Пепел и дијамант (филм од 1958)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Пепел и дијамант (полски: Popiól i diament) e полски филм од 1958 година, во режија на Анджеј Вајда, според сценариото на Јежи Анджејевски, засновано врз неговиот роман. Главните улоги ги толкуваат: Збигњев Цибулски, Ева Кжижовска, Вацлав Застжезински, Адам Павликовски и Богумил Кобјела. Во 1959 година, филмот ја освоил наградата ФИПРЕСЦИ на Филмскиот фестивал во Венеција, а во 1960 година бил номиниран за наградите на БАФТА во две категории.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се одвива на 8 мај 1945 година, кога Германија потпишува безусловна капитулација, но во Полска се води борба меѓу двете фракции на движењето на отпорот: демократското и комунистичкото крило. Покрај една капела, двајца припадници на Земската војска поставуваат заседа со намера да го убијат Шчука, секретарот на комунистичката партија (го игра Застжезински), но по грешка убиваат двајца работници. По убиството, тие одат во еден хотел, каде го среќаваат секретарот Шчука и така ја сфаќаат грешката. Младото момче, Маќеј Хелмицки (го игра Цибулски), цврсто одлучува да ја изврши својата задача и зема соба веднаш до собата во која е сместен Шчука. Во хотелот се одржува банкет во чест на победата над Германија на кој треба да присуствува и Шчука. Таму, Маќеј ја запознава келнерката Кристина (ја игра Кжижовска) и меѓу нив веднаш се јавува двострана привлечност. Маќеј ја кани Кристина во својата соба, но додека водат љубов, Маќеј размислува за убиството што треба да го изврши. Кога Шчука се враќа во неговата соба, Маќеј и Кристина излегуваат на прошетка низ градот, каде во една разурната капела ги здогледува телата на двајцата убиени работници. Потресен од глетката, Маќеј се колеба и не сака да ја изврши задачата, но неговиот соборец Анджеј (го игра Павликовски) му се заканува дека ќе биде прогласен за предавник. Во меѓувреме, војската заробува група борци на Земската војска меѓу кои и синот на Шчука. Во хотелот доаѓа еден офицер, кој го известува Шчука за неговиот син. Кога Шчука излегува од хотелот, Маќеј го следи и го убива, а потоа бега, но наидува на група војници кои смртно го рануваат. Со последните сили, Маќеј пристигнува на едно ѓубриште, каде умира.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]