Манастир „Св. Ѓорѓи“ - Мала Речица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Ѓорѓи

Остатоци од црквата по налетот на албанските терористи

македонска православна црква
Епархија Тетовско-гостиварска
Архијерејско намесништво Тетовско
Парохија Трета тетовска
Местоположба

Карта

Место Мала Речица
Општина Тетово
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Ѓорѓи
Изградба 13 век, 1936
Осветување 8 октомври 2017
Живопис 14 век
Изгорена 2001
Архитектонски опис

Манастирот Св. Свети Ѓорѓија — манастирски комплекс во тетовското село Мала Речица. Црквата претставува споменик на културата од 14 век. Во своето постоење била двапати рушена и еднаш запалена. Последен пат е запалена во 2001 на самиот ден пред патрониот празник на црквата, Свети Ѓорѓи.[1] Црквата потпаѓа под Третата тетовска парохија.

Историја[уреди | уреди извор]

Местото на кое се наоѓа манастирот претставува еден вид на стара населба која е рамнинска, на надморска височина од 490 метри. Во наоѓалиштето на кој се наоѓа манастирот, според историските податоци, населби со православно македонско население имало уште од 11 век, а се споменува дека постоеле 16 цркви и манастири. За поголем дел од нив нема материјални траги на лице место, бидејќи се разурнати со доаѓањето на Албанците од планинските делови на Албанија, на овие простори. Постојат остатоци од црквите „Света Недела“, „Света Богородица“, „Свети Атанасиј“, како и сега остатоците од опожарениот манастир „Свети Ѓорѓи“.

Црквата „Свети Ѓорѓи“ како православно светилиште, според црковните книги се споменува уште во 13 век, додека фрескоживописите потекнуваат од 14 век. За време на турското владеење, црквата била во два наврати уништувана. Во 1920 година вршени се ископувања и пронајдени се темелите на старата црква. Во 1936 година врз темелите на старата црква се возобновува денешната црква, од ктиторот Ѓоце Митрушевски, трговец од Тетово. По смртта на ктиторот, за манастирот и неговото одржување, се грижел неговиот син Круме, заедно со многу родољубиви и чесни христијани.

Според археолошките истражувања на Д-р Петар Миљковиќ - Пепек од 1967 година, на остатоците од старата црква, под сега веќе опожарената црква, пронајдени се остатоци од фрески како и темели кои датираат од 14 век. Тоа е значаен факт кој потврдува дека станува збор за вреден споменик на културата, не само во тетовската област, туку воопшто во историјата на византиската уметност. Тогаш остатоците од фреските се однесени на конзервација во музејот на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, каде е утврдена нивната старост. Наоѓалиштето и црквата „Свети Ѓорѓи“ е значаен споменик на културата од највисок ранг како дел од културното наследство воопшто. Во 1965 година се изградени конаците и придружните објекти.

Во овој манастир престојувал и неговото високопреосвештенство митрополитот Полошко-кумановски Господин Кирил. Грижата за манастирот во 1970 година ја презел Тодор Петрушевски, зет на покојниот Круме Митрушевски. Во 1971 година во манастирот заживува монашкиот живот и за старешина на манастирот е поставен јеромонахот Пантелејмон кој во овој манастир живеел и работел сè до својата смрт, односно до 1981 година.

До март 2001 година манастирскиот комплекс опстојувал мирно и не бил загрозуван од албанското население, со исклучок на поедини незначителни инциденти. Таков е случајот во 1955 година кога внуците на Рамадани Шазо, од село Мала Речица кои преку ноќ доаѓале во црквата и му се заканувае на чуварот дека ќе го убијат под изговор дека им е "партиска должност" да го избркаат чуварот и да го разурнат манастирот.

Црквата „Св. Ѓорѓија“ во Г. Речица е место каде што православните верници се собирале за празникот на светителот, на 6 мај и на 9 декември.

Пожарот од 2001[уреди | уреди извор]

Според официјалните извори на Противпожарната служба од Тетово на ден 8 декември 2001 добила повик од Албанец од Голема Речица во кој е пријавен пожарот. Официјално пожарот е подметнат од непознати лица. Пламенот ја зафатил црквата околу 19 часот и 30 минути и до темел изгореле ѕидовите, фреските, иконите, иконостасот и помошниот објект каде што била сместена кујната.[2] Следниот ден на 9 декември 2001 се случил уште еден вандалски акт во комплексот на храмот. Околу 10 часот непознати сторители го запалиле и внатрешниот дел на конакот, кој се наоѓа во непосредна близина на црквата. Додека полицијата вршела увид на местото на настанот, околу комплексот се слушале поединечни истрели од огнено оружје.

Палењето на црквата предизвикал широк бран на осуди.[3] Во МПЦ и кај тетовското архијерејско намесништво постои иницијатива за возобнувување на манастирот.[4]

Обнова[уреди | уреди извор]

После пожарот на манастирскиот комплекс веднаш започнала иницијатива за возобновување на манастирот. Првите чекоти се случиле во 2010 година, кога група од неколку локални Албанци започнале со иницијатива за изградба. Според месните жители, се смета дека повторната изградба на црквата ќе го разбиел „малерот“ - да се раѓаат деца со аномалии, за кој велат дека ги бие откако овој верски објект бил уништен.[5] По седумгодишна обнова, манастирската црква е осветена на 8 октомври 2017 година.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ламјата ја уби довербата, а не свети Ѓорѓија Архивирано на 4 март 2016 г. - Коментар од весникот „Дневник“
  2. Пожарот во црквата „Свети Ѓорѓија“ во манастирскиот комплекс во село Речица во тетовско е подметнат соопшти денеска владиното координативно тело за справување со кризи. - А1 Телевизија
  3. Осуда за рушењето на црквата „Св. Ѓорѓија“
  4. Секирата на раздорот треба да се закопа [мртва врска] - Г. Кирил, митрополит на Полошко-кумановската епархија за кризата, уништувањето на верските објекти...
  5. „И Албанците и се радуваат на црквата во Мала Речица“. Нова Македонија. 30 декември 2010. Посетено на 2011-02-18.
  6. ПО 16 ГОДИНИ ОБНОВЕН ЗАПАЛЕНИОТ МАНАСТИР ВО МАЛА РЕЧИЦА

Надворешни врски[уреди | уреди извор]