Клуб на есперантисти (Струмица)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Клуб на есперантисти (Струмица)
ВодачВасил Цилев
Членови60-100
БоиБела, зелена
Основана4 јули 1938 (како секција во друштвото „Реља Крилатица“)
Разгледница од Струмица од овој период

Клубот на есперантисти бил клуб на граѓани на Струмица кои сакале да го изучуваат есперанто јазикот, но и да се запознаат со политичките проблеми во светот. Тој е еден од првите кои се појавиле во Македонија. Клубот добил големо внимание од младите во градот, успевајќи активно да застапуваат еден вид на комунистичка идеологија, каква впрочем застапувале и останатите клубови на есперантисти во светот.

Освен изучувањето на јазикот, клубот започнал да организира излети по селата, така што освен што ги запознавал членовите со населените места околу градот, ја агитирала и младината од струмичките села. Тој исто така организирал и игранки и претстави за целото граѓанство во изнајмената сала на кино „Балкан“. На лето, 1940 година клубот ги изнајмил просториите на куќата на Маџункови и организирал сопствена библиотека која располагала со 300-400 книги, дел од кои биле на есперанто.

Историја[уреди | уреди извор]

Великосрпските властодршци имаа формирано неколку друштва во градот, со цел да ја денационализираат младината но во тоа не успеаја. Не успеаја затоа што овие друштва, како единствено дозволени места за културно-просветен и забавен живот, беа постепено преземани од младината која сè повеќе развиваше комунистичка активност. Тоа особено се покажа со примерот на есперантската секција, која како таква, беше скоро единствена појава во Македонија.

— Д-р Манол Пандевски и Ѓорѓи Стоев - Трнката, „Струмица и Струмичко низ историјата“

Формирањето на клубот се сведува на работата и искуствата на Благој Јанков - Мучето кој по пуштање од белградскиот затвор Главњача се враќа во родната Струмица. Тој со своето познавање и искуство во организирање на работничката класа успеал да формира група која ќе се бори за слободата на Македонија и правото на работниците. Уште пред да ја напушти Струмица, го разгледувал прашањето на кој начин да ја придобие и останатата младина, а со цел политички да се воспитува и подготви за борба за остварување на работничките права.

Во 1937 година, во куќата на Милчо Шеќерџиев се одржува состанок на кој учествуваат Васил Цилев, Ката Поцкова, Мито Поп Тодоров и Благој Мучето. На состанокот се одлучува работниците својата дејност да ја извршуваат преку есперантско друштво. До таква одлука дошло поради тоа што, пред војната, во Југославија друштвата на есперантистите се покажале како мошне погодна форма за развивање на активност на партиските активисти. Киро Минанов, кој завршил курс по есперанто во Белград, бил поканет да се врати во градот за да дејствува како предавач на курсот. Тој се согласил и во летото 1938 година, се вратил во Струмица.

Како секција во друштвото „Реља Крилатица“[уреди | уреди извор]

Ако накратко се резимира културно-просветната и национално-политичката активност на населението, пред сè на работничката, училишната и другата младина во Струмица, во периодот на стара Југославија, треба да се каже дека младите генерации секогаш наоѓале методи и форми на работа за да се здобијат со поголемо образование, да се поврзат со селското население, да се вклучат во борбата на македонскиот народ и на работничката класа од Југославија за извојување на слободен, човечки живот.

— Д-р Манол Пандевски и Ѓорѓи Стоев - Трнката, „Струмица и Струмичко низ историјата“

На последниот состанок за конечно формирање на клубот, се сметало дека локалната власт нема да дозволи формирање на ваков клуб, па поради тоа иницијаторите го искористиле постојното друштво „Реља Крилатица“ каде што ќе се формира секција на есперантистите. Така, управата на „Реља Крилатица“ на својата седница на 4 јули 1938 година, го прифатила предлогот, со следните услови: Да се организира есперантски курс, под услов, есперантската секција да работи исклучиво на изучување на овој меѓународен јазик, и тоа на сопствено материјално издржување.

Клубот започнал со работа, веднаш започнала агитација на млади за упис на членови на секцијата. Оваа иницијатива добила голем интерес од младите и работниците во градот. Истиот месец во 1938 година, во зградата на Женското занаетчиско училиште се одржало првото собрание на клубот. За претседател бил изгласан Васил Цилев, а за секретар на клубот Димитар Маџунков. Курсовите по есперанто започнале да се одржуваат, ги предводел Киро Минанов, а на истите присуствувале 60-тина курсисти. На почетокот се изучувал само јазикот, и тоа исклучиво од работници, но подоцна се вклучиле и некои млади интелектуалци, а се одржувале и други предавања, се читала прогресивна литература и се организирале излети по околните села.

Во зимата 1938 година, секцијата ја закупила салата на сегашното кино „Балкан" во која организирале забави и игранки во саботите и празничните денови. Популарноста на секцијата на есперантистите меѓу работните луѓе за кусо време порасна. Со отпочнувањето на секој нов курс, бројот на членовите се зголемувал, а годишно се одржувале 3-4 курса. Предавањата се одржувале неколкупати седмично во вечерните часови. Меѓутоа, во просториите на училиштето дел од членовите на секцијата доаѓале скоро секоја вечер. Тоа станало нивен постојан клуб. Во градот можело да се чуе како млади работници зборуваат на јазикот есперанто, кое уште повеќе го зголемувало интересот на работниците и младината кон работата на есперантистите.

Учество на Конгресот на есперантисти на Југославија[уреди | уреди извор]

Летото 1939 година, се одржувал Конгрес на есперантисти на Југославија во Карловац, тогаш Бановина Хрватска. На него учествувале и струмичките есперантисти. Тие за свои делегати на конгресот ги избрале Ристо Беќаров и Глигор Новаков.

Дискусиите водени на Конгресот за задушувањето на Шпанската република и меѓународната ситуација, им разјасниле многу политички прашања на делегатите. Тие се запознале со многу истакнати есперантисти од Југославија, со кои размениле мисли за разни политички прашања и за работата на есперантските друштва. За нив и за струмичките есперантисти тоа било од голема полза.

Осамостојување на клубот[уреди | уреди извор]

Првите несогласувања помеѓу секцијата на есперантистите и управата на Друштвото „Реља Крилатица", настанала кога извесен број хористи го напуштиле хорот на Друштвото и станале активни членови на есперантската секција. Реакцијата од д-р Атанасковиќ, претседател на „Реља Крилатица“ и неговите истомисленици била остра; тие се заканувале дека ќе ја растурат секцијата; зборувале дека тоа е работа на комунистите и барале да се прекине со секаква друга активност вон од изучувањето на јазикот. На управата на „Реља Крилатица", морало да и се вети дека нема да се организира никаква друга активност. Но, секцијата ја продолжила својата работа, активноста се зголемувала и се вовеле нови форми на работа со младината.

Во летото 1940 година, поради несогласувањата на друштвото „Реља Крилатица“ за дејствијата кои клубот, есперантистите се одвојуваат од „Реља Крилатица“ и формираат свој клуб. Како свое седиште, клубот ги изнајмил просториите на бившото училиште, каде што била куќата на Маџункови, при што во просториите организирала своја библиотека која располага со 300 до 400 книги, дел од кои биле на есперанто јазик.

Распаѓање на клубот[уреди | уреди извор]

Воено дефиле на Бугарската армија низ чаршијата по нејзиното влегување во Струмица.

Есперантското друштво вонредно многу придонесе за создавање на оние кадри, кои во годините непосредно пред војната, и особено во текот на фашистичката окупација, ќе застанат во Струмица и Струмичко на чело на Народноослободителното движење.

— Д-р Манол Пандевски и Ѓорѓи Стоев - Трнката, „Струмица и Струмичко низ историјата“

Во април 1941 година, започнала германската инвазија „Априлска војна“ против Кралството Југославија. Со влегувањето на бугарските војници во Струмица, веднаш се забранила работата на Клубот на есперантисти. Со тоа, клубот прекинува со работа, но неговата цел е постигната. Поголем дел од членовите на клубот, станале членови на СКЈ, подоцна и на СКМ, и се вклучиле во борбата против бугарските и германските окупатори.

Користена литература[уреди | уреди извор]