Антун Колендиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија

Антун Колендиќ (Омиш, Хрватска, 1914 - Марина ди Рагуза, Сицилија, 29 април 1999)[1] бил југословенски комунист, амбасадор, публицист и учесник во НОВ. Носител е на Партизанска споменица 1941 и други високи одликувања на СФРЈ.

Животопис[уреди | уреди извор]

Колендиќ станал член на СКОЈ во 1932 година, а на КПЈ во 1933 година. Во првите месеци од 1934 година тој дошол од Загреб во Скопје со задача да ја обнови партиската организација во Скопје и да ја поврзи со ЦК КПЈ. Во Скопје Колендиќ го обновил и Обласниот комитет за Македонија и бил на негово чело како привремен секретар.[2] Во декември 1934 година е уапсен и во јуни 1935 година е осуден на четири години. Казната ја одлежува во затворот во Сремска Митровица. На 12 јануари 1940 година е интерниран во концентрациониот логор во Билеќа.[3]

По бугарската окупација на Македонија, Колендиќ заминува во Првиот скопски партизански одред, формиран на 22 август 1941 година. Во одредот е секретар на партиската организација. По распуштањето на одредот, живее во илегала и одреден период е во Бугарија. Во мај 1942 година во процесот против борците на Првиот скопски одред бугарскиот воен суд во Скопје во отсуство го осудува на смрт со бесење.[4]

По крајот на војната работи како уредник на „Борба“, а потоа е долгогодишен дипломат во југословенските дипломатски претставништва во Софија, Виена, Грац и Западен Берлин. Главно работи во разузнавачкиот сектор. Додека е на служба во Западен Берлин, на 30 јуни 1969 година припадниците на усташката емиграција извршуваат обид за атентат врз него. Во таа прилика, Колендиќ е тешко ранет, а последиците од атентатот ги чувствувал до крајот на животот.

Завршил студии по книжевност на Белградскиот универзитет, каде и докторира на историски науки. Се занимавал и со публицистика. Благодарение на неговото истражување, беа актуелизирани две дубровнички ренесансни комедии: „Боздоган“ и „Лукреција – или ти Ждрело“. За работата на втората претстава Колендиќ во 1994 година ја добива Стериината награда.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Branka Kaljević "Odlazak znamenitih" Архивирано на 20 март 2015 г., "Vreme", broj 441, 19. jun 1999.
  2. Иван Катарџиев (ур.) „Документи и материјали 1919-1920”, „Комунист”, Скопје, 1985, 2 книга, 21 стр.
  3. „Скопје во НОВ 1941“, Скопје, 1973, 209 стр.
  4. Биографија на Антун Колендиќ

Надворешни врски[уреди | уреди извор]