Џони Мнемоник (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Џони Мнемоник (англиски: Johnny Mnemonic) — филм од 1995 година од жанрот киберпанк, снимен по расказ на Вилијам Гибсон. Во филмот Киану Ривс го игра насловниот лик - човек чиј вграден кибернетски дел во мозокот служи за складирање информации. Филмот го отсликува стандардниот дистописки поглед на иднината на Гибсон, во која доминираат големите корпорации и каде има силни источноазиски влијанија.

Режисер е Роберт Лонго, а филмот е сниман на локации во Канада, со Торонто и Монтреал наместо Њуарк, Њу Џерси и Пекинг. Неколку локални споменици се појавуваат во филмот, како на пример: Јунион станицата во Торонто и Жак Картие мостот во Монтреал.

Заплет[уреди | уреди извор]

Џони е шверцер на податоци кој има вграден дел во мозокот што му овозможува безбедно да чува податоци кои се преосетливи за вообичаените сметачки мрежи. Неговиот мозок може да чува речиси 80 гигабајти на податоци или 160 доколку користи збивање. Џони го користи овој имплант за да работи како курир помеѓу заинтересираните страни. На една испорака на податоци, тој прифаќа пакет кој не само што ја надминува безбедносната граница на вградениот уред (што значи дека може и да биде фатален за него ако податоците не се отстранат на време), туку и чијашто содржина е поважна и повредна од сè што тој можел да замисли. Тој мора да се погрижи податоците да бидат отстранети и да ги избегне убијците кои се пратени по него од компанијата која ги поседува податоците.