КАМЕЛС рејтинг систем

Од Википедија — слободната енциклопедија

КАМЕЛС (англиски: CAMELS) е модел на оценување што го применуваат регулаторните органи во САД[1][2]. Името на овој модел произлегува од почетните букви на шесте области од работењето на банките, што се предмет на оценување:

  • C (Capital adequacy) - Адекватност на капитал
  • A (Asset quality) - Квалитет на активата
  • M (Management quality) - Квалитет на управувањето
  • E (Earnings) - Заработка
  • L (Liquidity) - Ликвидност
  • S (Sensitivity to market risk) - Осетливост на пазарниот ризик

Адекватност на капиталот[уреди | уреди извор]

Во рамките на првата компонента, супервизорите најпрвин ја оценуваат способноста на банката да го одржува капиталот на потребното ниво, имајќи ги предвид ризиците со кои таа се соочува во своето работење.

Квалитет на активата[уреди | уреди извор]

Вториот аспект на контролата се однесува на квалитетот на средствата на банката, односно на кредитниот ризик на кој се изложени кредитите, инвестициското портфолио и вонбилансните активности на банката.

Квалитет на управувањето[уреди | уреди извор]

Многу важен аспект на оцената е квалитетот на раководството на банката, пред се, стручниот и моралниот квалитет на членовите на органите на управување и на повисоките раководители. Во таа смисла, раководните лица во банката треба да исполнуваат некои услови за да можат да добијат дозвола за извршување на своиите функции.

Заработка[уреди | уреди извор]

Супервизорите го набљудуваат трендот на движењето на профитабилноста на банката и вршат процена на факторите што можат да имаат влијание врз нејзината одржливост на подолг рок.

Ликвидност[уреди | уреди извор]

Посебно внимание се посветува и на системот на управување со ликвидноста на банката, односно нејзината способност за навремено извршување на тековните обврски.

Осетливост на пазарниот ризик[уреди | уреди извор]

Последната димензија се однесува на изложеноста на банката на пазарниот ризик, т.е на вијанието на промените на пазарните фактори (цени на хартии од вредност, каматни стапки, девизни курсеви, итн.) врз добивката и вредноста на капиталот на банката.

Банката се оценува посебно во секоја од наведените шест области, добивајќи оцена од 1 до 5. Притоа 1 означува највисока, најдобра оцена, додека 5 претставува најниска, најлоша оцена. Понатаму , врз основа на поединечните оцени, банката добива вкупна, заедничка оцена којашто, исто така, може да се движи од 1 до 5. Ако банката добие вкупна оцена 1 или 2, тогаш се работи за здрава банка , оцената 3 значи дека постојат некои проблеми во работењето на банката, додека оцените 4 и 5 означуваат проблематични банки за кои постои ризик од пропаѓање во блиска иднина.

Супервизијата во Македонија[уреди | уреди извор]

Во Македонија, супервизијата во работењето на банките според системот КАМЕЛС беше воведена кон крајот на 1994 и почетокот на 1995 година. Во рамки на овој систем , клучно место во оцена на работењето на банките имаат анализата на квалитетот на средствата и раководењето со кредитниот и другите ризици. Притоа, во одделени периоди, банките биле различно оценувани од супервизорските органи. Во 1999 година, дури осум банки, со учество од над 50% во вкупните средства на банкарскиот сектор, биле оценети како проблематични банки, со оцени од 4 или 5.[3] Подоцна, паралелно со зајакнувањето на корпоративното управување и на системите за раководење со ризиците, постепено се подобрувала оцената на банките. Во 2006 година просечната оцена за целиот банкарски сектор изнесуваше 2,18 , што означува постоење здрави банки.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Горан Петревски, Управување со банките, второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 77.
  2. Горан Петревски, Управување со банките, второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 78.
  3. Кики Магнова Поњавиќ, Ванчо Каров, 60 години централно банкарство во Македонија, Народна банка на Македонија, Скопје, 2006, стр. 149.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]