Книга на Џиан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Книга на Џиан (која ја вклучува и Строфата на Џиан) наводно е древен текст со тибетанско потекло. „Строфата“ е основата за Тајната доктрина, една од основните книги на теозофското движење на Мадам Блаватска од 1875 година.

Тврдењата на Мадам Блаватска[уреди]

Мадам Блаватска тврдела дека го видела ракописот на „Книгата на Џиан“ додека учела езотерија во Тибет. Таа тврдела дека овој и некои други древни текстови ги чуваат иницијантите од „Големото Бело Братство“, подалеку од очите на светот. Според Блаватска, трудот во почетокот бил напишан на светиот јазик сензар. Таа пишува: [1]

„Овој прв дел од езотеричната доктрина се оснива врз строфите, кои се запишани од луѓе непознати за етнологијата; се тврди дека тие пишувале на јазик кој не е внесен во номенклатурата на јазици и дијалекти; речено е дека произлегуваат од извор (окултизам) од кој науката се откажала. Според тоа, може да се очекува отфрлање на овие учења. Никој кој себеси се нарекува "научник" без разлика во која област, не ги зема предвид овие учења.“

Затоа не е чудно што Макс Милер и други се скептични.

Книгата на Џиан и Калачакра Тантра[уреди]

Блаватска изјавила дека „Книгата на Џиан“ ѝ припаѓа на група тибетски езотерични списи познати како „Книга на Киу-Те“. Блаватска пишува дека пред стандардната транскрипција од тибетски на латински, буквите биле усогласувани, а за тоа било потребно извесно време, за што имала помош од она што будистите го нарекуваат Калачакра Тантра. [2] Други истражувачи како извор ги наведуваат кинескиот таоизам или еврејската кабала. [3]

Строфите на Џиан во делата на Алис А. Бејли[уреди]

Стихови од „Строфите на Џиан“ се печатени од Алис Бејли во „Расправа за космичкиот оган“ во 1925 година. Бејли тврдела дека овие стихови ѝ се диктирани телепатски од тибетскиот учител Џвал Кул.

Критика во врска со изворите за Строфите на Џиан[уреди]

Во биографијата на Блаватска „Необичниот живот и влијанијата на Елена Петровна Блаватска“, Силвија Кранстон го споменува плагијаторството на Блаватска споменато од Колеман. [4]. Нејзиното видување, слично како Колеман, е дека плагијаторството на Блаватска се појавува најмногу кога таа го наведува главиот извор без да го нагласи секундарниот извор од каде што доаѓа знаењето.

Кога се појавила книгата „Тајната доктрина“ на Блаватска, Вилијам Едвард Колеман од Сан Франциско навреден од претензиите на Мадам Блаватска кон ориенталните учења, презел комплетна ексегеза на нејзините дела. Тој покажал дека нејзини главни извори се преводите на Вишну Пурана; „Животот во светот или современа геологија“ на Александер Винчел (Alexander Winchell); „Атлантида“ на Игнатиус Донели (Ignatius Donnely); и други современи научни и окултни дела на кои направила плагијат. Дел од нејзините „Строфи на Џиан“ се препишани од „Химната на создавањето“ од Риг Ведите, а споредбата на две композиции тоа лесно го покажува. Колеман ветил да напише книга во која ќе ги образложи сите извори на Мадам Блаватска, вклучувајќи го и зборот „Џиан“.[5]
Кранстон изјавила дека се потрудила да ги изнајде тие 70 пасуси за кои Колеман тврди дека Блаватска ги препишала од „Животот на светот“, но вели дека пронашла само 6.

Колеман не бил авторитет за окултни теми, а не бил ни непристрасен судија, затоа што се потсмевал на теоријата на окултизмот, и постојано се спротивставувал на теозофијата.[6] Книгата која ја ветил Колеман, во која би ги објаснил сите плагијати на Блаватска никогаш не се појавила, затоа што „Колеман ги изгубил сите белешки како и целата своја библиотека во земјотресот во Сан Франциско од 1906 година, а умрел три години подоцна. [7]

Проучувачот на НЛО-а Дезмонд Лесли (Desmond Leslie) сметал дека „Книгата на Џиан“ потекнува од изгубениот континент Атлантида. Швајцарскиот автор Ерик вон Деникен тврдел дека истражувал дел од содржината на книгата, соопштувајќи дека првата верзија на таа книга е постара од планетата Земја, а дека само избраните можат да ја допрат и со тоа да добијат визија за она што е опишано во неа.[8]

Наводи[уреди]

  1. The Secret Doctrine, Vol. 1, Page xxxvii Stanzas, which are (...) said to emanate from a source (Occultism) repudiated by science;
  2. Reigle, David and Nancy Blavatsky's Secret Books San Diego 1999. ISBN 0-913510-76-9
  3. Goodrick-Clarke, Nicholas: Helena Blavatsky Berkeley 2006, North Atlantic Books
  4. Cranston, Sylvia: H.P.B.: The Extraordinary Life and Influence of Helena Petrovna Blavatsky. New York 1993: Tarcher/Putnam p. 379-387)
  5. de Camp, L. Sprague Lost Continents: The Atlantis Theme in History, Science, and Literature New York:1954 Dover Publications Pages 57-58
  6. Cranston, op.cit. p 380, citing William Q Judge The Esoteric She, reprinted in H. P. Blavatsky: Her Life and Work
  7. de Camp, L. Sprague Lost Continents: The Atlantis Theme in History, Science, and Literature New York:1954 Dover Publications Page 58
  8. Däniken, Erich von. Gods From Outer Space. A Bantam Book, 1972, p. 137.

Литература[уреди]

  • David and Nancy Reigle: Blavatsky's Secret Books, 1999, ISBN 0-913510-76-9 (исто така види [1]).