Втор бран (феминизам)

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Втор бран на феминизмот е поим воведен од Марша Лир за да упати на женските групи во САД, Британија и Европа во доцните 1960-ти. Терминот „втор бран” имплицира дека феминизмот од првиот бран завршил во 1920 година. Разочарувањето со политиките на граѓанските права, движењата против војната и на студентите за демократско општество доведе до тоа американските жени да создадат групи за подигање на свеста за социјалната состојба и позиција на жените. Овие активности беа водени со слоганот „личното е политичко”.

Заедничка точка со феминизмот од првиот бран е расната еднаквост, но феминизмот од вториот бран е радикално различен. Ослободувањето на жените ги прошири термините „политика” и „економија” на сексуалноста, телото и емоциите и на други области од општествениот живот кои претходно беа третирани само како „лични”, како и грижата за домаќинството. Феминистичкото движење од вториот бран исто така создаде нови политички организации, мали антихиерархиски групи за подигање на свеста кои дејствуваат независно од мажите и преферираат алтернативни обрасци на живот. Јадрото на феминизмот од вториот бран се протега од темите за репродукцијата, што доведе до првите програми на женски студии на Универзитетот во Чикаго 1967, па до отфрлање на градниците во 1968, борбата против сексуалното и домашното насилство, кампањите за еднакви плати и за правото на абортус. Преку поврзувањето на темите на репродукцијата со темите на продукцијата, личното со политичкото, феминизмот од вториот бран го промени современото политичко мислење.[1]

Белешки[уреди]

  1. „Водич во феминистичката и родовата терминологија“. Здружение на граѓани Акција Здруженска, Скопје. 2007-05-30. http://www.zdruzenska.org.mk/article.asp?id=336. конс. 22 јуни 2007.