Вртење на завртката

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Вртење на завртката“ (англиски: The Turn of the Screw) — новела на американскиот писател Хенри Џејмс од 1898 година. Првобитно, новелата била објавена во списанието „Collier's Weekly“, во повеќе продолженија од јануари до април 1898 година. Подоцна, Џејмс ги систематизирал неговите раскази и новели така што „Вртењето на завртката“ била објавена во собраните дела со наслов „Романите и приказните на Хенри Џејмс“ (The Novels and Tales of Henry James), меѓутоа не како дел од книгата со раскази за духовите, туку меѓу психолошките приказни.[1] Делото е објевено на македонски јазик од издавачката куќа Темплум, како 72. книга од едицијата „Магма“.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од воведен дел и 24 глави. Во него се раскажува како група пријатели се собрани на Бадник во една стара куќа, раскажувајќи страшни приказни крај огништето. Еден од нив, Даглас им навестува на пријателите дека ќе ги запознае со една ужасна вистинска приказна што ја слушнал од поранешната дадилка на неговата сестра. Тој порачува по пошта да му ја донесат тетратката што своерачно ја напишала дадилката и потоа започнува да им ја чита на пријателите нејзината содржина:
Една дваесетгодишна девојка се јавува на оглас за домашна учителка, распишан од еден млад, убав и богат господин. Таа ја добива работата и заминува во периферијата на Лондон, во големата, стара куќа во која живеат Мајлс и Флора, чии родители умреле. Штом се сместува во куќата, девојката добива писмо во кое ја известуваат дека Мајлс е избркан од училиштето поради неговото лошо влијание врз другите деца. Таа не може да поверува во тоа, бидејќи на прв поглед се вљубува во децата, кои се исклучително мили. Еден ден, додека шета околу куќата, таа забележува привидение: непознат човек на врвот на кулата, која упорно гледа во неа, а потоа ненадејно се свртува и исчезнува. Во разговор со дадилката, г-ѓа Гроуз, учителката дознава дека, според описот на човекот, станува збор за Питер Квинт, поранешниот слуга на господарот на куќата. Меѓутоа, тоа сознание е причина за големиот ужас што ја зафаќа учителката, зашто Квинт, всушност, е мртов. По некое време, учителката повторно го здогледува истиот лик, а потоа, крај блиското езеро, здогледува уште едно привидение - млада, убава жена за која, според описот, од г-ѓа Гроуз дознава дека се работи за претходната учителка на децата, г-ца Џесел. И во следниот период, учителката повторно се среќава со двете привиденија, што кај неа го буди сомнежот дека постои некоја тајна за која таа не знае. Во разговорот со г-ѓа Гроуз дознава дека слугата Квинт и учителката Џесел се одликувале со многу слободно, перверзно однесување и дека тие имале огромно влијание врз Мајлс и врз Флора. Понатаму, учителката открива дека децата се свесни за привиденијата и дека редовно комуницираат со нив, а дека нивната послушност и доброто однесување, всушност, се само маска. Сето тоа внесува голем немир и нервоза кај неа, поради што таа сака да го напушти местото, но одлучноста да ја открие тајната и да ги заштити децата од лошото влијание на привиденијата придонесува таа, сепак, да остане во куќата.
Со текот на времето, односите меѓу учителката и Мајлс се влошуваат, откако тој отворено ѝ кажува дека сака поголема слобода. Еден ден, Флора исчезнува од куќата, а учителката и г-ѓа Гроуз ја наоѓаат крај езерото. Таму, учителката ја здогледува Џесел, но г-ѓа Гроуз и Флора изјавуваат дека не гледаат никакво привидение и налутени си одат дома. Потоа, Флора се разболува и таа ја напушта куќата, заедно со г-ѓа Гроуз, а учителката е решена да ја расчисти работата со Мајлс. Во разговор со него, Мајлс признава дека го избркале од училиште поради тоа што зборувал за непристојни работи. Додека трае разговорот, учителката го здогледува Квинт, но Мајлс не го забележува, иако е свесен дека се случува нешто чудно. Тогаш, тој побледува и отворено прашува дали се тука Џесел и Квинт. Учителката го зема во прегратка, а кога исчезнува привидението (Квинт), срцето на Мајлс престанува да чука.[2]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Основната градба за фабулата на „Вртењето на завртката“ Џејмс ја позајмил од приказната што ја слушнал од кентерберискиот надбискуп, додека бил на гости во куќата на еден фармер: тоа било приказна за духовите на двајца слуги кои им се појавувале на некои деца. Всушност, во тоа време, во Англија биле широко распространети спиритизмот и приказните за духовите. Сепак, Џејм имал и подлабок творечки мотив за да се зафати со чистата мистерија, зашто духовите на Питер Квинт и на госпоѓица Џесел имаат многу важна, консекутивна улога во новелата. Во таа смисла, на едно место, самиот Џејмс забележал дека „добрите духови редовно ја упропастуваат темата, така што од самиот почеток беше јасно дека моите сеприсутни, нападни привиденија...мора да отстапат од правилата.“ Поради тоа, тој се зафатил со задачата „да што поверно го претставам она чувство на амбисот на злобната коб без кое мојот расказ само бедно би куцал.“
Оттука, вистинската природа на злото во „Вртењето на завртката“ Џејмс не ја специфицирал, туку се задоволил само да ја најави блиската трагедија, а самиот читател да го набави сето она што недостасува во приказната. Токму поради оваа неодредена трагедија и поради фактот дека приказната е раскажана само од гледна точка на младата домашна учителка, книжевната критика дава спротивни толкувања на новелата. Така, угледниот критичар Едмунд Вилсон сметал дека „младата учителка... не е ништо друго, туку невротичен случај на сексуално потиснување, така што привиденијата во таа проза не се никакви привиденија, туку обичен плод на нејзините халуцинации“. Значи, според ова фројдистичко толкување, учителката е психопат, со искривен поглед на светот, а тоа се должи на нејзините потиснати сексуални желби. Уште повеќе, според некои толкувачи, духовите на Квинт и на Џеси негуваат хомосексуални намери кон малите Мајлс и Флора. Од друга страна, некои критичари се обиделе да го соборат ваквото толкување на новелата. Самиот писател никогаш не ја разрешил тајната, па дури и негодувал поради тоа што некои негови современици барале скриено значење меѓу редовите на неговиот текст.[3] [4]

Во средиштето на новелата „Вртењето на завртката“ се наоѓа тишината, а тоа го потврдува самиот автор кој во писмото до Х. Г. Велс од 8 декември 1898 година објаснува дека неговата тишина претставува празнина, „ништожност“ и дека новелата е „jeu d'esprit“. Во предговорот кон делото, тој го нарекува „парче чиста и проста генијалност и студена артистичка пресметка“ наменето да ги зароби оние кои лесно не се фаќаат. Со текот на времето, делото станало предмет на обемна дебата во однос на четири прашања: уверливоста на гувернантата, „реалноста“ на духовите, интегритетот на невиноста на децата и вистинската причина за расипаноста на децата. Критичарите кои ја бранат гувернантата наведуваат три околности во нејзина полза: човекот кој таа го гледа на кулата, а кого не го познава, веднаш е препознаен од г-ѓа Гроуз; во прологот се наведува дека нејзината подлесователна работа, по напуштањето на имотот, била исклучителна; најпосле, ненадејната смрт на здравото момче е доказ дека тоа навистина било „опседнато“. (Не)стабилноста на гувернантата е едно од најспорните прашања во новелата, а во писмото до Х.Г. Велс авторот пишува дека во нејзиното прикажување „апсолутната луцидност и логиката, единственоста на ефектот, биле императив“ така што морал да ги исклучи нејзините субјективни компликации и да ја направи безлична (имперсонална)“. Меѓутоа, во предговорот кон новелата, Џејмс пишува дека не е толку преокупиран со стварноста на духовите, туку обемот и изворите на злото, но во новелата не е јасно опишан изворот на злото: на моменти изгледа дека гувернантата е таа која ги заплашува децата, а исто така новелата содржи бројни случаи на вкрстена идентификација меѓу неа и духовите; притоа, борбата межу гувернантата и духовите ја зема формата на борбата за поседување на децата, особено на момчето.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Claire Seymour, „INtroduction“, во: Henry James, The Turn of the Screw & The Aspern Papers. Wordsworth Editions, 2000, стр. vii-viii.
  2. Henri Džejms, Okretaj zavrtnja. Beograd: Rad, 1960.
  3. Voja Čolanović, „Dvosmisleni Džejms“, во: Henri Džejms, Okretaj zavrtnja. Beograd: Rad, 1960, стр. 156-157.
  4. Claire Seymour, „Introduction“, во: Henry James, The Turn of the Screw & The Aspern Papers. Wordsworth Editions, 2000, стр. x.
  5. Claire Seymour, „Introduction“, во: Henry James, The Turn of the Screw & The Aspern Papers. Wordsworth Editions, 2000, стр. ix-xiii.