Ѓурѓовден кај Власите во Република Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ѓурѓовден кај Власите во Република Македонија е културно наследство со национална класификација за Духовно културно наследство- обичаи од годишниот циклус/ Ѓурѓовден 3.1.2.2.8.[1]

Датирање[уреди | уреди извор]

Датирањето на празникот Ѓурѓовден не може со прецизност да се утврди бидејќи станува збор за архаична обредност. Етимолошки, празникот се поврзува со христијанскиот светец и великомаченик Георгиј Победоносец, кој живеел кон крајот на III и почетокот на IV век. Поврзувањето на Ѓурѓовден со култот на Св.Ѓорѓи е подоцнежна појава, бидејќи овој култ е распространет на Балканскиот полуостров околу V век при обидот на христијанската црква за уништување на паганството.

Опис на доброто[уреди | уреди извор]

Етнографскиот материјал поврзан со Ѓурѓовден кај Власите во Република Македонија нуди драгоцени податоци за согледување на дејствувањата во оние области од обичниот живот за кои не постојат пишани извори. Ѓурѓовден (како и Митровден) претставувал важен празник во народниот календар на Власите бидејќи се поклопувал со циклусот на сезонските миграции. Имено, со Ѓурѓовден започнувала новата стопанска година за сточарите, а завршувала на Митровден. Ѓурѓовден (Аѕиу Иорви кај Власите) се празнува на 6 Мај според новиот или 23 април според стариот календар.

Обичаи[уреди | уреди извор]

обичаите што се извршуваат на овој празник опфаќаат разни обредни дејства кои имаат различни цели. Тие се дополнуваат меѓу себе, иако можат и изолирано да се набљудуваат. Идентификувани се следниве Ѓурѓовденски обичаи:

  1. 1. Обичаи поврзани со вегетацијата:
  • Групно берење разни билки (adunare virdeatsã, iarbã shi saltsã) на кои им се припишува магиска моќ, со цел, особините на билките да се пренесат и на луѓето;
  • Украсување на прагот, портата, скалите со набраните билки со истата цел (azvolare);
  • Нишање на зелено дрво кое има обредно-магиска функција(leagãn pi pom): продуктивна, поврзана со здравјето на оној кој се ниша и за заштита од зли сили. Доколку во близина нема дрво, тогаш нишалката се прави на специјална дрвена конструкција т.н. строп.
  • Мерење на кантар кој се закачува на зелено дрво (ghigsire), исто така има апотропејска функција.
  • Движење, шетање на девојките низ природа, ливада, со цел вегетацијата да влијае врз растот на нивната коса (chiptinare).
  1. 2.Обичаи во врска со овчарството (picurarilje):
  • Овие обичаи се насочени кон зголемување на плодноста на овците (fertilitatea a oilor), млекото и млечните продукти (lapte, mãrcat, dhalã, cash, cash bãtut, casgcaval, gizã), како и нивна заштита од болести (afirire di lãngori).
  • Обредното истерување на добитокот на паша (пасење) (pãshceare); обредно штркање (pruscuchire); обредно закрмување (furajare); обредно украсување на садовите што служат при молзењето на овците; обредно замолзување (muldzeare); лачење, одвојување на јагнињата од мајките (curmare) и слично;
  • Жртвување на јагне(tãljare nljel): се коли обично најдоброто јагне одбрано за оваа прилика со цел натприродните сили да обезбедат зголемување и заштита на стадото;
  1. 3.Обичаи поврзани со почетокот на новата годишна сезона т.е. почетокот на новата стопанска година:
  • Склучување на усмени договори помеѓу поединци овчари (picurari) и спотвениците на стадата (chihãljats) кои траат до Митровден (главење на овчари picurari, момоци huzmichari);
  • Обреди кои имаат за цел заштита на здравјето на овчарите во престојниот период (afirire a sãnãtatãljei);

Посебни карактеристики[уреди | уреди извор]

Посебна карактеристика на празникот Ѓурѓовден кај Власите во Република Македонија пронаоѓаме во:

  • Власите како припадници на православната вера, Св.Ѓорѓи го сметаат за заштитник на стадата, трлата, сточарите и нивните животи;
  • Верувале дека јагнето заклано на овој празник се принесува како жртва на Свети Ѓорѓи;
  • Обредот што се извршува на Ѓурѓовден се јавува кај Власите- сточари, т.е. оние кои директно се занимавале со сточарство и припадници на таквите семејства и занаети, односно припадници на соодветните занаетчиски семејства;
  • За Власите- припадници на двете социјални категории, празникот Ѓурѓовден се смета за празник со кој се означува почетокот на новата стопанска година;

Потекло[уреди | уреди извор]

Ѓурѓовденските обичаи се својствени за сите Власи што живеат во одделни региони на Република Македонија, а во прв ред во: Крушево, Штип, Куманово, Струга, Битола.

Загрозеност на доброто[уреди | уреди извор]

  1. 1.Степен на загрозеност

Степенот на загрозеност на ѓурѓовденските обичаи е доста висок. Денес овие обичаи се наоѓаат пред потполно исчезнување. За ѓурѓовденските обичаи, нивната суштина и значење знаат само постарите. Повеќето информатори воопшто не знаат што всушност претставуваат одделни елементи, иако на одреден начин сепак ги вршат. За магиските и други верувања што лежат во основата на овие обичаи тие уште помалку знаат.

  1. 2.Причини и фактори на загрозеност
  • Причините за загрозеност на ѓурѓовденските обичаи произлегуваат од општествено-економските промени што го зафатија нашето општество по Втората Светска војна. А тоа се: колективизација на стадата и пасиштата и конфискација на имотот.
  • Овие промени предизвикаа значајни трансформации во основните функции на семејството кое претставувало основно јадро во негување на традиционалната култура.
  • Миграцијата на населението од руралните во урбаните средини како и промената на традиционалните занимања, придонесоа за нарушување на традиционалната култура.
  1. 3.Потреба од документирање
  • За заштита на изворниот материјал потребни се:

-Дополнително сондирање;

-Теренски истражувања;

-Регистрирање на изворен материјал;

-Систематизација на собраниот изворен материјал;

-Архивски истражувања;

-Дигитализација;

-Реконструкција на разните обичаи што се спроведуваат на Ѓурѓовден;

Негување на доброто[уреди | уреди извор]

  • Организирани облици:

Ѓурѓовденските обичаи делумно се негуваат во рурални и урбани средини каде што живее влашко население. Дел од ѓурѓовденските обичаи, во редуцирана форма, би требало да ги негуваат и одредени влашки културно-уметнички друштва ставајќи дел од овие обичаи на својот репертоар.

Употреба на доброто[уреди | уреди извор]

Ова културно добро, покрај тоа што денес го употребува влашката популација во редуцирана форма, се презентира во емисиите на влашки јазик во културно-информативните програми на Македонската радио и телевизија, а е од особен интерес за истражувачите коишто се занимаваат со оваа проблематика: етнолози, антрополози, фолклористи, социолози, лингвисти и друго.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Weigand G., Die Aromunen, Etnographisch - philologisch - historische untersuchungen uber das Volk der sogenanten Macedo-Romunen oder Zinzaren, Leipzig, 1894.
  • Papahagi P., Din literatura poporana a Aromânilor, Bucureºti,1900.
  • Антониевич Д., Обреди и обичаи на Балканските сточари, SANU, Белград, 1982.
  • Цепенков К.Марко, Македонски народни умотворби, кн. 9, редактирале: Кирил Пенушлиски и Лепосава Спировска, Скопје, 1980, стр. 64, 73, 76. (првично издание: Софија, 1890).
  • Ановска К., Социјалната припадност на народните раскажувачи Власи, Скопје, 1995.
  • Ановска К., Социјално-фолклорни интеракции во влашкото семејство, Скопје, 2000.
  • Колева Т., Ѓурѓовден и умните Славјани, Софија, 1981.
  • Трајковски Н., Пролетните обичаи и песни кај Македонците и Власите во Струга, Македонски фолклор, бр. 12, Скопје, 1973.
  • Петреска В., Пролетниот циклус обичаи во македонскиот фолклор разгледуван од аспект на обреди на премин, Современост, бр. 1-2, Скопје, 1998.
  • Малинов З., традицискиот народен календар на Шопско-брегалничката етнографска целина, Скопје, 2006.
  • Русич Б., Песни за пеење со нишање кај Македонците и соседните јужнословенски и несловенски народи, Труд од IX-от Конгрес SUFJ во Мостар и Требиње 1962, Сараево, 1963.
  • Антиќ В., Свети Ѓорѓи и народната традиција, народно создаваштво, бр. 37-38, Белград, 1971.
  • Каваев Ф., Пролетни обичаи од Струга, Македонски фолклор, бр. 12, Скопје, 1973.
  • Китевски М., македонски народни празници и обичаи, Скопје, 1996.

Наводи[уреди | уреди извор]