Нова кејнзијанска економија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Новата кејнзијанска економија (англ.: New Keynesian Economics) претставува современа економска школа, која го поврзува кејнзијанизмот со новите достигнувања на економската теорија. Оваа школа претставува трета генерација во развојот на кејнзијанизмот и се појави во 1980-тите години. Новите кејнзијанци прифатија дел од оправданите критики на новата класична економија, како што се: тезата за рационални очекувања и потребата за обезбедување микроекономски основи на макроекономските модели. Од друга страна, претставниците на оваа школа обезбедија нови докази во прилог на ефикасноста на економската политика. Основните поставки врз кои се темелат моделите на новите кејнзијанци се: поставката за несовршена конкуренција, хипотезата за плати на ефикасноста, хипотезата за хистереза и постоење номинални и реални ригидности во економијата.[1][2][3] Најзначајни претставници на оваа школа се: Оливие Бланшар, Лоренс Бол, Грегори Менкју, Дејвид Ромер, Џон Тејлор итн.

Несовршена конкуренција[уреди | уреди извор]

Новите кејнзијанци ја отфрлаат класичната поставка за пазарите со совршена конкуренција, сметајќи дека таа не одговара на реалноста, бидејќи во современите економии, конкурентските пазари со флексибилни цени се јавуваат само како исклучок. Наспроти тоа, најголем дел од фирмите делуваат во пазарни структури кои можат да се опишат преку моделите на несовршена конкуренција. Оттука, моделите кои ги градат новите кејнзијанци вообичаено вклучуваат несовршена конкуренција, каде што фирмата ги одредува цените на своите производи и со така формираните цени излегува на пазарот, каде се соочува со побарувачката.

Поставката за несовршена конкуренција предизвикува многу силни последици во поглед на постоењето одредени ригидности во економијата и во поглед на делотворноста на економската политика:[4][5]

  • При непотполна конкуренција, производството на фирмата секогаш е одредено од побарувачката, бидејќи фирмата ги формира цените и излегува на пазарот каде се соочува со побарувачката. Ако побарувачката порасне, фирмите продаваат повеќе производи при истите цени и обратно, при пониска побарувачка.
  • Во продолжение, при несовршена конкуренција, побарувачката на труд зависи не само од реалните плати, туку и од побарувачката за стоки, со што опаѓањето на производството повеќе не мора да биде последица на промената на реалните плати.
  • Најпосле, за разлика од совршената конкуренција, каде агрегатната побарувачка нема никакво значење за фирмата, која по дадената пазарна цена може да продаде колку што сака, во несовршена конкуренција, производството на фирмата зависи и од агрегатната побарувачка. На тој начин, поставката за несовршена конкуренција го отвора патот за водење активна економска политика.

Хипотезата за плати на ефикасноста[уреди | уреди извор]

Хипотезата за плати на ефикасноста (efficiency wages) вели дека во реалниот свет не постои хомоген труд, туку одделните работници се разликуваат според квалитетот и продуктивноста на трудот и дека работниците и фирмите имаат асиметрични информации. Така, фирмите не можат точно да ги знаат квалитетите на работниците, ниту пак да направат точна разлика меѓу нив од аспект на ефикасноста.[6][7][8] Оттука, просечниот квалитет на трудот на целата фирма е растечка функција на реалните плати. До одредена граница, со пораст на реалните плати, расте ефикасноста на трудот и тоа натпропорционално. Но, ефикасноста на трудот расте до одредена граница, кога фирмата добива најголема ефикасност на трудот, а понатаму, порастот на реалните плати води до помал пораст на ефикасноста на трудот. Реалните плати кои обезбедуваат највисока ефикасност на трудот, односно ги минимизираат трошоците по единица труд се викаат плати на ефикасноста.

Хипотезата за плати на ефикасноста има силни последици во однос на функционирањето на пазарот на труд. Од една страна, побарувачката на труд на фирмата е определена од платите на ефикасноста, а од друга страна, понудата на труд на работниците е одредена од висината на реалните плати. Оттука, можно е на нивото на платите на ефикасноста да не дојде до совпаѓање на понудата и побарувачката на труд, односно овие плати да не обезбедат рамнотежа на пазарот на труд. На тој начин, оваа хипотеза ја прекинува врската меѓу платите и вработеноста, со што се допушта можноста за постоење несакана невработеност.[9]

Хипотезата за плати на ефикасноста ја објаснува ригидноста на реалните плати, но самата по себе не е доволна да ги објасни номиналните ригидности во економијата. Сепак, во комбинација со некои други поставки, оваа хипотеза може да произведе ригидност на номиналните плати. Притоа, бидејќи фирмата не ги менува платите, туку се приспособува само со нивото на вработеност, се јавува потребата од активна економска политика, која ќе ги неутрализира негативните шокови на страната на агрегатната побарувачка.

Хипотезата за хистереза[уреди | уреди извор]

Хипотезата за хистереза (hysteresis) е алтернативна теорија на невработеноста, која вели дека рамнотежната невработеност зависи од историјата на тековната невработеност, т.е. денешната природна стапка на невработеност е функција на стапката на невработеност во минатото.[10] Луѓето кои подолго време се невработени, со текот на времето, се навикнуваат на неработење, а истовремено им опаѓаат способностите за работа, така што опаѓа и побарувачката на труд. Во продолжение, според моделите на внатрешни и надворешни лица (insider-outsider models), процесот на одредување на платите е подреден на интересите на фирмата и веќе вработените, така што невработените не се во состојба да понудат труд по пониска плата од платите на веќе вработените.

Оваа хипотеза, исто така, предизвикува силни последици за економската политика, т.е. таа подразбира дека пазарот на труд може да биде во нерамнотежа во долг временски период. Во исто време, економската политика, преку дејството врз агрегатната побарувачка, има големо влијание врз побарувачката на труд, зголемувајќи ја или намалувајќи ја невработеноста, при што, заради ефектот на хистереза, последиците на монетарната експанзија или рестрикција се долготрајни. На тој начин, монетарната политика, независно дали е неочекувана или систематска, може да ја намали природната стапка на невработеност преку зголемување на агрегатната побарувачка.[11][12]

Номинални и реални ригидности во економијата[уреди | уреди извор]

Новите кејнзијанци го прифаќаат фактот дека современите економии се одликуваат со постоење на бројни номинални и реални ригидности. На пример, очигледно е дека поголем дел од платите се фиксни во текот на одреден временски период, а исто така, повеќето цени се менуваат бавно, при што, тие полесно се зголемуваат отколку што се намалуваат.

Како што наведуваат Бол, Менкју и Ромер,[13] новите кејнзијанци се појавиле со цел да ги отстранат недостатоците на стандардните кејнзијански модели, кои однапред претпоставувале дека во економијата постојат номинални ригидности, но нив ги земале за дадени, наместо да ги објаснат. Новите кејнзијанци даваат одговор на прашањето, зошто номиналните ригидности можат да бидат присутни при рационално однесување на економските агенти. На тој начин, кејнзијанската теорија добила силна микроекономска основа. Во тој контекст, придонесот на новите кејнзијанци се состои во тоа што покажале дека дури и одредени мали нарушувања во економијата можат да предизвикаат големи номинални ригидности на платите и цените. Новите кејнзијанци даваат различни објаснувања за тоа, како настануваат номиналните ригидности во економијата.[14]

Според една теорија, при несовршена конкуренција, ригидноста на цените предизвикува само мали, второстепени последици врз профитабилноста на фирмата, но далеку поголеми ефекти за економијата во целина. Притоа, ако загубата што ја трпи фирмата заради задржувањето на старата цена е мала во однос на трошоците за менување на цените, тогаш фирмата нема да биде заинтересирана да ја промени својата продажна цена. Но, ако сите фирми одлучат да не ги променат своите цени, порастот на паричната маса ја зголемува реалната агрегатна побарувачка, а тоа води кон пораст на производството. Значи, според ова објаснување, макроекономските последици на трошоците поврзани со менувањето на цените се должи на нивното асиметрично дејство врз фирмите и економијата.

Според друго објаснување, макроекономските ефекти на номиналните ригидности се разликуваат од приватните ефекти заради тоа што ригидноста предизвикува екстерналии, т.е. ефект на прелевање (spillover effect). Со тоа што не ги отстрануваат своите ригидности, фирмите предизвикуваат ефекти кои се одразуваат на сите фирми - екстерналии. Бидејќи фирмата е само мал дел од економијата, таа го игнорира макроекономскиот ефект и затоа не ги приспособува своите цени, т.е. не води сметка за надворешните трошоци. Сепак, ова објаснување е прифатливо само во услови на мали номинални шокови, бидејќи тогаш за фирмите е неисплатливо менувањето на цените. Но, при голем номинален шок или серија на номинални шокови, не е веројатно дека некои мали трошоци ќе ги спречат фирмите да ги променат своите цени, зашто во тој случај, ригидната цена премногу се оддалечува од оптималната, т.е. пазарната рамнотежна цена, со што фирмата трпи голема загуба.[15]

Понатаму, реалните ригидности во економијата (ригидноста на реалните плати и релативните цени), сами по себе, не предизвикуваат номинални ригидности, но во комбинација со трошоците поврзани со промена на цените, можат да имаат силни последици. Како причина за ригидноста на цените може да биде и стремежот на фирмата да ја гради и чува довербата кај купувачите, посебно на т.н. пазари со постојани купувачи (costumer markets).[16] Како извор на номиналните ригидности се јавува и несинхронизираното одредување на поединечните цени, при што фирмите ги приспособуваат своите цени во различни периоди, така што приспособувањето на општото ниво на цените трае многу долго.[17] Номиналните ригидности уште повеќе се засилуваат во услови на мешана економија, каде што паралелно постојат сектори со флексибилни и сектори со ригидни цени. Во тој случај, секторите со флексибилни цени се воздржуваат од промена на своите цени со цел да ја одржат конкурентската позиција во споредба со секторите со ригидни цени.[18]

Економската политика според новите кејнзијанци[уреди | уреди извор]

Според новите кејнзијанци, номиналните ригидности имаат клучно значење во објаснувањето на тоа, зошто номиналните шокови предизвикуваат реални ефекти во економијата.[19] Уште повеќе, номиналните шокови можат да предизвикаат ист ефект како да се реални шокови, иако фирмите знаат дека се работи за номинални шокови, т.е. иако фирмите ги разликуваат номиналните од реалните шокови.[20]

Во таа смисла, наемнините на ефикасноста, трошоците поврзани со промена на цените и другите извори на номинални ригидности заедно водат кон верувањето дека на кус рок, монетарната политика, дури и кога е целосно предвидена, предизвикува многу силни ефекти врз производството. Ова верување, новите кејнзијанци го изведуваат од повеќе докази:[21]

  • бројните микроекономски докази, кои потврдуваат дека цените и платите се менуваат поретко, во одредени интервали;
  • економската теорија во која има долга традиција на верувањето во номиналните ригидности и;
  • историското искуство (големата депресија од 1930-тите, рецесијата од 1980-тите и бројни други епизоди во кои острата монетарна контракција редовно предизвикувала големи последици врз реалната економија).

Верувањето за реалните ефекти на економската политика директно води кон поддршка на активната макроекономска политика. Ако при ригидни плати и цени, економијата е соочена со рецесија, цените не се приспособуваат за да ги исчистат пазарите, така што невработеноста останува како проблем што пазарот не може да го отстрани. Тука се отвора простор за интервенција на економската политика, која мора да ја зголеми агрегатната побарувачка со цел да го зголеми нивото на вработеност.

На тој начин, новите кејнзијанци повторно ја оживуваат поставката за делотворноста на економската политика. Притоа, реалните ефекти на економската политика не мора да бидат со кус рок, туку можат да траат подолго време. Навистина, новите кејнзијанци не се залагаат за активно ангажирана политика на фино дотерување (fine-tuning) на економијата. Сепак, тие сметаат дека за време на рецесија, економската политика може и треба да помогне во враќањето на економијата во повторна рамнотежа.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Andrew B. Abel and Ben S. Bernarke. Macroeconomics. Reading, Mass.: Addison-Wesley, 1992, глава 12.
  2. Dennis W. Jansen, Charles D. DeLorme and Robert B. Ekelund. Intermediate Macroeconomics. Minneapolis, MN: West Publishing Company, 1994, глава 10.
  3. Таки Фити. Современите макроекономски концепции и економски политики. Економски факултет, Скопје, 2001, глава 10.
  4. Laurence Ball, N. Gregory Mankiw and David Romer. "The New Keynesian Economics and the Output-Inflation Trade-off." во: Gregory N. Mankiw and David Romer, eds. New Keynesian Economics, Vol.1, Cambridge, Mass.: MIT Press, 1991.
  5. Laurence Ball and N. Gregory Mankiw. "A Sticky Price Manifesto." NBER Working Paper 4677, March 1994.
  6. Olivier Blanchard and Stanley Fischer. Lectures on Macroeconomics. Cambridge, Mass.: MIT Press, 1993.
  7. Pierre Picard. Wages and Unemployment. Cambridge: Cambridge University Press, 1993.
  8. Alec K. Chrystal and Simon Price. Controversies in Macroeconomics. New York: Harvester/Wheatsheaf, 1994.
  9. Blanchard and Fischer, исто, 1993, стр. 456.
  10. Olivier J. Blanchard and Lawrence H. Summers. "Hysteresis in Unemployment." European Economic Review, 31, 1987.
  11. Willem H. Buiter. Macroeconomic Theory and Stabilisation Policy. Manchester: Manchester University Press, 1989.
  12. Karl Pichelmann and Andreas Urlich Schuh. "The NAIRU-Concept: A Few Remarks." Economics Department Working Papers No.178, OECD, 1997.
  13. Ball, Mankiw and Romer, исто, 1991, стр. 147-49.
  14. Горан Петревски, Монетарна политика - Теорија и искуството на Македонија, Здружение за социо-економски развој, Скопје, 2005, стр. 128-129.
  15. Chrystal and Price, исто, 1994, стр. 81-83.
  16. Shaun P. Hargreaves Heap. The New Keynesian Macroeconomics. Cheltenham, UK: Edward Elgar Publishing, 1992.
  17. John B. Taylor. "Staggered Wage Setting in a Macro Model." American Economic Review, 69(2), May 1979.
  18. Ball and Mankiw, исто, 1994, стр. 6.
  19. Ball, Mankiw and Romer, исто, 1991, стр. 159-60.
  20. Hargreaves Heap, исто, 1992, стр. 111-14.
  21. Петревски, исто, 2005, стр. 129-130.