Лабрадор ретривер

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Лабрадор ретривер (Лабрадор) е еден од неколкуте видови ретривери кои спаѓаат во класата на ловечки кучиња (птичари). Карактеристични за оваа раса се шепите кои се приспособени за пливање , кои се корисни за првобитната намена на оваа раса – извлекување и враќање рибарски мрежи од водата. Лабрадорот е најпопуларната раса на кучиња во Канада, Обединетото Кралство и САД (уште од 1991 година) . Исто така Лабрадорот е една од најпопуларните раси на кучиња за помош на луѓе со инвалидитет во Австралија, Канада, Обединетото Кралство и САД , како и во многу други држави. Истовремено полицијата масовно ја користи оваа раса поради нејзините способности за откривање на траги. Вообичаено, Лабрадорите се спортки настроени и многу сакаат да пливаат, да играат игри во кои треба да го фатат и донесат предметот кој им е фрлен од сопственикот, добро се однесуваат во близина на мали деца и постари луѓе и можат да пружат заштита.

Историја

Предците на денешната раса Лабрадор потекнуваат од островот Newfoundland, кој сега е дел од областа Newfoundland и Labrador во Канада. Расата која е основа на Лабрадорот е ,,St. John’s Water dog,, , раса која настанала со ad-hoc размножување во 16-от век. Предците на кучињата од расата ,,St. John’s Water dog,, не се познати, но најверојатно тие се мешавина од англиски, ирски и португалски кучиња кои се користеле за работни цели. Кучињата од расата Њуфаундленд ( тогаш познати и како Голем Њуфаундленд) најверојатно се добиени со вкрстување на кучиња од расата ,,St. John’s Water dog,, со кучиња од расата Мастиф кои биле донесени на островот од страна на португалски рибари кои таму ловеле риби уште во 16-от век. Кучињата со пократко крзно и помал раст (познати под името ,,Мал Њуфаундленд,,) се користеле за пронаоѓање на рибарски мрежи и нивно вадење од водата. Овие помали кучиња се предци на кучињата од расата Лабрадор Ретривер. Белата површина на градите, стапалата, брадата и муцката се карактеристики на кучињата од расата ,,St. John’s Water dog,, , кои често може да се забележат кај денешните мешани Лабрадори , а повремено ги има и кај чистокрвните лабрадори во вид на мали бели точки на градите (познати под името медаљон) или бели влакна на стапалата и муцката. Областа ,,Св. Џон,, (St. John’s) во Њуфаундленд најповеќе била населена од Англичани и Ирци. Локалните риболовци првобитно ги користеле кучињата од расата ,,St. John’s Water dog,, за влечење јажиња меѓу рибарските чамци, за влечење на рибарски мрежи и чамци како и за враќање на рибарските мрежи во водата. Верноста и трудољубивоста биле карактеристики на кучињата од расата Лабрадор кои риболовците ги ценеле. На почетокот на 19-от век во областа Пул во Англија ( која тогаш била лулка на трговијата со риба) од страна на благородништвото биле донесени голем број кучиња од расата ,,St. John’s Water dog,, , кои подоцна станале ценети како ловечки кучиња. Во Англија се појавиле неколку одгледувачници кои се занимавале со размножување на кучињата од оваа раса. Истовремено политиката за заштита на овците во Њуфаундленд и карантинот против беснило во Англија довело до постепено исчезнување на оваа раса во државата од каде потекнува. Првиот и вториот Гроф (благородничка титула во Велика Британија) од Malmesbury кои одгледувале кучиња од оваа раса за помош при ловењето патки на нивниот имот, како и 5-от и 6-от војвода од Buccleuch, но и неговиот син – лордот Џорџ Вилијам Монтагу-Даглас-Скот, биле одговорни за добивањето и распространувањето на кучињата од денешната раса Лабрадор во 19-от век во Англија. Кучињата Авон и Нед кои му биле дадени на војводата Buccleuch за неговата програма за рамножување во 1880 години се сметаат за предци на денешниот Лабрадор. Се смета дека првото куче од расата ,,St. John’s Water dog“ е донесено во Англија околу 1820-та година, но сепак угледот на оваа раса почнал да се шири низ Англија многу порано од тоа. Постои приказна според која Грофот од Malmesbury видел куче од расата ,,St. John’s Water dog“ на рибарски чамец и веднаш се договорил со трговците, во Англија да се увезат кучиња од оваа раса. Предците на Лабрадорот толку многу го импресионирале Грофот поради нивните способности да враќаат работи од водата , што тој ја преиначил својата одгледувачница за стабилизирање и развивање на оваа раса.

Првобитен опис

Постојат неколку првобитни описи на кучињата од расата ,,St. John’s Water dog,,. Во 1822 година, истражувачот В. Е. Кормак го изодел островот Њуфаундленд. Тој во неговиот дневник напишал : кучињата се перфектно обучени за носење на пленот при лов и се мошне корисни....Се претпочитаат кучиња со мазно и кратко крзно бидејки во услови на мраз долгото крзно станува тешко при излегување од вода. Во друг извештај на полковникот Hawker кучињата од оваа раса се опишуваат како : „досега најдобра раса за каков било тип на лов“. Тие се црни и не се поголеми од Поинтер (вид ловечки кучиња), имаат фини тенки нозе и кратко и мазно крзно и не ја носат опашката свиткана како други видови кучиња. Оваа раса е екстремно брза при пливање, трчање и во борба , а има и одлично сетило за мирис. Геологот Joseph Beete Jukes вака ја опишува расата ,,St. John’s Water dog,, во својата книга ,, Екскурзија во Њуфаундленд во текот на 1839 и 1840 година : Денес на брегот дојде црно куче со кратко крзно. Животното беше од раса која многу се разликува од расата Њуфаундленд во Англија. Имаше тенка и остра муцка, долга опашка, тенки ,но силни нозе, тенок и исправен труп и кратко и мазно крзно,, , напишал Jukes. ,, Овие кучиња се најбројни во државата.....Тие во никој случај не се убави, но генерално гледано се поинтелигентни и покорисни од другите....гледав како еднаш или два пати го стави стапалото во вода и го помрднуваше наоколу. Тоа стапало беше бело, а Харви рекол дека кучето го направило тоа за да намами риби. Целата процедура беше извонредна, посебно откако ми рекоа дека никогаш порано не го имаат научено на такво нешто.

Име на расата

Првобитната раса на кучиња која денес ја знаеме како Лабрадор Ретривер била позната под името ,,St. John’s Water dog,,, ,,St. John’s dog,, или помал Њуфаундленд. Кога подоцна кучињата биле донесени во Британија, тие биле именувани по името на географската област ,,Лабрадор,, , со цел да се разликуваат од расата Голем Њуфаундленд, иако расата потекнува од јужниот остров Авалон.

Историски карактеристики

Првите писмени податоци за оваа раса датираат од 1814 година ( информации за вашиот спортист- од полковникот Peter Hawker), првата слика датира од 1823 година ( Кора, Лабрадорка од Edwin Landseer), и првата фотографија датира од 1856 година ( домашното куче на грофот од Хоумс- Нел, опишано како Лабрадор и куче од расата St. John’s dog). До 1870 година името на расата- Лабрадор често се употребувало во Англија. Според податоците првиот жолт Лабрадор бил роден во 1899 година, а расата била признаена од Клубот Кенел во 1903 година. Првиот Американски Кенел клуб за расни кучиња е регистриран во 1917 година. Чоколадниот Лабрадор се појавил за време на 1930-те години иако има податоци дека кучиња со пепеласто кафена боја биле родени во одгледувачницата на Buccleuch во 1892 година. Расата St. John’s Dog преживеала до почетокот на 1980-те години. Постојат фотографии од 1981 година од последните 2 преживеани кучиња на постара возраст.

Подвидови

Низ историјата , повремено се појавувале кученца од оваа раса со жолта или кафена боја, но тие биле убивани, се додека не биле признаени во 20-от век. Првиот Лабрадор со жолто крзно бил Лабрадорот Бен на Хајд, кој бил роден 1899 година, додека Лабрадорите со кафено крзно започнале да се појавуваат во 1930-те години.

Жолта боја на крзното (и слични нијанси)

Од првите години на појавувањето на оваа раса па се до средината на 20-от век, Лабрадорите со жолта боја на крзното (златеста) , кои всушност имале темна боја на крзното (слична на карамела) што можело да се види на првите фотографии од Лабрадори. Оваа нијанса на крзното била позната под името златна, но друштвото за кучиња на Обединетото Кралство побарало тоа име да се промени велејки дека златната боја всушност не е боја. Во текот на 20-от век преовладувала побарувачка за посветли нијанси ,од жолтата боја, па се до кремастата боја на крзно, па затоа денес повеќето Лабрадори ја имаат оваа нијанса на крзното. Исто така и жолто-кафената боја била доста честа боја на крзното на Лабрадорите. Интересот за потемните нијанси на златна и црвенкаста боја бил повторно воспоставен од одгледувачите во Англија во текот на 1980-те години, а за оваа промена клучни биле 3 кучиња: Balrion King Frost (црна боја, родено во 1976 година) , чие потомство постојано имало темно жолта боја на крзното , па затоа се смета дека го имал најголемото влијание за повторното појавување на оваа боја на крзното, како и неговиот внук, исто толку познатиот Wynafaul Tobasco (роден во 1986 година) за кој се смета дека е ,,таткото на Лабрадорите со црвенкаста боја,, и кој е единствениот шампион на изложбата за кучиња во Обединетото Кралство со црвенкаста боја. И други кучиња како што се Red Alert и Scrimshaw PLacido Flamingo, се заслужни за понатамошно пренесување на гените на обновената раса.

Лабрадори со кафена боја на крзното

Jack Vanderwyk го следи потеклото на Лабрадорите со кафена боја на крзното обележани во базата на податоци LabradorNet ( во која има околу 34,000 Лабрадори од сите нијанси на крзно), велејки дека потекнуваат од 8 првобитни лози на потекло. Сепак , различните нијанси во бојата на крзното не се сметале за различни бои (типови Лабрадори) се до 20-от век, кога според Vanderwyk можело да им се следи потеклото на овие кучиња , но тие не биле признаени. На почетокот на 20-от век било воведено и рангирање на кучињата добиени со вкрстување на Лабрадорите со рамно крзно и Chesapeake Bay ретриверите, што било важно за нивно признавање. Лабрадорите со кафена боја на крзното биле широко распространети во одгледувачниците на Грофот од Feversham и Lady Ward од Chiltonfoliat. Крвните линии според Vanderwyk потекнуваат од 3 црни Лабрадори од 1880-те години- Buccleuch Avon и неговите потомци Лабрадорот Malmesbury Tramp и Лабрадорката Malmesbury June. Morningtown Tobla исто така се смета за важен претставник, бидејки според книгата со педигреа потекнува од лозата на Peter на Faskally.

Опис

Изглед

Лабрадорите се прилично голема раса на кучиња кај која мажјаците достигнуваат тежина од 29 до 41 кг., додека женките се со тежина од 25 до 32 кг. Според стандардите на Американскиот Кенел клуб за расни кучиња Лабрадорите со тежина од повеќе од 45 кг. се сметаат за кучиња со прекумерна тежина иако некои Лабрадори тежат и повеќе од тоа. Поголемиот дел од карактеристиките на оваа раса, освен бојата на крзното се добиени како резултат на одгледување со цел да се добие куче кое е погодно за работа. Како и кај другите раси на кучиња, лозите на Лабрадорот се разликуваат во Англија и во Америка, но , во овие држави се одгледуваат и двата типови на Лабрадори. Сепак, во целина луѓето од англиските клубови за расни кучиња се обидуваат да одгледуваат Лабрадори кои имаат среден раст, пократко тело и пошироки муцки и имаат помирен карактер, за разлика од Лабрадорите со потекло од Америка кои имаат поголема висина, полесна конструкција, потесни муцки и подолг нос. Сепак, дури и Лабрадорите со потекло од Америка треба да имаат пропорции во согласност со стандардите на Американскиот клуб за расни кучиња. Според нив Лабрадорите со претерано долг нос , тенка глава, долги нозе и слабо тело не спаѓаат во стандардите. Овие два типа Лабрадори не се кодифицирани и се сметаат за нестандардни. Американскиот клуб за расни кучиња нема направено споредба, но се смета дека овие два типа Лабрадори потекнуваат од различни одгледувачки лози. Постојат и лози на Лабрадори со потекло од Австралија кои често може да се сретнат во Азија. Оваа раса вообичаено го менува крзното 2 пати во годината или во текот на целата година во областите со умерени климатски услови. Иако Лабрадорите се разликуваат , кај некои од нив доаѓа до значително опаѓање на крзното кога тоа се менува. Крзното кај Лабрадорот е прилично кратко и право, а опашката е широка и силна. Шепите со мрежички се причината поради која Лабрадорите се одлични пливачи. Токму овие мрежички меѓу прстите го спречуваат снегот да влегува меѓу нивните прсти и им го олеснува движењето во снег. Нивното крзно е релативно водоотпорно , што пак им го олеснува пливањето.

Официјални карактеристики на расата Лабрадор

Постои голема разновидност меѓу кучињата од расата Лабрадор. Според изложбите за расни кучиња, типични за кучињата од расата Лабрадор се следниве карактеристики -( во САД истите се стандардизирани според Американскиот клуб за расни кучиња): постојат значителни разлики меѓу стандардите во САД и во Обединетото Кралство.

Големина:


Лабрадорите се прилично голема раса кучиња. Растојанието меѓу вратниот пршлен и опашката треба да биде еднакво со растојанието од подот до вратниот пршлен. Мажјаците треба да имаат висина меѓу 57 до 62 см., додека нивната тежина треба да се движи од 29 до 36 кг. Женките се со висина од 55 до 60 см, а тежат од 25 до 32 кг. За споредба, стандардите на друштвото за расни кучиња во Обединетото Кралство велат дека мажјаците треба да имаат висина од 56 до 57 см, додека женките треба да бидат високи од 55 до 56 см.

Крзно:

Крзното на Лабрадорот треба да биде кратко и густо, но не смее да биде остро. Крзното е опишано како водоотпорно ( не ја задржува водата), па така на Лабрадорот не му е студено коа се наоѓа во вода во зимскиот период. Според тоа кучето има суво , но и истовремено лизгаво и сјајно крзно. Бои на крзното кои се прифатливи се црната, кафената и жолтата боја (која може да варира од светложолта до црвенкасто- портокалова).

Глава:

Лабрадорот има широка глава со нагласено чело. Погледот треба да му е пријателски и изразит. Соодветни бои на очите кај Лабрадорот се кафена и боја на лешник. Цртите околу очите треба да имаат црна боја. Ушите кај Лабрадорот се поставени ниско над очите.

Вилици:

Вилиците се силни и моќни. Муцката треба да биде со средна должина и не смее да биде премногу шпицаста. Вилиците треба да бидат издадени и да се заоблуваат во задниот дел.

Телесна градба:

Нивното тело е силно, мускулесто и рамно во горниот дел. Опашката и крзното кај Лабрадорите се разликуваат според стандардите на друштвата за расни кучиња во Америка и Обединетото Кралство. Американското друштво за расни кучиња додава дека карактеристични белези на кучињата од расата Лабрадор се темпераментот и густата oпашка слична на опашката на видрите.

Боја:

Регистрирани се 3 бои кај Лабрадорите : црна, жолта и кафена боја (нијанси од средно до темно кафена боја). Некои кучиња од расата Лабрадор може да имаат белези како на пример бели дамки на градите или други делови од телото, но најчесто Лабрадорите имаат само една боја на крзното. Можно е во едно исто легло да се појават кученца во сите бои карактеристични за Лабрадорот. Боите ги одредуваат три гени. Првиот ген ја одредува густината на пигментациони гранули во крзното. Доколку во крзното постојат пигментациони гранули тогаш : густо распоредените гранули даваат црна боја на крзното, додека поретко распоредените гранули ја даваат кафената боја на крзното. Вториот ген одлучува дали воопшто ќе се произведува пигментот еумеланин. Кучињата кај кои е-алелите се рецесивни , произведуваат само пигмент наречен наречен фаомеланин и истите имаат жолта боја на крзното без разлика на првиот ген. Бројот на претходните гени се зголемува со појавата на генот К, каде всушност престојува црната К алела. Затоа е познато дека црните и кафените Лабрадори ја имаат К алелата. Жолтата боја на крзното на Лабрадорите ја одредува вториот ген, па така 3-от ген односно К генот не игра улога во одредувањето на бојата на крзното. Голем број на варијанти во гените ги контролираат нијансите во бојата на крзното на Лабрадорот која кај жолтите Лабрадори може да варира од светло жолта па се до портокалово-црвенкаста. Бојата на носот кај црните и кафените Лабрадори се совпаѓа со бојата на нивното крзно. Според едно истражување во 2011 година, 13 од вкупно 245 проучувани Лабрадори биле хетерозиготни на мутацијата М264V, која е причина за меланинска маска. Кај оваа раса таа особина не е видлива.

Пигментација на крзното и носот

Бидејки бојата на крзното кај Лабрадорот ја контролираат гените, можно е рецесивни гени да се појават кај некоја од следните генерации, па затоа и можна е појавата на неочекувани бои на различни делови од телото. Ефектите од пигментацијата се најзастапени кај Лабрадорите со жолта боја на крзното, како и кај оние со кафена боја, па затоа најголемиот број на дамки од пигментација е забележлив токму кај Лабрадорите со жолта боја. Најчестите места каде доаѓа до пигментација се носот, усните, непцата, стапалата, опашката и површината околу очите која може да биде црна, кафена, жолто-кафена, црвенкаста боја или може да се јави во неколку други бои. Еден Лабрадор може да поседува гени кои можат да дадат различни бои. Така на пример еден црн Лабрадор може да има рецесивни гени за кафена и жолта боја, и Лабрадор со жолта боја може да носи гени кои содржат една од двете останати бои на крзното. ДНК анализата може да открие некои од тие аспекти. Иако пигментациите кои не се толку чести, но сепак се појавуваат кај Лабрадорот се сметаат за недостатоци,а не за причини за дисквалификација, на тие кучиња не им е дозволено учеството на изложби. Јачината на црниот пигмент кај жолтите Лабрадори ја контролира посебен ген кој е независен од бојата на крзното. Жолтите Лабрадори обично имаат црна боја на носот, кој е возможно со текот на годините да стане розова. Ова се должи на намалување на ензимот тирозиназа кој пак индиректно го контролира производството на меланинот (одговорен за темната боја). Тирозиназата е ензим кој е зависен од температурните промени, па затоа може да се појават мали разлики во бојата во зависност од годишното време. Како резултат на тоа, бојата на носот кај повеќето жолти Лабрадори станува розова со стареењето на кучето. Можна е и појава на пигментација позната под името ,,Dudley,,. За кучињата со ваква пигментација карактеристично е тоа што иако имаат жолта боја на крзното кај нив не се јавува пигментација на носот и наместо да имаат црна или кафена боја околу очите нивната боја е иста како и бојата на крзното. Ако жолт Лабрадор има кафена пигментација или кафен лабрадор има друга нијанса на кафена пигментација, тоа не значи дека тоа куче е ,,Dudley,,. Сепак, според денешните стандарди на Американското друштво за Расни Кучиња тоа ќе биде сметано како ,,Dudley,, доколку има кафена боја околу очите. Стандардите за Лабрадори ја сметаат оваа карактеристика за причина за дисквалификација доколку кучето учествува на изложба. Тука спаѓаат и оние кучиња со розова боја на носот, како и кучињата без пигментација. Сепак, кучињата со вакви карактеристики се навистина ретки. Вкрстувањето на кучиња со цел да се намали пигментацијата не може да гарантира сигурност. Бидејки бојата ја одредуваат голем број гени, од кои некои се рецесивни, вкрстувањето на Лабрадор со жолта боја со Лабрадор со црна боја не секогаш може да ја промени пигментацијата и со тоа да спречи појава на истите рецесивни гени кај следните генерации. Поради истите причини се избегнува и вкрстувањето на жолти и кафени Лабрадори.

Разлики меѓу Лабрадори од англиско и американско потекло (кои се одгледуваат за изложби и за работа)

Постојат значителни разлики меѓу Лабрадорите кои се одгледуваат за натпревари во Америка и Лабрадорите кои се одгледуваат во Англија за истата цел. Тие разлики настануваат како резултат на специјализираните различни типови на одгледување на Лабрадорите. Кучињата кои се одгледуваат за лов и работа на терен се ценат поради нивните способности за работа, додека кучињата кои се одгледуваат за изложби се ценат за постигнување на стандардите кои се важни за судиите на тие изложби. Иако постојат разлики кај кучињата, во целина Лабрадорите кои се одгледуваат за изложби имаат потешка конструкција, пократко тело и погуста опашка и крзно. Лабрадорите кои се одгледуваат за работа на терен имаат подолги нозе, полесни се од оние кои се одгледуваат за изложби и имаат поеластична градба. Главата кај Лабрадорите кои се одгледуваат за изложби е поширока од главата на оние Лабрадори одгледувани за теренска работа. Тие имаат подобро дефинирани црти на лицето и моќен врат, додека за теренските Лабрадори карактеристична е нешто потесна глава и долга муцка. Теренските лабрадори обично имаат високо ниво на енергија и се потемпераментни за разлика од Лабрадорите кои се одгледуваат за изложби и поради тоа тие повеќе се чуваат како кучиња за работа отколку како домашни миленичиња. Некои одгледувачи, особено оние кои се специјализирани во одгледувањето на кучиња за работа, признаваат дека на изложбите не се признаваат овој тип на кучиња, што доведува до повремени расправи во врска со тоа дали оваа раса треба да се групира со помош на подтипови. Во САД, клубот за Лабрадори и Американското друштво за расни кучиња поставија стандарди за оваа раса со цел да овозможат вклопување на Лабрадорите кои се одгледуваат за работа на терен. На пример стандардите на Американското друштво за расни кучиња дозволуваат висина на кучињата поголема од таа висина која е дозволена по стандардите на Англиското друштво за расни кучиња. Сепак се поретки се кучињата кои се успешни на изложби и на терен истовремено.

Темперамент

Американското друштво за расни кучиња ги опишува Лабрадорите како добри, дружељубиви и послушни кучиња. Сетилото за мирис на Лабрадорот може да се изостри да прима одреден вид мириси и да го следи нивниот извор. Обично тие остануваат на трага се додека не го пронајдат изворот на мирисот. Лабрадорите инстинктивно држат предмети во устата и тоа го прават со голема нежност. Тие со забите може да држат човечка рака без притоа да нанесат повреди. Тие се познати по нежниот стисок со вилицата, бидејки се одгледувани за изнесување на уловените птици од водата. Склони се кон џвакање предмети, но можат да бидат одвикнати од ваквото однесување. Крзното на Лабрадорот е водоотпорно до некој степен, што му овозможува да учествува подолг временски период во ловот на водни птици. Лабрадорите важат за раса со мирен карактер и се одлични за чување по семејства. Тие се добри со деца од секаква возраст и со други животни. Но, некои крвни линии Лабрадори (посебно тие кои се одгледуваат за работа на терен) се прилично брзи и активни. Поради нивната палавост и бестрашност понекогаш потребни се дресура и строгост, за да не се однесуваат неконтролирано и своеволно. Женките понекогаш се однесуваат понезависно од мажјаците. Лабрадорите созреваат на 3 годишна возраст, а пред да помине тој период тие се однесуваат како мали кутриња, па често ги нарекуваат хиперактивни. Поради ентузијазмот кој го поседуваат Лабрадорите, препорачливо е дресирање со употреба на ланец уште кога кучето е мало, за да се спречи истото да го влече ланецот кога ќе биде потполно израснато. Лабрадорите често уживаат во игри како враќање на топчето кај нивниот сопственик како и во други активности (учество во натпревари за кучиња, враќање на фризби и др.). Иако понекогаш се случува да лаат при појава на звуци, а особено при звуци за кои не знаат од каде потекнуваат, Лабрадорите обично не се бучни и територијални. Тие обично се мирни и имаат доверба во непознати луѓе, па затоа не се погодни за кучиња чувари. Лабрадорите се познати по големиот апетит,а некои од нив дури и не можат да се одвикнат од џвакањето предмети кои не се јадат. Тие се упорни и убедливи кога бараат храна од сопственикот. Поради тоа сопственикот мора да го контролира хранењето на Лабрадорот за да се избегнат прекумерната тежина и други здравствени проблеми. Мирниот карактер на кучињата од расата Лабрадор, како и способноста за учење , ја прават оваа раса погодна за спасувачки операции, потраги и работа во која помагаат во терапијата на луѓето. Оваа раса располага со голема интелигенција. Лабрадорите се рангирани на 7 место во книгата ,,Интелигенцијата кај кучињата,, на Стенли Корен. Американското друштво за расни кучиња ја опишува оваа раса како идеална за чување во семејство и учество во спортски активности. Сепак првобитната улога на Лабрадорите е улогата на ловечко куче.

Истражување

Лабрадорите вообичаено не копаат дупки и не прескокнуваат високи огради, но поради нивниот активен карактер некои од нив го прават тоа од забава. Оваа раса кучиња е многу интелигентна и е способна да се фокусира на одредена задача. Затоа, во присуство на вистински услови и стимул, Лабрадорот може да се претвори во вистински ,,уметник за бегство,,.

Лабрадорите како раса се љубопитни, сакаат да истражуваат и се многу дружељубиви, па затоа сакаат да бидат во близина на луѓе, да следат мириси, да бараат внимание и нови, интересни случувања. Така, се случува тие понекогаш да исчезнат или да се оттргнат од сопственикот на некое време без притоа да бидат забележани. За жал многу кучиња се украдени на тој начин. Поради големата љубопитност и способноста да се оттргнат од сопственикот, како и поради ризикот од тоа да бидат украдени, голем број од клубовите за кучиња препорачуваат на Лабрадорите да им се вградува микрочип , а на нивниот ланец да стојат ознаки со адресата и името на сопственикот.

Употреба на Лабрадорот за работни цели


Лабрадорите се интелигентна раса на кучиња која поседува голем морал за работа и добри карактерни особини (податоците за оваа раса покажуваат дека дури 92,3 % од тестираните Лабрадори го положиле американскиот тест на карактерните особини). Вообичаени работни улоги на Лабрадорите се : учество на лов, следење на траги и нивно откривање, помагање на луѓе со посебни потреби, влечење (санки и помали запреги), како и учествување во терапијата кај одредени луѓе. Околу 60-70 % од кучињата-водичи во Канада се Лабрадори, додека останатите се Златни Ретривери и Германски овчари. Лабрадорите се добри и неуморни пливачи, познати по својата способност да издржат подолг период дури и во студена вода. Нивната способност да работат тивко додека се на лов, да ја запамтат локацијата каде погодените птици паѓаат, како и нивното исклучително развиено сетило за мирис се заслужни за вбројување на Лабрадорите во ,,Кралевите на ретриверите кои ги носат уловените водни птици,,. Лабрадорите исто така се користат и за покажување и бркање на пленот, што ги прави одлични партнери во ловот. Доказ за големата интелигенција, иницијативата која ја поседува, како и способностите за самостојно снаоѓање во работни услови е примерот со кучето Ендал, кое во 2001 година за време на спасувачка операција најпрво пронајдениот онесвестен човек го поставило во лежечка положба, го пронашло мобилниот телефон од под автомобилот, довлекло ќебе врз повредениот, а потоа отишло до хотелот кој се наоѓал во близина за да донесе помош. Голем број Лабрадори се дресирани и оспособени да им помогнат на своите сопственици да извлечат пари и кредитни картички од банкоматите. Лабрадорите се користат и при спасувачки операции во вода. Тие и денес се користат при такви операции заедно со кучињата од расите Leonberger, Newfoundland и Golden Retriever. Тие исто така се користат и во италијанската школа за кучиња спасители.

Здравје

Малите Лабрадори остануваат со својата мајка додека не наполнат 8 недели. Нивниот животниот век обично изнесува 10 до 12 години. Тие се сметаат за здрава раса, бидејки кај нив се забележани релативно мал број посериозни заболувања. Позначајни здравствени проблеми кај Лабрадорите се :

Наследни болести

- Лабрадорите се склони на дисплазија која може да се јави на нивните колкови и лакти, особено кај крупните кучиња. Сепак оваа болест не се јавува толку често како кај другите раси. Пред вкрстувањето препорачливо е да се внимава на состојбата на колковите и се препорачуваат додатоци во исхраната.

- Кај Лабрадорите исто така доаѓа до проблеми со колената. Luxating patelia е чест проблем кој се појавува во колената на Лабрадорот. Притоа коленото излегува од своето лежиште.

- Кај Лабрадорите можна е и појава на проблеми со видот. Возможни болести на очите се напредна атрофија на очите, катаракта, дистрофија на рожницата и дисплазија на мрежницата. Кучињата кои се предвидени за вкрстување треба да ги прегледа ветеринарен офталмолог.

- Наследна миопатија, ретка болест која предизвикува недостаток на мускулни влакна од втор вид. Симптомите вклучуваат: краток од, па затоа изгледа како кучето да потскокнува и во ретки случаи доаѓа до вкочането држење на телото и неправилна положба на вратот.

- Постои и ретка појава на други автоимуни болести и проблеми со слухот кои кај Лабрадорите може да бидат вродени или да се појават во подоцнежните години.

- Лабрадорите често знаат да колабираат, како резултат на напорни телесни активности или возбуденост. Тоа е резултат на синдром кој предизвикува хипертермија, слабост и дезориентираност после напорни телесни активности.

Дебелина

Лабрадорите многу сакаат да јадат, па затоа се случува без соодветно движење да се здебелат. Кон тоа придонесува и нивната мрзеливост. Дебелината е најсериозниот проблем во исхраната на кучињата. Едно истражување покажува дека дури 25 % од кучињата во САД имаат прекумерна тежина. Затоа Лабрадорите мора почесто да се движат и да се стимулираат на движење. Здрав Лабрадор може да плива со голема брзина цели 2 часа, треба да има тенка половина, да биде лесен и да има кондиција. Дебелината кај Лабрадорите може да предизвика дисплазија на колковите и други заболувања како на пример дијабетис. Остеопорозата е честа кај старите Лабрадори со зголемена тежина. Едно 14 годишно истражување во кое биле опфатени 48 кучиња , а кое е изведено од производителот на храна Пурина покажало дека кучињата кај кои се внимавало на исхраната и на телесната тежина живеат и до 2 години подолго од оние кучиња кај кои не се внимавало на исхраната, приота нагласувајки ја важноста кучето да не се прејадува. Лабрадорите треба да се однесат на прошетка два пати дневно барем на половина час.

Распоространетост низ светот

Во САД оваа раса стана позната по статијата наречена ,,Запознајте се со Лабрадор Ретриверот ,, издадена од Американското друштво за расни кучиња во 1928 година. Пред тоа, ова дрштво регистрирало само 23 Лабрадори во државата. Лабрадорите станале популарни ловечки кучиња во текот на 1920-те години и особено по Втората Светска војна, станувајки препознатливи по своите особини карактеристични за кучињата кои трагаат по пленот и кучињата кои го вадат пленот од водата. Лабрадорот како раса пристигнал прво во Северна Америка и Западна Европа, а потоа и во другите држави. На пример во Руското друштво на сопственици на Лабрадори се смета дека расата таму пристигнала во доцните 60-ти години и овие кучиња биле домашни миленици на амбасадорите и другите вработени во Министерството за надворешни работи. Распространувањето на оваа раса во поранешната СССР било оневозможено поради големината на државата и релативно малиот број Лабрадори, што довело до тешкотии во нивното размножување. На почетокот на 1980-те години и понатаму се увезувале кучиња од другите држави. Ваквите потешкотии довеле до вкрстување на Лабрадорите со други раси Ретривери. Оваа ситуација е ставена под контрола во 1990-те години со олеснувањето на присуството на изложби во други држави.

Демографска распределеност

Лабрадорите се исклучително популарна раса на кучиња. На пример од 2006 година наваму тие:

- Се сметаат за најпопуларна раса на светот.-

- Се најчестата раса на кучиња во Австралија, Канада, Израел, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и од 1991 година наваму и во САД.

- Во САД и во Обединетото Кралство има двојно повеќе кучиња од расата Лабрадори од втората најпопуларна раса. Доколку се прави споредба според големината на кучињата тогаш ќе се добијат резултати дека има 3-5 пати повеќе Лабрадори отколку Германски Овчари и Златни Ретривери.

- Лабрадорите се најпопуларна раса на кучиња помошници во САД, Австралија и голем број на други држави. Исто така и полицијата и другите официјални органи ги користат Лабрадорите во своите задачи, поради нивните трагачки способности и способности за работа. Околу 60-70 % од сите кучиња-водичи во САД се Лабрадори.

- Седум од вкупно 13 кучиња кои се номинирани за најдобри ловечки кучиња од страна на Советот на Австралијанското друштво за расни кучиња се Лабрадори. Не постои глобален регистар на Лабрадори, ниту детален број колку Лабрадори живеат во земјите од светот. 5-те држави во кои популацијата на Лабрадори е најголема во светот се: 1. Обединетото Кралство 2.Франција 3.САД 4.Шведска 5. Финска. Во Шведска и Финска бројот на Лабрадори е далеку помал отколку во останатите 3 држави, но гледано од 2005 година наваму, овие 2 држави ја имаат најголемата пропорција на Лабрадори според бројот на милион жители. Податоците на OFA покажуваат дека бројот на жолти и црни Лабрадори е речиси еднаков, додека кафените Лабрадори ги има во помал број.

Кучиња на армијата на САД, Лабрадор Ретривери во војната во Виетнам

Војната во Виетнам е единствената војна по чие завршување не беше дозволено враќање на кучињата на војската. Од вкупно 4000 воени кучиња се смета дека само 200 ја преживеале војната на територијата на Виетнам, за потоа да бидат стационирани во други прекуокеански држави. Војската на САД во војната во Виетнам најмногу ги употребуваше кучињата од расата Германски Овчар како кучиња чија задача е извидување, како стражарски кучиња, кучиња кои пронаоѓаат рудници, додека морнарицата на САД користеше кучиња за пронаоѓање на непријателски нуркачи. Лабрадорите се користеле во трагачките борбени тимови кои се состоеле од Лабрадор и четири војници (човек кој се грижи за кучето, набљудувач, човек кој се грижи за безбедноста на тимот и лидерот на тимот). Лабрадорите се избирани поради нивното одлично сетило за мирис. Тие помагале во пронаоѓањето на ранети војници и соборени пилоти од воздушните сили на САД, како и во пронаоѓањето на непријателски сили. Лабрадорите на армијата на САД се обучувани во военото училиште на Британската армија во џунглата во Малезија. Од над 4000 кучиња кои војската на САД ги користела во војната во Виетнам 232 загинале во акција, а исто така загинале и 295 војници кои се грижеле за кучињата, од кои еден бил одликуван со Медалот на честа. Според овие цифри 6 Лабрадори кои биле доделени на 62-от и 63-от трагачки борбен тим загинале во борба. За време на војната Американската армија загубила 204 кучиња, додека Маринските сили и Американското воздухопловство загубиле 13 односно 15 кучиња. Во Ноември 2000 година претседателот Клинтон го потпиша амандманот со кој се дозволува посвојување на кучињата кои ги користи армијата на САД. Војната во Виетнам е единствената војна во историјата на САД во која кучињата на армијата не биле вратени дома.

Познати Лабрадори

Бидејки Лабрадорите се најпозната раса за одгледување и за работа во повеќе држави, од признавањето на оваа раса па до денес постојат повеќе Лабрадори кои се познати. Изборот на најпознатите Лабрадори по неколку категории ги вклучува :

Кучиња за помош

- Ендал, куче за помош од Британија. Меѓу другото, Ендал е најодликуваното куче на светот (куче на милениумот, куче кое прво се возело на панорамата ,,London Eye,, , првото куче кое е дресирано да користи кредитна картичка). По смртта на Ендал во 2009 година, екипи од целиот свет направиле повеќе од 350 интервјуа со неговиот сопственик Ален Партон, а снимен е и филм за животот на Ендал. Занјеер, куче-трагач кое е користено за откривање оружје и муниција во сериските бомбашки напади во Бомбај (Мумбаи). За време на неговата служба кучето помогнало во пронаоѓање на 57 импровизирани бомби, 175 молотови коктели, 11 воени оружја, 242 гранати и 600 детонатори. Негова најголема заслуга е пронаоѓањето на 3,329 кг пласичен експлозив. Тој исто така помогнал во пронаоѓањето на 18 пушки и 5 9-милиметарски пиштоли. Лаки и Фло, пар црни Лабрадори за откривање на фалсификувани производи, станале познати по тоа што во 2007 година откриле речиси 2 милиони фалсификувани компакт дискови за време на едно 6-месечно преместување во Малезија. После мулти милионското откривање и апсењето на 6 Малезијци тие се првите кучиња на кои им е доделена ,,Наградата за одлична служба,,. Саби, куче-трагач на специјалните сили на Австралија, кое беше пронајдено во 2009 година во Авганистан откако се сметаше за исчезнато цели 14 месеци.

Миленичиња

Buddy и Seamus, Лабрадорите на поранешниот претседател на САД – Бил Клинтон. Кони- Лабрадорот на Владимир Путин (поранешен претседател и денешен премиер на Русија)

Лабрадори присутни во медиумите и фикционите филмови


Лабрадорите играат улоги на миленичиња и имаат други важни улоги во комедиите и другите телевизиски емисии. Лабрадорот Bouncer во серијата ,,Соседи,, и Луат во ,,неверојатно патување,, го потврдуваат тоа. Марли е Американски Лабрадор, кој игра улога во ,,Марли и јас,, книга и филм кои се базирани на животот на Џон Гроган. Дигер е мало кученце од расата Лабрадор кој игра во детските емисии Big Barn Farm на BBC. Rowdy од серијата Scrubs е познат препариран жолт Лабрадор кој се користи во комичните сцени.

Лабрадори- маскоти и Лабрадори во рекламите Во 1972 година малиот жолт Лабрадор Андрекс се појавуваше како рекламен симбол за тоалетната хартија Cottonelle. Традиција на Државниот универзитет во Мичиген е Зик- чудото од куче. Првиот Зик, како и актуелниот Зик се жолти Лабрадори, додека Зик 2 и 3 беа црни Лабрадори.

Мешавини од Лабрадори

Лабрадудл е куче добиено со вкрстување на Лабрадор и Пудла. Овој концепт потекнува од Австралија, а неговата цел е да се создаде раса која е истовремено погодна за работа и не е опасна по здравјето на луѓето кои се алергични. Сепак , не потои гаранција дека кучето добиено на тој начин ќе го наследи хипо-алергенското крзно од Пудлата. Некои групи кои ги користат кучињата во нивната работа сметаат дека со вкрстување на Златниот ретривер и Лабрадорот се добиваат кучиња со одлични карактеристики. Организацијата Мира која користи мешавина од кучиња добиени со вкрстување на Лабрадори и Бернардинци бележи големи успеси.