Кој го грабна кралот на шпоретите

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Кој го грабна кралот на шпоретите?“ (италијански: Chi ha rapito il re dei fornelli?) - роман за деца, дело на италијанските писатели Алесандро Гати и Давиде Моросиното и на илустраторот Стефано Туркони. Книгата е прв дел од серијалот „Мачки детективи“. Првобитно, книгата била објавена во 2013 година од издавачката куќа „Edizioni Piemme“ S.p.A.[1]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Книгата е издадена на македонски јазик во 2015 година од Арс ламина - публикации, како дел од едицијата „Бестселери за деца“. Преводот од италијански јазик го извршила Анета Симовска. Лектурата е дело на Јасмина Ѓоргиева, а техничкото уредување е направено во Арс Ламина - публикации. Книгата е отпечатена во печатницата „Бранко Гапо - графичко производство“ од Скопје, во тираж од 1.000 примероци. Таа има 132 страници, со формат од 12 x 20 сантиметри. Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи меѓународната ознака: ISBN 978-608-229-939-6 (едицијата) и ISBN 978-608-229-927-3.[2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Книгата има десет глави:[3]

  • Таен состанок
  • Ла Клеф д’Ор
  • Изненадување во кујната!
  • Во вилата на бароницата
  • Испитот на готвачот
  • Кралот на артичоките
  • Тајните меѓу шпоретите
  • Бандата од канализацијата
  • Итреците од фирмата Жамбре
  • Вечера да си ги излижеш мустаќите

Секоја среда, мачорот Мистер Мунлајт, заедно со убавата мачка Жозефин и мачорот-скитник Додо го посетувале ресторанот „Ла Клеф д’Ор“, каде прочуениот готвач Пјер Пате им ги давал своите нови специјалитети. Меѓутоа, кога пристигнале таму, мачето на готвачот, Понпон им кажало дека него го грабнале двајца мажи.

Главниот осомничен за грабнувањето на Пате била една богата бароница, која била редовна гостинка во ресторанот и постојано го убедувала Пате да се пресели во нејзината вила и да готви само за неа. Утредента, Мистер Мунлајт прочитал во весниците дека за случајот бил надлежен инспекторот Рампие, кој мислел дека Пате е убиен од некој сликар на Монмартр. Потоа, мачките ја посетила вилата на бароницата и таму се увериле дека таа не го грабнала Пате. Затоа, мачките се вратиле во ресторанот на Пате, каде здогледале една фотографија на која биле прикажани Пате, како победник на еден натпревар, и готвачот Марсел Гило, како второпласиран. Така, тие заклучиле дека љубоморниот Гило го грабнал својот главен конкурент. Но, кога го посетиле Гило, мачките дознале дека тој не е грабнувачот, туку само еднаш тајно ја посетил кујната на Пате и таму го загубил шамивчето.

Со намера да го пронајдат Пате, мачките го посетиле крокодилот Тенардие, кој живеел во канализацијата и знаел сè што се случувало во Париз. Таму дознале дека Пате го грабнале мажи кои пристигнале со камионче со црвено-бели линии. Така, мачките пристигнале во фабриката за конзерви „Жамбре“, каде го пронашле Пате во канцеларијата на сопственикот на фабриката, господинот Жамбре. Тогаш, мачките предизвикале експлозија во фабриката и го ослободиле готвачот Пате, а кога излегле од фабриката, надвор ја затекнале полицијата. Утредента, Пате го затворил својот ресторан, приредувајќи специјална вечера само за мачките.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. А. Гати - Д. Моросиното, Мачки детективи: Кој го грабна кралот на шпоретите? Скопје: Арс ламина - публикации, 2015.
  2. А. Гати - Д. Моросиното, Мачки детективи: Кој го грабна кралот на шпоретите? Скопје: Арс ламина - публикации, 2015.
  3. А. Гати - Д. Моросиното, Мачки детективи: Кој го грабна кралот на шпоретите? Скопје: Арс ламина - публикации, 2015.
  4. А. Гати - Д. Моросиното, Мачки детективи: Кој го грабна кралот на шпоретите? Скопје: Арс ламина - публикации, 2015.