Ќе запознаеш висок, црн туѓинец (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Ќе запознаеш висок, црн туѓинец (англиски: You will meet a tall dark stranger) е американско-шпански игран филм од 2010 година, во режија на Вуди Ален (Woody Allen), кој исто така е автор и на сценариото. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Наоми Вотс (Naomi Watts), Антонио Бандерас (Antonio Banderas), Антони Хопкинс (Anthony Hopkins), Џош Бролин (Josh Brolin), Гема Џонс (Gemma Jones), Фрида Пинто (Freida Pinto) и Полин Колинс (Pauline Collins). Како продуценти на филмот се јавуваат: Mediapro, Versátil Cinema, Gravier Productions итн. Филмот трае 98 минути, буџетот на филмот се проценува на 22 милиони долари, додека заработката во САД изнесувала само 3,2 милиони долари. Исто така, филмот добил различни оценки од филмските критичари, кои истакнувале дека, наспроти одличните актери, филмот е далеку од најдобрите остварување на Ален.[1] [2] [3]

Содржина[уреди]

Во филмот се прикажува судбината на два брачни пара: Алфи (го игра Хопкинс) и Хелена (ја глуми Џонс), од една страна, и нивната ќерка Сали (ја игра Вотс) со мажот Рој (го глуми Бролин). Алфи запаѓа во средовечната криза и ја напушта Хелена. Таа паѓа во депресија и се обидува да се отруе со апчиња. За да не мисли на разводот, нејзината ќерка Сали ѝ средува сеанси кај една гатачка, која постојано ја лаже Хелена, претскажувајќи ѝ само убави нешта. Така, Хелена добива волја за живот и дури запознава и еден постар господин со кого одлучува да го продолжи животот. Алфи, пак, се однесува сосема спротивно: изнајмува стан и се оженува со една згодна проститутка, која постојано му ги цеди парите. Со текот на времето, Алфи ја сфаќа грешката и кога ќе ја фати својата жена во прељуба, ја моли поранешната жена да му се врати, но таа го одбива.

За тоа време, Сали наоѓа работа како помошничка на сопственикот на една успешна галерија. Неа ја привлекува нејзиниот шеф Грег (го глуми Бандерас), но тој е во врска со една сликарка. Кога го открива тоа, Сали се разочарува и решава да ја напушти работата и да отвори своја галерија. За тоа бара пари на заем од мајка си, но таа ја одбива, зашто верува дека распоредот на планетите не е погоден за финансиски трансакции. Во меѓувреме, Сали и Рој се разведуваат, зашто таа е незадоволна од него, поради тоа што тој не работи ништо, а освен тоа, не сака да имаат бебе.

Рој е дипломиран доктор, кој никогаш не се бавел со медицина, ама сака да биде писател. Бидејќи нема посебна дарба, не може да најде издавач за неговите книги, но наеднаш, среќата му се насмевнува. Спроти неговиот стан живее младата девојка Дија (ја игра Пинто), која тој постојано ја гледа низ прозорецот, а подоцна стапува во врска со неа, иако таа е венчана. Таткото на Фрида е книжевен критичар и преведувач. Во меѓувреме, Рој дознава дека еден негов пријател (извонредно надарен писател) загинал во една автомобилска несреќа. Затоа, Рој упаѓа во неговиот дом, го краде ракописот од неговата необјавена, извонредна книга и му го дава на таткото на Дија за да добие критика. Таткото на Дија е воодушевен, по што издавачката куќа воодушевено се согласува да ја отпечати книгата. За несреќа, Рој дознава дека вистинскиот автор на книгата не загинал, туку е во кома, и тоа со извесни изгледи да се разбуди.[4] [5]


Наводи[уреди]

  1. IMDB - You will meet a tall dark stranger (2010) (пристапено на 11 април 2014)
  2. Rotten tomatoes - You will meet a tall dark stranger (2010) (пристапено на 10 април 2014)
  3. "Шармантна комедија за човечките илузии", Антена, број 823, 4.4.2014, стр. 3.
  4. IMDB - You will meet a tall dark stranger (2010) (пристапено на 11 април 2014)
  5. "Шармантна комедија за човечките илузии", Антена, број 823, 4.4.2014, стр. 3.