Црква „Св. Наум Охридски“ - Попова Шапка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Наум Охридски

Поглед кон Манастирската црква

македонска православна црква
Епархија Тетовско-гостиварска
Архијерејско намесништво Тетовско
Парохија Прва тетовска
Местоположба

Карта

Место Попова Шапка
Општина Тетово
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Наум Охридски
Изградба 3 јули 1992
Осветување 3 јули 1995
Зограф Никола Цонев
Архитектонски опис

Свети Наум Охридски — главната манастирска црква на истоимениот манастирски комплекс во шарпланинскиот ски центар Попова Шапка. Во подалечното минато во непосредна близина на сегашната црква имало храм посветен на Вознесението Христово. Таа се наоѓала над денешниот воен дом, бидејќи најдени се и нејзините темели. По паѓањето на Македонија под турско ропство, покрај другите цркви и манастири го разурнале и овој храм. Турците разурнатата црква ја користеле како кула за набљудување на околните места. И по Втората светска војна народната милиција по потреба го користела местото за набљудување.

Иницијатива и обновување[уреди | уреди извор]

По Втората светска војна урбанистите од швајцарската фирма „Акау" работејќи ја програмата за развој на Попова Шапка предвиделе и изградба на црква. Потоа иницијативата безрезервно ја поддржале група граѓани од Тетово, а и од иселениците во прекуокеанските држави, на кои идејата им била презентирана. Околу изградбата на манастирската црква дошло до спротивставувачки реакции од страна на Мешихатот на Исламската верска заедница, некои албански партии и нивни пратеници во Парламентот. Во 1992 година во просториите на соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово, бил формиран иницијативен одбор за изградба на црквата и целиот манастирски комплекс. Тогаш се донела одлука за возобновување на манастирот „Света Богородица" на Шар Планина и преименување во манастирски комплекс "Свети Наум Охридски-Чудотворец", во чест на еден од најголемите македонски светители. На 3 јули 1992 година е осветена и положен бил камен темелник, со што и официјално се отпочнало со изградбата на манастирската црква, на 3 јули 1993 година бил извршен чинот на мало осветување на црквата, а воедно и поставен камен темелник за изградба на новите конаци и камбанаријата, а на 3 јули 1995 година црквата била осветена заедно со влезните врати на овој манастирски комплекс.

Архитектонски опис[уреди | уреди извор]

Црквата има димензии 50 m2 во основа. Таа зазема центрлано место во комплексот, на надморска височина од 1730 m што ја вбројува меѓу неколкуте цркви на најголема надморска височина на Балканот. Посебно е внимавано црквата да ги задоволи сите барања за нејзината намена и за целосна вклопеност во пејзажот на планината, остварено и преку обликување на фасадата од необработен камен ваден од самата месност. Со тоа на визуелен и симболичен начин е подвлечена одомаќеноста, древноста и цврстината на Македонската православна црква на овие простори. Проектот на црквата е изработен од архитектот Богосав Божиновски. Фрескоживописот на црквата е изведен од страна на академскиот сликар Никола Цонев од Скопје, кој исто така ги изработил и иконите што се поставени на иконостасот. Некоим икони се дело на Сашо Панов. Иако за време на воениот конфликт во Македонија во 2001, близината на целиот комплекс не влијаела на тоа таа биде оштетувана и ограбувана, првиот грабеж бил забележан во 2010 година[1].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Грабеж на црквата на Попова Шапка“. А1. 4 февруари 2010. Посетено на 2011-01-16.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]