Ребека Јанковска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ребека Јанковска
Роден(а)Скопје, СФР Југославија (денес Македонија)
15 септември 1971
Жанровипоп, рок
Период на активност1986 - денес

Ребека Јанковска-Ристески (Скопје, 15 септември 1971) — македонска пејачка.[1][2]

Животопис[уреди | уреди извор]

Љубовта кон музиката ја има почувствувано многу рано, благодарение на нејзиниот татко Благоја. Првиот посериозен исчекор на музичката сцена го прави во 1989 година, кога со составот Ребека ја снима песната "Недопирлив". Групата постоела околу една година. Во 1992 година го снима својот прв соло хит "Што ми направи", кој успеа да се задржи на домашните топ-листи цели седум месеци. Две години подоцна (1994. година) со Илија Псалтиров ја снимаат композицијата "Стоп за сите пороци" со образовна порака која млако поминува во јавноста.

Своето враќање го доживува во 1996. година со песната "Мачо", за која текстот го напиша Владо Јаневски. Благодарение на хитовските потенцијали на песната, истата година учествува во словенечкото шоу Pogodi in zadeni, кое на светското ниво се одржа во престижната љубљанска дворана Домжале. Тоа лето со "Мачо" учествува и на фестивалот Сунчане скале што се одржа во црногорското гратче Херцег Нови.

Со помош на пријателите Влатко Каевски - Киборг и Нора, некогашните членови на Мизар ја снима андерграунд темата Extasy, која заради урбаната автентичност е испеана на англиски јазик. Во 1997. година со Дарко Димитров ја обработува Hot Stuff на Pete Bellote и на Giorgio Moroder, која во нејзината верзија се нарекува Сакам нешто жешко. Во студиото Димитрови како придружна вокална поддршка во песната учествуваа и членовите на штотуку оформениот Нокаут. Летниот хит "Обиди се", под режисерска палка на белградскиот стилист Дејан Милиќевиќ прераснува во своевидна видео-сензација, а гламурозните спотови и подоцна остануваат нејзин заштитен знак. Во октомври, истата 1998. година учествува на престижниот домашен фестивал Макфест, а песната "Во исчекување", што Ребека ја има изведено беше наградена со награда за најдобар текст (текстот го напиша амбициозната Светлана Алексовска). На 21 декември во продажба се појавува нејзиното деби-остварување "Обиди се", со девет (нови и стари) песни.

По касетата, во мај 1999. година се појавува и компакт-диск, инаку прво мултимедијално цеде во Македонија. На манифестацијата 12 Величествени „Обиди се“ е прогласено за деби-албум за 1998. година, а на Златната Бубамара на популарноста Ребека добива награда како најдобра пејачка.

Во 2000 и 2001 година ги одбележува со песните „Едно“ (на белградската кантавторка Кристина Ковач) и „Нешто убаво“ (на Игор Џамбазов), за кои се снимени и привлечни видеоспотови. Кон крајот на 2001 година Ребека го промовира својот најнов, втор по ред албум, насловен како „Нешто убаво“, на кој што работеше со тимот искусни музички дејци: Дарко Димитров, Игор Џамбазов, Кристина Ковач, Роберт Билбилов, Игор Атанасовски - Харе, Ненад Стефановиќ - Јапанац, кои учествуваа во реализација на песните: „Небо синило“, „Не сакам да знам“, „Нешто убаво“, „Едно“, „До следниот пат“, „Ми треба само љубов“, „Од другата страна на љубовта“, за кои биле реализирани привлечни видеоспотови.

Благодарение на музиката, покрај публиката во Херцег Нови, Ребека ја имаат запознаено и посетителите на фестивалите во Будва, Зрењанин како и присутните на турската престижна манифестација Памук Кале, а беше дел и од македонската музичка делегација која во 2001. година престојуваше во Австралија, со цел да ги запознае нашите иселеници со новиот тренд кој ја заплисна домашната музичка сцена. Паралелно со музичката кариера, Ребека била посветена на студиите по Новинарство, и од таа област во неколку наврати подготвуваше прилози кои беа емитувани на програмите на Македонската телевизија. Во еден период работеше и како радио-водител, на скопските радио-станици Пинк, Мега и Стар ФМ, за кои подготвуваше утрински емисии.

Во јануари 2003 година, зад неа застана музичка продукција, па за нејзиниот менаџмент извесен период се грижеше Љиљана Петровиќ од Фајнал кат, позната и како менаџерка на Тоше Проески.

Ребека Јанковска е омажена со Мики Јанковски, кој работи како менаџер на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија во Скопје. Тие имаат три деца: Маркијан, роден во 2006 година, и близнаците Макариј и Доротеј, родени во 2013 година.[3]

Дискографија[уреди | уреди извор]

Албуми[уреди | уреди извор]

  • Обиди се (Ди-Џеј 1998.)
  • Нешто убаво (Delta Polzer Records 2001.)

Спотови[уреди | уреди извор]

Спот Година Режисер
Нешто убаво - -
Едно - -
До следниот пат - -
Твоја листа - -
Лето - -
Покажи ми - Дејан Милиќевиќ
Обиди се - Дејан Милиќевиќ
Лиду - -
Не сакам да знам - -
Фантазија - Дејан Милиќевиќ
Земи или остави - -
Ми треба само љубов - -
Од другата страна на љубовта - -
Однеси ме 2006 Дејан Милиќевиќ

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Ребека“. web.archive.org. 2012-05-31. Архивирано од изворникот на 2012-05-31. Посетено на 2020-10-05.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  2. „Rebeka“. web.archive.org. 2013-07-27. Архивирано од изворникот на 2013-07-27. Посетено на 2021-03-29.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  3. Соња Алексоска Неделковска, „Трипати повеќе чкртани ѕидови, но и трипати повеќе љубов“, Антена, број 852, 24.20.2014, стр. 5.