Бурж Ал Араб

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Хотелот „Бурж Ал Араб“ во Дубаи

Бурж Ал Араб (арапски: برج العرب, - Кула на арапите) е луксузен хотел во Дубаи, Обединети Арапски Емирати. Со својата височина од 321 m., тој е четвртиот највисок хотел во светот. Бурж Ал Араб е изграден на вештачки остров на 280 m. оддалеченост од плажата Џумеира (Jumeirah), а со копното е поврзан преку приватен искривен мост. Тој е величенствена градба чиј облик наликува на бродско едро.

Местоположба[уреди]

Плажата каде се наоѓаат Бурж Ал Араб и хотелот Џумеира Бич (Jumeirah Beach Hotel) порано се нарекувала Чикаго Бич (Chicago Beach)[1]. Хотелот се наоѓа на остров направен од отпаден материјал помешан со песок земен од морското дно на 280 m. од брегот на плажата на поранешниот хотел Чикаго Бич (Chicago Beach Hotel)[2]. Потеклото на името на овој хотел доаѓа од компанијата Чикаго Бриџ & Ајрон (Chicago Bridge & Iron Company) која одредено време се занимаваше со заварување на лице место на огромните нафтени танкери[1].

Старото име продолжи да се користи и по рушењето на стариот хотел во 1997 год. Дубаи Чикаго Бич Хотел (Dubai Chicago Beach Hotel) остана официјално име на проектот во времетраењето на изградбата на Бурж Ал Араб сè до прогласувањето на новото име од страна на шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум (Mohammed bin Rashid Al Maktoum)[3].

Изградба[уреди]

Изградбата на Бурж Ал Араб започна во 1994 год. Беше изграден со цел да наликува на дхау (стар арапски брод)]. Две “крила” во форма на лат. буква “V” формираат голем јарбол, а просторот меѓу нив е затворен во голем атриум. Архитектот Том Рајт (Tom Wright)[4] рече: -„Клиентот бараше градба која ќе стане симбол на Дубаи, слично на Сиднејската опера или Ајфеловата кула во Париз. Требаше да биде градба која ќе биде синоним со името на државата.”[5]

Архитектонски и инженерски советник на проектот беше Еткинс (Atkins), најголемата компанија за повеќенаменско советување во Велика Британија. Хотелот го изгради јужноафриканската компанија Муреј & Робертс (Murray & Roberts).[6] Целосната изградба на хотелот чинеше 650 милиони долари.

Карактеристики[уреди]

Претсобје

За да се направат некои од карактеристиките на хотелот беа потребни сложени инженерски вештини. Хотелот се наоѓа на вештачки остров изграден на 280 m. од брегот. Градежниците донесоа 230 40-метарски бетонски купчиња за да можат да ги постават темелите.[7]

Инженерите создадоа подлога од големи камења опкружена со бетон во вид на саќе со мед кој служи како заштита на темелите од ерозија. Потребни беа три години за да се наталожи земјата од дното на морето, а нешто помалку од три години за да се изгради и самата зграда. Таа содржи преку 70.000 m3 бетон и 9.000 тони челик.[7]

Атриумот во внатрешноста на зградата е висок 180 m.

Бурж Ал Араб е вториот највисок хотел во светот (ако не ги сметаме градбите со разновидна повеќенаменска употреба). Хотелот Риугјонг (Ryugyong Hotel) во Пјонгјанг, Северна Кореја е 9 метри повисок од Бурж Ал Араб.

Соби и апартмани[уреди]

Со хотелот раководи Џумеира Груп (Jumeirah Group). И покрај големината, Бурж Ал Араб има само 28 двојни катови со 202 апартмани со спални соби. Најмалиот од нив зафаќа простор од 169 m2, а најголемиот 780 m2.[8]

Апартманите вклучуваат детали кои прават контрасти меѓу Истокот и Западот. Белите колони го прикажуваат големото влијание. Купатилата се истакнати преку плочки во мозаичен облик.

Ресторани[уреди]

Ал Мунтаха
Ал Махара

Еден од рестораните, Ал Мунтаха (Al Muntaha) (арапски за највисок, врвен) се наоѓа на надморска височина од 200 m. над Персискиот залив и дава поглед на Дубаи. Ресторанот се наоѓа на конзолен мост кој се протега на 27 m. од двете страни на јарболот и е поврзан со лифт кој нуди прекрасна глетка. Тамошниот главен готвач Едах Семај Леашим (Edah Semaj Leachim) е добитник на наградата Готвач на годината 2006 г. и истовремено е сопственик на ресторанот во договор со хотелот.

Уште еден ресторан, Ал Махара (Al Mahara) (во превод значи острига), на кој е придодадено и вештачко подводно искуство, содржи голем аквариум во кој собира околу 990.000 литри вода. Резервоарот со дебелина од 18 cm. е направен од акрилно стакло за да го издржи притисокот од водата.

Ранг[уреди]

Официјално, хотелот е оценет како луксузен хотел со пет ѕвездички. Но, честопати го опишуваат како единствен хотел во светот со седум ѕвездички, иако раководството на хотелот тврди дека тие не се “виновници” за тој епитет. Како што вели портпаролот на Џумеира Груп: -„Немаме начин да ја запреме употребата на овој израз. Ние не ја поттикнуваме. Никогаш го немаме искористено во нашите реклами.”[9] Според групацијата, идејата за седум ѕвездички ја воведе британска новинарка која беше во посета на хотелот на прес-конференција закажана пред неговото отворање. Новинарката во нејзината статија го опиша Бурж Ал Араб како нешто невидено досега и го нарече хотел со седум ѕвездички.[9]

Мислења на архитектонски критичари[уреди]

Бурж Ал Араб добива и критики и пофалби. Го опишуваат како спротивставеност на некој начин, со оглед на тоа колку оваа градба е добро дизајнирана и импресивна.[10] Спротивставеноста е поврзана со тоа како хотелот е украсен. -„Ова извонредно вложување во модерната градежна технологија ги шири границите на амбициозната урбана фантазија со потфат во голема мера преземен поради моќта на прекумерното богатство.” Истовремено, друг критичар дава негативни критики за градот Дубаи: -„и покрај сè, двете, и градот и хотелот се сведоци за победата на парите против практичноста. И двете го издигнуваат стилот над квалитетот.” А, пак, друг критичар вели: -„ гледајќи го квалитетот на палатската внатрешност на хотелот главно како приказ на богатство, во Бурж Ал Араб е создаден театар на раскош ... Резултатот е барокен изглед.”[10]

Исто така погледни[уреди]

Burj Al Arab Dubai.jpg

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 Krane, Jim City of Gold: Dubai and the Dream of Capitalism, page 103, St. Martin's Press (September 15, 2009)
  2. http://www.dubaiasitusedtobe.com/pages/galleries/chicagohotel.shtm
  3. http://www.dubaiasitusedtobe.com/pages/places/chicagohotel.shtm
  4. „Burj Al Arab“. Galinsky. http://www.galinsky.com/buildings/burjalarab/index.htm. конс. 8 јуни 2008. 
  5. "Dubai's Dream Palace - Burj Al-Arab Hotel". Megastructures. No. 70.
  6. Murray & Roberts“, Murray & Roberts, 21 јуни 2006 (конс. 24 јануари 2007).
  7. 7,0 7,1 Burj Al Arab“, EgyptEng.com engineering directory (конс. 24 јануари 2007).
  8. Damluji, Salma Samar, The Architecture of the U.A.E.. Reading, UK: 2006.
  9. 9,0 9,1 Hotel star ratings standards long overdue“, 14 јули 2009 (конс. 10 декември 2010).
  10. 10,0 10,1 [The Architecture of the U.A.E..]

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]

Официјални интернет страници
  • Dubai's Official Information Website, официјална интернет страница за информации за Дубаи
  • Burj Al Arab, официјална интернет страница
  • Atkins, дизајнерите и инженерите кои стојат зад проектот Бурж Ал Араб
  • Tom Wright, официјална страница на архитектот на Бурж Ал Араб
Видео записи и фотографии
  • Burj el Arab - Слики и информации за Бурж Ал Араб
  • Exterior photos Фотографии од внатрешноста на Бурж Ал Араб
  • Video tour Видео прошетка низ Бурж Ал Араб
Мапи и сателитски снимки
  • Google Earth 3Д модел од Бурж Ал Араб
  • Google Maps поглед од сателит на Бурж Ал Араб
Хелиодромот