Киселичка Пештера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Киселичка пештера
МестоКиселица, Пијанец, Македонија Македонија
Должина108 м
Надм. височина770 м
Влезови2
Список на
влезови
Горен и долен

Киселичка Пештера — пештера во Македонија.[1] Се наоѓа во котлината Пијанец, во атарот на делчевското село Киселица. Пештерата се наоѓа на левата долинска страна на безимен поток, кој припаѓа на сливот на Киселичка Река, десна притока на реката Брегалница. Главниот (горниот) влез се наоѓа на надморска височина од 770 м. Киселичка Пештера претставува сложена пештера со гранеста шема на пештерските канали, а наместа и со лажна лавиринтска (анастомозна) шема, како резултат на исполнетоста на пештерските канали со седименти, при што истражените канали се всушност делови каде што пештерските седименти се еродирани. Пештерата има два влезни делови, горен и долен, кои се наоѓаат на вертикален отсек, на 10-15 м над речното корито. Горниот влез има елипсовиднаформа, издолжена вдолж пукнатина, со ширина од 4 м и висина од 3,7 м и има северозападна експозиција. Долниот влезен дел се наоѓа ~12 м југозападно и 4 м пониско од горниот и има западна експозиција. Се одликува со два влеза, помалиот има димензии од 1 х 0,8 м, додека поголемиот од 2,7 х 1,1 м. И двата влезни делови се откриени со ерозија на отсекот. Непосредно под горниот влез се забележуваат поголеми варовнички блокови откинати од отсекот. Вкупната должина на картираните пештерски канали изнесува 108 м, со вертикална развиеност од 6 м. Во пештерата се издвојуваат и два пештерски канали со потенцијал за понатамошни истражувања, со што должината на истражени канали може да биде и поголема. Каналот во јужниот дел се стеснува како резултат на покриеност на ѕидовите со сливови, иако видливо е негово продолжение, додека во источниот дел се стеснува како резултат на исполнетост со глинести седименти. Речисинасекаде во пештерата, таванот на пештерските канали се одликува со парагенетска морфологија, формирана како резултат на корозија,која во фреатски услови (под вода) била насочена вертикално нагоре,како резултат на таложење седименти на подот. Наместа парагенетските форми се моделирани со кондензивна корозија. Ова е особено изразено во источниот дел, каде што се забележува активна кондензација во куполи и џебови на таванот. Во средишниот и во јужниот дел од пештерата се среќава вадозна морфологија, формирана со гравитациско течење на водата. Таа е помлада од парагенетската, која ја сече формирајќи помали кањонски канали по дното. Во деловите каде што е застапена вадозната морфологија, седиментите се целосно еродирани. Висината на пештерските канали е претежно помала од 1 м, а во деловите со куполеста морфологија се движи до 1,5 м. Најголема е кај горниот влез каде што достигнува до 3 м. Тоа се должи на покриеноста на тлото со пештерски седименти, поради што пештерските канали имаат поголема ширина од висина.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]