминација[уреди]

Демократската партија се залага за еднакви можности за сите Американци без разлика на пол, години, раса, етничка припадност,сексуална ориентација, родов идентитет, религија,вероисповест или потекло. За оваа цел, партијата поддржува програми за давање предност на членовите на некои малцинства при вработување. Демократите исто така го поддржуваат Актот за Американци со хендикеп, за забрана на дискриминација на луѓето врз основа на физичка или ментална попреченост.

Правата на хомосексуалците, бисексуалците и транссексуалците[уреди]

Демократската партија имала поделени мислења за хомосексуалните бракови, но сепак поддршката за нив растела и најголема поддршка добиле од демократите. Некои членови преферираат цивилни унии за хомосексуалните парови, други преферираат полноправни и еднакви бракови, а други пак се против хомосексуалните бракови поради верски или идеолошки причини. Според АБЦ Вести, поддршката за хомосексуалните бракови се зголемила во последната деценија. Според анкета на Њусвик, во јуни 2008 година, 42% од демократите ги поддржуваат хомосексуалните бракови, 23% ги поддржуваат цивилните унии и паровите кои живеат заедно, и 28% се против нивна легализација. Во Демократската национална платформа од 2004 година било наведено дека бракот треба да биде дефиниран на државно ниво и бил отфрлен федералниот амандман за брак. Демократскиот кандидат за претседател во 2004 година, сенаторот Џон Кери, не ги поддржувал хомосексуалните бракови. Во 2009 година, поранешниот претседател Бил Клинтон и поранешниот потпретседател Ал Горе изјавиле дека ги поддржуваат хомосексуалните бракови.

Преседателот Барак Обама изјавил дека го смета бракот за „нешто свето помеѓу маз и жена“. Во својата кампања за изборите ветил дека „ќе им даде на хомосексуалните парови исти права и привилегии како што имаат паровите во брак“ во цивилните унии. Истовремено тој се спротивставил на калифорнискиот Предлог 8 и ветил дека ќе го укине Актот за одбрана на браковите. Изјавил дека „сите одлуки поврзани со брак треба да се остават на државите како што отсекогаш било“. Меѓутоа, во трката за сенатор на Илиноис во 1996 година, рекол дека тој „недвосмислено ги поддржува хомосексуалните бракови“ и „се согласува со легализирање на хомосексуалните бракови, и ќе се бори против напорите за нивна забрана“.

Мнозинството демократи поддржале други закони поврзани со ЛГБТ заедницата како што се проширување на законските одредби за злосторство од омраза, правна заштита од дискриминација на вработените кои припаѓаат на ЛГБТ заедницата и за укинување на Не прашувај, не кажувај. Според анкета на истражувачкиот центар Пју, спроведена во 2006 година, 55% го поддржале посвојувањето деца од страна на геј партнери, а 40% биле против, додека пак 70% ги поддржуваат геј-војниците, а 23% се против.

Репродуктивни права[уреди]

Повеќето членови на Демократската партија сметаат дека сите жени треба да имаат пристап до контрацептивни средства и налагаат бесплатна контрацепција за сиромашните жени. Националната платформа на Демократската партија од 1992 до 2004 година порачува абортусот да биде „сигурен, легален и редок“- одржувајќи го легален со одбивање закони кои дозволуваат влијание на Владата во одлуките поврзани со абортусот, и со намалување на бројот на абортуси со одржување на предавања за репродукција и контрацепција и поттик за давање на посвојување. Но, платформата во 2008 се променила. Кога Конгресот гласал за Законот за забрана на абортус во поодмината бременост во 2003 година, демократите во Конгресот биле поделени, со малцинство (вклучувајќи го моменталниот лидер на мнозинството во Сенатот ,Хари Рид) кои ја поддржувале забраната и мнозинство кои биле против законот.

Демократската партија е против обидите да се поништи одлуката на Врховниот суд од 1973 година во случајот Рој против Вејд, со која абортусот се декларира како право на жената, уставно заштитено со индивидуалното право на приватност по IX Амандман, и одлукатаод „планирано родителство“ против Кејси со која е утврдена законската рамка според која, владините активности кои наводно го кршат тоа право се испитуваат од страна на судот. Поради правото на приватност и половата еднаквост, многу демократи сметаат дека сите жени треба да имаат можност да изберат абортус без владино попречување. Сметаат дека секоја совесна жена има право да избере дали абортусот е морално исправен. Некои демократи сметаат дека сиромашните жени треба да имаат право на бесплатни абортуси.

Моменталниот лидер на мнозинството во Сенатот Хари Рид е„про-лајф“ поддржувач, односно против легализирањето на абортусот, додека пак претседателот Обама и спикерот на Претставничкиот дом се „про-чоис“ поддржувачи, односно за легализација на абортусот. Групи како Демократите за живот го застапуваат про-лајф движењето, додека групи како Листата на ЕМИЛИ го застапуваат про-чоис движењето. Според анкета на Њусвик, спроведена во октомври 2006 година, 25% од демократите биле про-лајф поддржувачи, додека 69% биле про-чоис поддржувачи. Спротивно на анкетата, демократите кои се про-лајф поддржувачи, самите тврдат дека ги има повеќе од 40%.

Истражување на матични ембрионални клетки[уреди]

Демократската партија ја изразила својата голема поддршка за истражување на матични ембрионални клетки со федерални финансиски средства. Во својата платформа од 2004 година, Џон Кери ја потврдил својата поддршка за федерално финансирање за истражување на матични ембрионални клетки „под строги етички рамки“, велејќи: „Нема да ја пропуштиме можноста да спасуваме животи и да го намалиме човековото страдање“. Во 2009 година, Барак Обама ја укинал осумгодишната забрана за истражување на матични ембрионални клетки и предложил федерално финансирање на понатамошните истражувања.

Прашања за надворешната политика[уреди]

Инвазија на Авганистан[уреди]

Демократите во Претставничкиот дом и во Сенатот скоро едногласно гласале за Авторизација за употребата на воена сила против терористите, против „одговорните за неодамнешните напади против САД“ во Авганистан во 2001 година, поддржувајќи ја НАТО коалицијата во инвазија на нацијата. Повеќето избрани демократи продолжиле да го поддржуваат конфликтот со Авганистан, а некои, како на пример портпаролот на Демократскиот национален комитет, изразиле загриженост дека поради војната во Ирак биле потрошени многу ресурси. Во 2006 година, демократскиот кандидат Барак Обама побарал зголемување на бројот на трупи во Авганистан, а во 2008 година републиканскиот кандидат Џон Меккејн побарал зголемување. Како претседател, Обама испратил додатни трупи во Авганистан. Во декември 2011 бројот изнесувал 94.000, и се намалува за да достигне бројка од 68.000 до есента 2012 година. Обама планира до 2014 да ги врати сите трупи дома.

Поддршката за војната од страна на американскиот народ со тек на време се намалила и многу демократи го смениле своето мислење и сега се против против продолжување на конфликтот. Во јули 2008 година, според институтот Галуп, 41% од демократите ја сметале инвазијата за грешка, додека 55% не се сложиле со тоа, додека пак републиканците повеќе ја поддржувале војната. Според истражувањето демократите скоро еднакво биле поделени во мислењата дали да се испратат повеќе трупи или не, 56% го поддржуваат испраќањето ако тоа значи дека трупите ќе се повлечат од Ирак, а 47% го поддржуваат без оглед на се. Истражување на Си-Ен-Ен во август 2009 година, утврдило дека мнозинството демократи сега се против војната. Директорот на одделот за анкети на Си-Ен-Ен изјавил: „Скоро две третини од републиканците ја поддржуваат војната во Авганистан. Три четвртини од демократите се против војната“. Анкета на Вашингтон пост, во август 2009 година имала слични резултати, и весникот посочил дека политиката на Обама ќе ги налути неговите најблиски поддржувачи.

Израел[уреди]

Демократската партија отсекогаш го поддржувала Израел. Претседателката на Домот, Ненси Пелоси, рекла: „Кога се работи за Израел, републиканците и демократите се едногласни“. Според анкета на институтот Галуп во 2008 година, 64% велат дека имаат позитивна претстава за Израел, додека само 16% имаат позитивна претстава за Палестина. Во партијата, мнозинската поддршка доаѓа од демократските лидери иако некои членови како што се Џон Коњерс Помладиот, Џорџ Милер, Ник Рахал, Дејв Обеј, Пит Старк, Денис Куцинич, Џим Мекдермот и Синтија Меккини како и поранешниот претседател Џими Картер, помалку или воопшто не го поддржуваат Израел.

Платформата на Демократската партија за 2008 година признава „еден посебен однос со Израел, базиран на заеднички интереси и заеднички вредности, и јасна, силна и суштинска посветеност кон безбедноста на Израел, нашиот најсилен сојузник во регионот и кон неговата оформена демократија“. Во платформата било вклучено и:

Во најдобар интерес за сите, вклучувајќи ги САД, е да земеме активна улога за да се обезбеди трајно решавање на конфликтот помеѓу Израел и Палестина со поддржување на демократска палестинска држава, посветена да живее во мир и безбедност рамо до рамо со еврејската држава Израел. За да се оствари тоа, мораме да му помогнеме на Израел да ги идентификува и зајакне оние партнери кои навистина се посветени на мирот, а одвојување на оние кои бараат конфликт и нестабилност, и да бидеме на страната на Израел против оние кои бараат негово уништување. САД и нејзините петмина партнери треба да продолжат да го изолираат Хамас, се додека не се откаже од тероризмот, да го признае правото на Израел за постоење и да ги почитува договорите со Израел. Американското лидерство за мир и безбедност ќе бара трпеливи обиди и лично залагање на претседателот на САД. Формирањето на палестинска држава преку преговорите за конечен стаус, заедно со механизам на меѓународна компензација, треба да го реши проблемот на палестинските бегалци дозволувајќи им да се населат таму, а не во Израел. Сите знаеме дека не е реално да очекуваме резултатите од преговорите за конечен статус да бидат целосно враќање на примирјето од 1949 година. Ерусалим е, и ќе остане главен град на Израел. Страните се согласиле дека Ерусалим е проблем на преговорите за конечен статус. Ерусалим треба да остане неподелен град достапен за луѓе од сите вери.

Според студија на истражувачкиот центар Пју од јануари 2009 година , на прашањето со која страна сочувствувате повеќе 42% од демократите и 33% од либералите(мнозинство во двете групи) повеќе сочувствувале со Израелците. Околу половина од сите политички центристи и/или независни биле на страната на Израел.

Војната во Ирак[уреди]

Во 2002 година, демократите во Конгресот биле поделени во врска со Авторизација за употребата на воена сила против терористите, 147 гласале против (21 во Сенатот и 126 во Домот) и 119 гласале за предлогот (29 во Сенатот и 81 во Домот). Оттогаш, многу истакнати демократи, како на пример поранешниот сенатор Џон Едвардс, изразиле жалење поради ваквата одлука, и ја нарекле грешка, додека пак други, како сенаторката Хилари Клинтон го критикувале водењето на војната, но не се одрекле од својот првичен глас (иако Клинтон подоцна го променила својот став за време на прелиминарните избори во 2008 година). Во врска со Ирак, во април 2007 година, лидерот на мнозинството во Сенатот, Хари Рид, ја прогласил војната за изгубена, додека пак други демократи (особено за време на циклусот на претседателски избори во 2008 година) го обвиниле претседателот дека ја лажел јавноста во врска со оружјето за масовно уништување во Ирак. Меѓу политичарите, демократите се најгласните противници на операцијата „Слобода за Ирак“ и воделе кампања за платформа на повлекување пред среднорочните избори во 2006.

Според анкета на Си- Би-Ес во март 2003 година, спроведена некоку дена пред инвазијата на Ирак, 34% од демократите на национално ниво ќе ја поддржат и без да има поткрепа од Обединетите нации, 51% ќе ја поддржат само ако има поткрепа од Обединетите нации и 14% нема воопшто да ја поддржат. Во април 2003 година, Лос Анџелес Тајмс изјавил дека 70% од демократите ја поддржале одлуката за напад, додека 27% биле против. Во август 2007, истражувачкиот центар Пју изјавил дека за време на почетната инвазија, процентот на оние кои биле против се зголемил од 37% до 74%. Според анкета на Си-Би-Ес, во април 2008 година, околу 90% од демократите не ја одобрувале администрацијата на Буш и сакале да се стави крај на војната во текот на следната година.

Демократите во Претставничкиот дом скоро едногласно поддржале необврзувачка резолуција, неодобрувајќи ја одлуката на претседателот Буш во 2007 година да испрати дополнителни трупи во Ирак. Демократите во Конгресот со големо мнозинство го поддржале законот за воено финансирање кој вклучувал одредба со која се одредил „рок за повлекување на сите американски воени трупи од Ирак“, до 31 март 2008 година, но и оставање на воени сили во Ирак за операции за борба против тероризмот. По ветото од претседателот и неуспешенниот обид на Конгресот да го отфрли ветото, во 2007 година бил донесен Акт за одобрување на средства за подготвување на американските трупи, грижа за ветераните, обнова по Катрина и одговорност на Ирак од страна на Конгресот и потпишан од претседателот откако бил укинат рокот. Критиките за војната во Ирак стивнале по бранот на војници во 2007, што довело до драматично намалување на насилството на Иранците. 110-тиот Конгрес, управуван од демократите, продолжил да ги финансира напорите во Ирак и Авганистан. Кандидатот за претседател, Барак Обама, се залагал за повлекување на воените трупи во Ирак до крајот на 2010, и оставање на миротворни трупи. Изјавил дека брзината на повлекувањето и бројот на трупи што ќе останат ќе бидат „базирани врз одредени услови“.

На 27 февруари 2010 година, претседателот Обама објавил: „како кандидат за претседател, јасно ја ставив до знаење мојата поддршка на рокот од 16 месеци за извршување на ова повлекување, со ветување за блиска соработка со нашите воени команданти по преземањето на власта, за да се осигурам дека ги задржале добивките што се направени и да ги заштитам нашите трупи... Таа соработка сега е завршена и одредив рок во кој нашите воени бригади ќе бидат повлечени во наредните 18 месеци“. Ќе останат околу 50.000 сили кои не се борбени. Планот на Обама привлекол голема двопартиска поддршка, вклучувајќи ја и поддршката на поразениот републикански кандидат за претседател, сенаторот Џон Меккејн.

Унилатерализам[уреди]

Демократите најчесто се против доктрината на унилатерализмот, според која САД треба да користи воена сила без помош од други држави, секогаш кога смета дека е загрозена нејзината безбедност или заштита. Тие сметаат дека САД треба да дејствува на меѓународната сцена во заедништво со силни сојузи и голема меѓународна поддршка. Ова прашање за надворешна политика било главна тема во претседателската кампања на Џон Кери во 2004. Неговата платформа ги припишувала споровите со меѓународните сојузници на унилатерализмот. Кампањата на Барак Обама во 2008 година, исто така дискутирала за претставување на имиџот на САД во странство.

Генерално земено, современата Демократска партија е повеќе усогласена со теориите за меѓународни односи на либерализмот, неолиберализмот и функционализмот отколку со оние на реализмот и неореализмот, иако реализмот има влијание во партијата.Идеализмот на Вилсон, во кој е оправдана унилатерална надворешна интервенција за да се стави крај на геноцидот или на други хуманитарни кризи, имал голема улога низ историјата и во сегашноста со неговите поддржувачи познати како „либерални јастреби“.

Политичкиот статус на Порторико[уреди]

Демократската партија ја изразила својата поддршка за американските државјани во Порторико да го остварат своето право на самоопределување. Порторико е под американски суверенитет повеќе од еден век, а Порториканците се американски државјани од 1917 година, но конечниот статус сеуште не е одредени и неговите 3.9 милиони жители сеуште немаат претставник во националната Влада. Исто така изјавува дека американските граѓани во Порторико треба да бидат третирани според федерални програми кои можат да се споредат со програмите на граѓаните во САД.

Правни прашања[уреди]

Тортура[уреди]

Многу демократи се против вршењето тортура на поединци кои се уапсени и притворени од војската на САД и смета дека категоризирањето на затвореници како што се незаконските борци, не ја ослободува Америка од своите обврски според Женевската конвенција. Демократите тврдат дека тортурата е нехумана, го намалува моралот на САД во светот и произведува несигурни резултати. Демократите се изјасниле дека се и против измачувањето со вода.

Патриотски акт на САД[уреди]

Сите освен двајца демократи во Сенатот гласале за оригиналниот Патриотски акт во 2001 година. Единствениот негативен глас бил од Рус Финголд од Висконсин, а Мери Ландро од Луизијана не гласала. Во Демократскиот дом 145 гласале „да“, а 62 гласале „не“. Демократите биле поделени и за обновувањето на актот во 2006 година. Во Сенатот, 34 од демократите гласале за обновувањето, а 9 против. Во Домот, 66 од демократите гласале за обновувањето, а 124 против.

Право на приватност[уреди]

Демократската партија смета дека секој поединец треба да има право на приватност. На пример, демократите се спротивставиле на набљудување на американските граѓани без налог, од страна на Агенцијата за национална безбедност.

Некои демократски функционери се залагале за закони за заштита на потрошувачите, кои ја ограничуваат размената на податоци на потрошувачите помеѓу компаниите. Повеќето демократите биле против законите за содомија и сметале дека Владата не треба да регулира согласно некомерцијално сексуално однесување помеѓу возрасни, како дел од личната приватност.

Контрола на оружјето[уреди]

Со наведена цел за намалување на криминалот и убиствата, Демократската партија вовела различни мерки за контрола на оружјето,од кои најзначајни се Актот за контрола на оржје од 1968, Законот Брејди од 1993 и Актот за контрола на криминалот од 1994 година. Сепак, некои демократи особено од руралните области, од Југот и Западот, претпочитаат помалку ограничувања за поседувањето на огнено оружје и ја известиле партијата дека поради таквата контрола на оружјето, изгубиле во руралните области на претседателските избори во 2000 година. Во националната платформа за 2008 година, единственото експлицитно одобрување на контрола на оружјето бил план со кој се барало обновување на Забраната за огнено оружје од 1994 година.

Смртна казна[уреди]

Демократската партија многу помалку ја поддржува смртната казна за разлика од републиканската партија. Иако повеќето демократи во Конгресот никогаш сериозно не се обиделе да ја укинат федералната смртна казна која многу ретко се користи, Рус Финголд и Денис Куцинич предложиле такви закони, но немале голем успех. Демократите правеле напори за укинување на државната смртна казна, особено во Њу Џерси и Ново Мексико. Исто така пробале да го спречат повторното воспоставување на смртна казна, особено во оние држави каде моментално е забранета, вклучувајќи ги Масачусетс и Њујорк. За време на администрацијата на Клинтон, демократите вршеле проширување на федералната смртна казна. Овие напори резултирале во донесување на Актот за антитероризам и ефективна смртна казна од 1996 година , потпишан од претседателот Клинтон, според кој биле ограничени жалбите во случаите на смртна казна.

Во 1992, 1993 и 1995 година, демократскиот конгресмен од Тексас Хенри Гонзалес неуспешно го претставил Амандманот за укинување на смртна казна, кој ја забранувал употребата на смртна казна во САД. Демократскиот конгресмен од Мисури, Вилијам Лејси Клеј Постариот, во 1993 година го поддржал амандманот.

За време на неговата кариера во Сенатот на Илиноис, сегашниот претседател Барак Обама успешно го претставил законот за намалување на можноста за погрешна пресуда во случаите со смртна казна, со кој за пресуда би биле потребни видео снимки од признавањата. За време на претседателската кампања, Обама изјавил дека ја поддржува ограничената упоотреба на смртна казна, дури и за оние кои биле осудени за силување на малолетно лице на возраст под 12 години, спротивно на одлуката од Врховниот суд во случајот Кенеди против Луизијана, според која смртната казна била невообичаена во случаите на силување дете. Обама изјавил дека тој мисли дека „смртната казна прави малку за да го спречи криминалот“ и дека е употребувана премногу често и премногу недоследно.

Име и симболи[уреди]

Првично наречени Републиканска партија, следбениците на Џеферсон биле наречени Демократи од опозицијата, федералистите, со надеж дека ќе ги стигматизираат како носители на демократија или на владеење на мноштво. До времето на Џеферсон , поимот „демократија“ веќе бил во употреба во партијата и најпосле било дадено името Демократска партија. Од 1990-тите републиканците често ја нарекувале Демократската парија со фразата „Демократ- партија“ како политички епитет.

Заедничка маскота на партијата е магарето, иако партијата никогаш официјално не го усвоила овој симбол. Противниците на Ендру Џексон, во време кога имало интензивни клевети во 1828 година, го нарекле магаре. Во 1837 година била објавена карикатура насловена „Современ Балаам и неговото магаре“, во која е насликан Џексон како јава и управува со магаре (претставувајќи ја Демократската партија). Политичка карикатура од Томас Наст во изданието на Харперс Викли од 1870 година го оживеала магарето како симбол на Демократската партија. Карикатуристите го следеле Наст и го употребувале магарето за да ги претстават демократите, а слонот за да ги претстават републиканците.

Во раниот 20-ти век, традиционален симбол на Демократската партија во среднозападните американски држави како Индијана, Кентаки, Оклахома и Охајо бил петелот, спротивно на републиканскиот орел.Овој симбол сеуште се појавува на гласачките ливчиња во Оклахома, Кентаки, Индијана и Западна Вирџинија. Во Њујорк, демократски симбол на гласачките ливчиња е петокрака ѕвезда. Во поголемиот дел од 20-тиот век , демократите во Мисури ја користеле Статуата на слободата како амблем на гласачките ливчиња. Ова значело дека кога либертаријанците добиле пристап до гласачките ливчиња во Мисури 1976 година, не можеле да ја користат Статуата на слободата, нивниот национален симбол, како амблем на нивните гласачки ливчиња. Либертаријанците од Мисури го користеле Ѕвоното на слободата се до 1995 година, кога мулето станало државно животно на Мисури. Од 1995 до 2004 година, имало забуни помеѓу гласачите, бидејќи демократските ливчиња биле обележани со Статуата на слободата (а во другите држави била знак на либертаријанците), а мулето на либертаријанците било помешувано со магарето на демократите.

Иако двете најголеми политички партии (како и многу помали) ги употребувале традиционалната американска црвена, бела и сина боја во нивната промоција и претставување, од изборната вечер во 2000 година сината боја била утврдена како боја на Демократската парија, додека црвената била утврдена како боја на Републиканската партија.Таа вечер, за прв пат сите најголеми телевизиски мрежи ја користеле истата шема на бои за изборната мапа: држави со сина боја биле за Ал Горе (демократскиот претставник), а државите со црвена боја за Џорџ В. Буш (кандидатот на републиканците). Оттогаш сината боја била употребувана од страна на медиумите за претставување на партијата. Ова довело до забуни помеѓу набљудувачите кои не се од Америка, бидејќи надвор од САД, сината боја е традиционална за десницата, а црвената за левицата. На пример во Канада со црвената се претставени либералите, а со сината конзервативците. Во Обединетото Кралство, црвената ја претставува Лабористичката партија, а сината Конзервативната партија. Сината исто така била употребувана од партиските поддржувачи за промовирање –Актблу, Бајблу, Блуфанд, како и од самата партија во 2006 година за програмата Од црвено во сино, создадена за поддршка на демократските кандидати против републиканските функционери во среднорочните избори истата година, и на својот официјален вебсајт.

Во септември 2010 година, Демократската партија го претставила своето ново лого, со сина „Д“ буква впишана во син круг. Ова било прво официјално лого на партијата, бидејќи логото со магарето било употребувано како полу-официјално партиско лого. Денот Џеферсон иЏексон е годишен настан за собирање на средства (вечера) организиран од организациите на Демократската партија секаде низ САД. Именуван е според претседателитеТомас Џеферсон и Ендру Џексон, кои се почитувани од партијата како нејзини истакнати лидери.

Песната „Среќните денови се повторно тука“ е неофицијална песна на Демократската партија. Била исклучително употребувана кога Френклин Д. Рузвелт бил номиниран за претседател на Демократската национална конвенција во 1932 година и до ден денес останува омилена кај демократите. На пример, Пол Шафер ја свирел на „Доцно шоу“ со Дејвид Летерман, откако демократите го освоиле Конгресот во 2006 година. Неодамна слична емоционална песна, „Убав ден“ од бендот Ју Ту, станала омилена песна на демократските кандидати. Џон Кери ја употребил песната за време на неговата претседателска кампања во 2004 година, а неколку Демократски кандидати од Конгресот ја користеле како мелодија за прославување во 2006 година. На почетокот од Демократската национална конвенција традиционално се изведувала „Фанфара за обичниот човек“ од Арон Копланд.


Наводи[уреди]