Аквариум

Од Википедија — слободната енциклопедија
Аквариум со тропски риби
Аквариум од 240 litres (63 US gal)

Аквариум е живеалиште со најмалку една проѕирна страна во кое се чуваат водни растенија или животни. Одгледувачите на риби користат аквариуми за да чуваат риби, без‘рбетници, водоземци, водни цицачи, желки и водни растенија. Поимот е составен од латинските зборови aqua, што значи вода и наставката–arium што значи „место каде што се поврзува”.[1] Акварист е човек кој одгледува риби или одржува аквариум, кој е обично направен од стакло или цврста акрилна пластика. Правоаголните аквариуми се познати исто и како рибни садови или само како садови. Исто така постојат и аквариуми со кугласт облик, кои се познати како стаклени кугли за чување риби. Големината може да варира од мали стаклени кугли, па сè до огромни јавни аквариуми. За одржување на квалитетот на водата и животот на жителите во аквариумот, потребна е специјализирана опрема.

Историја и популаризирање[уреди | уреди извор]

Во Римското Царство, првата риба која била внесена во затворен простор била мрената, која се чувала под гостинските кревети во мали садови од мермер. Римјаните први почнале со употреба на стаклени садови, при што употребиле стаклено окно за замена на еден од ѕидовите на мермерниот сад, со цел за подобро да се види рибата. Во 1369 година, Кинескиот цар Хонгву, основал порцеланска компанија која произведувала големи порцелански кади за одгледување на златни риби. Со текот на времето, луѓето дошле до денешниот изглед на куглите за риби. Леонар Балднер, кој во 1666 година ја напишал книгата „Птица, риба и животно”, одгледувал водоземци. Во 1836 година, брзо по неговиот изум – стаклена бавча, Вард имал идеја за да се користат неговите садови за чување на тропски животни. Во 1841 година ја остварил, но, во садовите ставил водни растенија и играчки со облик на риба. Сепак, наскоро сместил вистински животни. Во 1838 година, Феликс Дужардан беше забележан како поседува аквариум со солена вода, но тој не го употребил терминот. Во 1846 година, Ана Тајн одгледувала камени корали и морска трева, скоро три години и доби признание како творец на првиот урамнотежен морски аквариум во Лондон. Во истиот временски период, Роберт Варингтон, експериментирал со сад од 50 литри, во кој чувал златни риби, водна трева и полжави и го создал првиот стабилен аквариум. Тој ги објавил неговите пронајдоци во 1850 година во весникот на Хемиското друштво. Чувањето риби во аквариум, станало многу популарно хоби и се раширило брзо. Во Обединетото Кралство, тоа станало популарно по раскошниот аквариум во рамки од ковано железо, кој беше дел од Големата светска изложба во 1851 година. Во 1853 година, првиот голем јавен аквариум се отворил во Лондонската зоолошка градина и бил познат како Рибна куќа. Всушност, првиот човек кој го употребил терминот аквариум, бил Филип Хенри Гос. Тој се одлучил за терминот во неговата книга од 1854 година, „Аквариумот: Откривање на тајните на морскиот свет.” Во оваа книга, Гос првично дискутира за морскиот аквариум. Во 1859-тите години, аквариумот станал тренд во Обединетото Кралство. Варингтон ги осмислувал дизајните на садовите и техниките за одржување на квалитетот на водата, а подоцна станал соработник со Гос. Едвард Едвардс ги развил аквариумите со стаклен преден дел во неговиот патент од 1858 година, со вода која бавно кружи во резервоарот кој се наоѓа под садот. Германците наскоро им станале конкуренти на Британците. Во 1854 година, непознат автор напишал две статии за морскиот аквариум во Обединетото Кралство; „Тендата” преименета како „Океанот на маса”. Сепак во 1856 година, била објавена статијата „Езерото во стакло”, во која се дискутирало за аквариуми со свежа вода, кои се лесни за одржување во копнени предели. За време на 1870-тите години, почнале да се појавуваат првите друштва на акваристи во Германија. Кон тоа се придружиле и Соединетите Американски Држави.во 1858 година, Хенри Д. Батлер, ја напишал книгата „Семејството Аквариум”. Тоа била всушност првата книга во САД, во која се објаснува за аквариумот. Се пишувало дека можно е Вилијам Стимсон, меѓу првите да поседувал функционални аквариуми. Поседувал седум или осум аквариуми. Првото друштво на акваристи во Соединетите Американски Држави било основано во градот Њујорк, во 1893 година. Првото списание за акваристика било издадено во октомври 1876 година и се смета за првото списание за аквариуми. За време на Бикторијанското доба, во Обединетото Кралство, вообичаениот дизајн за домашен аквариум бил стаклен преден дел со дрвени страни. Дното било направено од плоча и ја загревале од долу. Наскоро почнале да се воведуваат понапредни системи, заедно со стаклени садови со метални рамки. За време на втората половина на XIX век, биле измислени голем вид на дизајни за аквариуми, како што се: прикачен аквариум за ѕид, монтиран на прозорец, па дури и во комбинација со кафез за птици. Околу 1908 година, била измислена првата механичка воздушна пумпа за аквариуми, придвижувана од течна вода, наместо електрична енергија. Повеќе историчари ја сметаат примената на воздушната пумпа во хобито за суштински момент во развојот на хобито. Аквариумите станувале се попопуларни, откако домаќинствата биле снабдени со електрична енергија по Првата светска војна. Електричната енергија обезбедила вештачко осветлување, како и снабдување со кислород, прочистување и загревање на водата. На почетокот, аматерите акваристи чувале риби од локалните краеви, а достапноста на егзотични риби од предуморските земји ја зголемила популарноста на аквариумите. За да се пренесат рибите преку морињата, се користеле бокали изработени од најразлични материјали, а кислород влесувале со велосипедска пумпа. Во 1950-тите години, биле измислени пластични кутии за полесено пренесување на рибите. Во 1960-тите години, металните рамки беа исфрлени од употреба кај морските аквариуми, поради корозија. Во Лос Анџелес, Калифорнија, се вовела употреба на катран и силикон за спојување на рабовите. Идејата била на Мартин Хоровиц. Рамките се појавиле повторно во употреба, но само од естетски причини. Во Соединетите Американски Држави, одржувањето на аквариуми е второто најпопуларно хоби, по собирањето на поштенски марки. Во 1999 година, било проценето дека повеќе од девет милиони домаќинства во САД поседуваат аквариуми.

Дизајн[уреди | уреди извор]

Материјали[уреди | уреди извор]

Повеќето аквариуми се направени од правоаголни стакла споени со силикон, пластични рамки кои се прицврстени на горните и долните рабови како декорација. Стаклениот аквариум е стандарден за големини до околу 1.000 литри. Сепак, стаклото е кршлив материјал и има прилично краток век, а прво нешто што најчесто се расиува е изолаторот. Аквариумите можат да се најдат во повеќе форми, како правоаголник, шестаголник, прилагоден за да се смести во агол, и слично. Рибните кугли се направени од стакло или пластика и се овални или во друга кружна форма. Првиот модерен стаклен аквариум го измислил Роберт Варингтон во XIX век. За време на Викторијанското доба, стаклените аквариуми имале плочки или челични дна, кои овозможувале аквариумите да бидат загревани од долната страна со огнени пламени. Аквариумите во тоа време биле со стаклени табли споени со метални рамки и залепени со стакларски кит.. овие аквариуми со метални рамки се продавале сè до 1960-тите години, додека не биле заменети со модерни аквариуми залепени со силикон. Акрилните садови не биле во употреба сè до 1970-тите години. Иако акваристите ги претпочитаат стаклените авариуми повеќе од акрилните поради нивната отпорност и пристапна цена, сепак имаат и недостатоци. Не само што се кршливи, туку се и потешки од акрилните. Ито така нивната изолација е помала и нема голема можност да се најдат необични форми. Многу акваристи или почетници, кои сакаат риби за миленичиња, се соочуваат со големи тешкотии поради тоа што снабдувачите преку интернет не ризикуваат да ги транспотрираат стаклените аквариуми поради нивната кршливост и тежина, со што, логично ја зголемуваат цената на транспортот. Сепак, стаклените аквариуми се посоодветни за други акваристи, бидејќи за разлика од акрилните, стаклото не пожолтува со текот на времето, и не бара голема поддршка како акрилните аквариуми. Иако цената претставува голема дилема за акваристите кога треба да се одлучат каков вид на аквариум да купат, не постои голема разлика во цените кога станува збор за големи садови. Акрилните аквариуми се исто така достапни и се глевен конкурент на стаклените. Тие се многу поцврсти и полесни од стаклените аквариуми. Се користи акриличен растворлив цемент за да се спојат акрилите. Акрилот е погоден за правење на аквариуми со необични форми, како што се шестаголните. Во споредба со стаклото, акрилот може лесно да се изгребе, но за разлика од стаклото,може да се исполираат гребнатините. Понекогаш се користи ламинирано стакло, кое е комбинација од стакло и акрил. При изработка на огромни аквариуми, може исто така да се користат и поцврсти материјали, како плексиглас. Но, тој материјал не е проѕирен. Армиран бетон се користи за аквариуми, каде тежината и просторот не се фатори. Бетонот мора да биде покриен со водоотпорен сад, за да се спречи негово пукање од водата.

Стилови[уреди | уреди извор]

Аквариумите можат да се вградат во мали масички, лавабоа, па дури и во WC-школки. Необичен пример имаме и кај аквариумот наречен „Маквариум”, кој е направен во самиот монитор од фирмата „Епл Мекинтош”. Некои аквариуми имаат место за чување и на друго милениче, како мачка, птица или хрчак. Во последно време, необичен и дизајниран по желба домашен аквариум со цена од илјадници долари, претставува статусен симбол. Спорд весникот „Њујорк тајмс”, „помеѓу луѓето со „длабок џеб”, луксузниот аквариум е сигурен начин за да ги импресионираат своите пријатели.” Аквариумите „крајсел”, кои се со кружна форма, обично се користат за да се чуваат нежни животни, како медузата. Овие аквариуми се со спор проток на вода, минимален хардвер, со цел да спречи животните да се повредат од пумпите или самиот сад. Ваквите аквариуми, кои се германски дизајн, немаат остри рабови и ги чуваат животните од водоводот. Водата која кружи во садот, дава нежен тек и им овозможува на жителите да лебдат, а водата која го напушта садот, е покриена со нежен екран, кој не им дозволува на жителите да се заглавуваат. Има повеќе видови на аквариуми „крајсел”. Оригиналниот „крајсел”, кој е кружен сад, има кружен капак. „Псевдокрајсел-от” има дно со облини и рамна горна површина, сличен е на полукруг. Друг попоуларен спој е биотопниот аквариум. Таквиот аквариум претставува имитација на одредена природна средина. Некои од најпознатите биотопни аквариуми се: реката Амазон, реката Рио Негро, езерото Малави, езерото Викторија и слично. Рибите, растенијата, земјата, камењата дрвото и другите делови во аквариумот, мора да бидат со потекло од природната средина. Вистински предизвик е да се направи средина идентична на вистинската.

Големина и волумен на аквариумот[уреди | уреди извор]

Аквариумите може да бидат со најразлична големина; од мали стаклени кои собираат помалу од литар, па сè до огромни јавни аквариуми кои собираат цели екосистеми како водна средина. Релативно големите аквариуми не дозволуваат температурата и pH вредноста да варира и овозможуваат поголема стабилност на системот. Непрочистените кугли за чување на риби, денес се сметаат за несоодветни за рибите. Денес се достапни напреднати алтернативи. Со цел да се одржат водните услови на задоволително ниво, секој аквариум треба да содржи три форми на прочистување: биолошко, механичко и хемиско. Гребенските аквариуми со под 100 литри вода, имаат посебно место во аквариумското хоби. Просечните ограничувања, особено на тежината (еден литар свежа вода има маса од еден килограм, а солената вода е уште погуста) и внатрешниот воден притисок на големиот аквариум, изнесува еден кубен метар во обемот. Сепак, некои акваристи конструираат аквариуми кои собираат околку илјади литри вода. Јавните аквариуми, кои се специјално дизајнирани за изложба на голем вид на видови, може да бидат многу поголеми од домашните аквариуми. На пример, аквариумот во Џорџија (САД) има посебен аквариум кој собира приближно 24 илјади литри вода.

Составни делови[уреди | уреди извор]

Секојдневниот аквариум се состои од: систем за прочистување, вештачко осветлување и грејач или ладач, зависно од жителите на аквариумот. Многу аквариуми имаат капак за да се намали испарувањето и да се спречат рибите да скокнат од аквариумот. Кај аквариумите чести се мешаните биолошки и механички системи за прочистување. Тие го претвораат амонијакот во нитрат или некогаш го отстрануваат фосфатот. Системите за прочистување се најсложениот дел во куќните аквариуми. Грејачите во аквариумот го комбинираат грејниот елемент со термостат, дозволувајќи му на акваристот да може да ја регулира температурата на водата на повисоко ниво од просторијата. Ладачите се користат секаде, како што се аквариумите со ладна вода, каде просторијата во која се наоѓаат е со температура повисока од потребната. Некои акваристи користат воздушни пумпи прикачени за водни пумпи, за да го зголемат кружењето на водата и да му обезбедат на аквариумот со соодветна размена на гасовите на површината на водата. Исто така можат да се вградат и уреди за да ја брануваат водатат во аквариумот, за да биде поатрактивно. Големината, осветлувањето, условите, растенијата и многу други фактори, влијаат на однесувањето и преживувањето на жителите на аквариумот. Аквариумот мора да биде поставен на специјално изработен држач. Поради тежината на аквариумот, држачот мора да биде цврст. Садот кој не е соодветно ставен, може да се искриви и да пукне. Тие се обично направени од метал и се во многу стилови, зависно од вкусот на купувачот.

Одржување на аквариумот[уреди | уреди извор]

Голема количина на вода, овозможува поголема стабилност во садот од разградувачките ефекти што ги има смртта на животните, или контаминација која го става аквариумот надвор од урамнотеженост. Колку што е поголем аквариумот, полесно е да се апсорбира системскиот шок, бидејќи неговите последици се разградени. На пример, во аквариум од 11 литри, смртта на една риба предизвикува драстични промени во системот, а додека смртта на една риба во аквариум од 400 литри предизвикува минимална промена. Од овие причини, акваристите претпочитаат поголеми аквариуми, бидејќи бараат помала грижа. Неколку биохемиски циклуси се битни во аквариумот. Разградениот кислород влегува во системот, на самата површината при допир со водата, или преку воздушна пумпа. Јаглеродниот диоксид излегува од системот преку воздухот. Соодветниот однос на биохемискиот циклус, заедно со снабдувањето на соодветно урамнотежена исхрана, е доволно за да се одржат другите биохемиски циклуси во просечна рамнотежа. Аквариумот мора да се одржува редовно, за рибите да бидат здрави. Дневното одржување се содржи од проверување на рибите од знаци на стрес или болест. Акваристот исто така мора да ја одржи водата во добар квалитет, да не биде мремногу матна или пенлива и температурата да биде соодветна за рибите и оособените видови во аквариумот. Нормално неделно одржување, вклучува менување на приближно 20% на водата и чистење на песокот, доколку го има. Водата директно од чешма се смета за несоодветна и небезбедна за рибите, бидејќи содржи хемикалии кои можат да им наштетат на рибите. Затоа, секоја вода од чешма, мора да биде прочистена со воден уред, како што е производ кој отстранува хлор и други елементи присутни во водата. Пред да се префрли водата во садот, мора да се споредат параметрите, за да бидат на приближно ниво, за да не ги шокира рибите.

Водни услови[уреди | уреди извор]

Растворотливата содржина во водата е најважниот аспект од условите во водата. Вкупните растворени цврсти материи и други состојки, имаат драстично дејствие во хемискиот состав на водата и за животот на организмите во водната средина. Содржината на солта во водата е најважна основна мерка за водните услови. Аквариумот може да биде со слатка вода, кој симулира речна или езерска средина, со соленкаста вода, што симулира животни средини кои се на граница меѓу слатка и солена вода и морска вода која симулира океанска средина. Солената вода е особено алкална, додека, pH вредноста кај слатката вода се разликува повеќе. Се претпочита мерење на цврстината на водата на разградениот минерален состав кај меката или тврдата вода. Тврдата вода е обично алкална, а додека меката е неутрална до кисела. Разградената органска содржина и гасовите се исто така важни фактори. Акваристите кои имаат аквариуми дома, обично користат вода од чешма, која ја добиваат од градската водоводна мрежа. Бидејќи не смее да се користи водата директно од чешма поради присуството на многу хемиски елементи, се користат посебни додатоци составени за да го отстранат хлорот. Поискусните акваристи ја менуваат алкалноста на водата, тврдоста, или разградената содржина на материи и гасови, пред да ја стават во садовите. Тие исто така ја прочистуваат водата. Температурата на водата ги одредува двете основни аквариумски поделби: тропска во спротивност со ладна вода. Многу видови на риби и растенија, поднесуваат ограничен степен на толина. Почести се тропските аквариуми со просечна температура од 25 ˚C. Температурата на водата се регулира со термостат и грејач или ладач. Исто така може да се регулира и движењето на водата во аквариумот, зависно од неговите жители. Може да се симулираат бранови со помош на специјални воздушни пумпи и вентилатори.

Азотен циклус[уреди | уреди извор]

Најголема грижа за акваристот е управувањето со отпадот кој го создаваат жителите на аквариумот. Рибите, без‘рбетниците, габите и некои бактерии испуштаат азотен отпад во форма на амонојак и тоа мора да помине низ азотниот циклус. Амонијакот се создава преку разградување на материи од животните и растенијата, како и фекалните материи. Азотниот отпад може да биде отровен за рибите и другите жители на аквариумот.

Самиот процес[уреди | уреди извор]

Добро урамнотежениот аквариум содржи организми кои се способни да ги метаболизираат отпадните материи на другите жители. Процесот е познат како азотен циклус. Постојат азотни бактерии кои го метаболизираат азотниот отпад. Овие бактерии го земаат амонијакот од водата и го метаболизираат во нитрит. Друг вид на бактерија, го претвора нитритот во нитрат, која е помалку отровна супстанца. Во придружба на бактериите, водните растенија исто така го отстрануваат азотниот отпад, со што го метаболизираат амонијакот и нитратот. Кога растенијата ги метаболизираат составните делови на азотот, тие го отстрануваат азотот од водата со тоа што го користат за да создадат биомаса, која се разградува полесно од амонијакот.

Одржување на азотниот циклус[уреди | уреди извор]

Азотот мора да се додаде во циклусот (преку храната). Нитратите се натрупуваат во водата на крајот од процесот или се врзуваат во биомасата од растенијата. Акваристот мора да ја смени водата кога ќе порасне концентрацијата на азот или да ги отстрани растенијата кои пораснале од нитратите во аквариумот.

Опрема за аквариуми[уреди | уреди извор]

За да се одржи аквариумот чист и свеж, треба да се користат специјални направи за чистење. Тоа може да вклучи и ангажирање на специјални чистачи на аквариуми дизајнирани да ја чистат водата и да ја одржат во свежа состојба. Тоа се посебни мрежи, гребла, вати, четки, чистачи за песок, изолатори и пинцети. Соодветно исчистениот аквариум е битен за да се одржат рибите во живот. Чистењето мора да се извршува редовно, за се одржат рибите здрави. Исто така чистиот аквариум изгледа поубаво. Мрежите се битни направи за чистење, бидејќи со нив се фаќаат рибите и се префрлаат во други садови со вода. Може да се најдат во различни големини и форми. Производите за дезинсекција на аквариумот, може да се користат за да се исчистат коралите и живите камења во аквариумот. Прочистувачите на водата се најбитните производи кои треба да се купат уште за првото чистење на аквариумот. Водните регулатори и додатоци, како отстранувач на хлор, помагаат да се прочисти водата од чешма и да се направи безбедна за рибите. Мора да се следи нивото на амонијак во водата, бидејќи неговата преголема присутност може да резултира со смрт на рибите. Производителите измислиле специјално дизајнирани отстранувачи на амонијак, кои го претвораат амонијакот во неотровен додека го преработува филтерот. Се користат посебни прочистувачи на водата за да се намали заматеноста и пената во водата. Ставање премногу храна или мртва риба може да предизвика зголемување на органски отпад и да ја загрози рамнотежата во аквариумот. Течните производи за чистење, како водните прочистувачи или регулаторите не се наменети за да заменат длабинско чистење на аквариумот, кое треба да се извршува најмалку еднаш во две недели. Сепак, тие се секогаш на дофат за да се одржат рибите здрави додека акваристот најде време за да го исчисти аквариумот.

Поделба на аквариуми[уреди | уреди извор]

Од надворешни базени и стаклени антички тегли, модерните аквариуми еволуирале во широк спектар на специјализирани системи. Големината на еден аквариум може да варира од една малечка кугла доволна да собере една мала рипка, па сè до огроми јавни аквариуми кои можат да соберат илјадници риби, како и да симулираат еден морск свет. Еден начин да се класифицираат аквариумите е според соленоста на водата. Најпопуларни се аквариумите со слатка вода, поради нивната цена и начин на одржување. Потребна е поголема и посложена опрема за да се одржи морскиот аквариум. Во морскиот аквариум може покрај риби да има и најразлични без‘рбетници. Аквариумот со соленкаста вода, комбинира елементи од слатководните и морските аквариуми. Рибите кои се чуваат во соленкаста вода се со потекло од водни средини со соленост која варира. Такви средини се мангровите и естуарите. Можат да се направат и под-поделби на овие аквариуми. Таков примет е гребенскиот аквариум, во кој се чуваат корали и претставува мал морски аквариум. Друга поделба, е според температурата на водата. Многу акваристи претпочитаат тропски аквариум, бидејќи тропските риби се разнобојни. Но, и аквариумот со ладна вода е во иста мера популарен. Најчестата риба која се чува во ладните аквариуми е златната риба, номоже да се одгледуваат и многу други видови кои имаат разновидно потекло. Аквариумите може да се групираат и според изборот на видови. Во мирните аквариуми се чуваат повеќе неагресивни видови кои живеат мирно. Во таквите аквариуми, рибите, без‘рбетниците и растенијата веројатно не припаѓаат од иста географска средина, но поднесуваат слични водни услови. Во споредба со мирните, агресивните аквариуми содржат ограничен број на видови кои можат да бидат агресивни кон други риби или покажуваат брзи движења. Некои аквариуми содржат само еден вид на риби, со симулација на природната средина во која живеат. Овој тип на аквариуми е посебно за риби кои не можат да живеат со други видови, како електричната јагула, што претставува екстремен пример.

Јавни аквариуми[уреди | уреди извор]

Многу јавни установи имаат помали аквариуми, како и аквариуми кои се преголеми за домашно чување. Најголемите аквариуми собираат милиони литри вода и може да вдомат различни видови на големи видови, како ајкули или бели китови. Постојат посебни аквариуми во кои живеат само делфини, наречени делфинариуми. Во јавните аквариуми може да се чуваат водни и полуводни животни, како што се пингвини, фоки, моржови, видри, дабари и слични животни. Јавните аквариуми може да бидат составен дел од установи како паркови за морски цицачи и морски паркови.

Виртуелни аквариуми[уреди | уреди извор]

Виртуелен аквариум, всушност претставува компјутерска програма, кода користи 3-Д графици за да се созаде аквариум на компјутерски екран. Виртуелните риби се движат во реално време, додека позадината е обично неподвижна. Има и меурчиња и звици кои симулираат вода. Ваквите аквариуми најчесто се користат како заштитник на компјутерскиот екран. Виртуелните аквариуми можат да бидат толку успешно изработени, што можат да се користат како замена за вистински аквариум во домовите. Се разбира тие се полесни за одржување.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Definition of aquarium“. Merriam-Webster Online Dictionary. Посетено на 2007-04-03.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]