Дампинг цени

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Дампинг цени во поширока смисла претставуваат ценовна дискриминација помеѓу различни земји, т.е практика на дискриминација на потрошувачите од различни национални економии. Во потесна смисла тоа е продажбата на странски пазар по цени пониски од оние на домашниот пазар или под нормалните (реални) цени. Етимолошки, зборот дампинг доаѓа од англискиот јазик и има значење « продавање под цена».

Damping.svg

Дефинирање на дампинг цените[уреди]

Дали дампингот е нелојална конкуренција? Мислењата се различни, но многу влади преземаат мерки против дампингот со цел да ги заштитат домашните индустрии. Иако правните одредби за дампингот се попрецизни, договорот со Светската трговска организација СТО им дозволува на властите да реагираат кога станува збор за «материјална» повреда на конкурентската домашна индустрија. За да го направи тоа, Владата треба да биде способна да докаже дека дампингот постои, да ја пресмета неговата висина (колку е пониска извозната цена во споредба со цената на производот на домашниот пазар на извозникот) и да докаже дека дампингот предизвикува штета или се заканува дека тоа ќе го направи.

Мотиви за примена на дампинг цени[уреди]

Мотивите на извозникот за одредување на пониски цени на странскиот во однос на домашниот пазар можат да бидат различни. Во праксата на меѓународните претпријатија се најчести следните мотиви:

  • Воведување на производот на нов пазар(оваа стратегија по правило ја применуваат мали и средни претпријатија кои прв пат се појавуваат на некој пазар);
  • Остварување на монополска положба(мотив на големите меѓународни претпријатија користен најчесто во земјите во развој) ;
  • Максимизирање на добивката; и
  • Прилагодување на локалното окружување.

Анализа за докажување на постоењето на дампинг[уреди]

За да се утврди дали сомневањето во остварен дампинг е основано, треба да се изврши анализа на следниве категории:

  • Цената на чинење на производот во земјата — извозник плус транспортните и продажните трошоци и профитот ;
  • Цената по која производот се продава на пазарот на земјата — извозник; и
  • Цената по која производот се продава на пазарите на трети, неутрални земји.

4.Видови на дампинг[уреди]

Постојат три основни видови на дампинг, и тоа : ценовен, валутен и социјален.

  • Ценовниот дампинг настанува кога цената на извезените стоки се спушта под нивото на нормалната продажна цена.
  • Валутниот дампинг се прави по пат на индиректно влијание (снижување). Земјата што употребува ваков вид дампинг врши девалвација на својата национална валута, иако оваа мерка не е потребна за макроекономската стабилност на нејзиното стопанство, или, доколку е потребна, тогаш девалвацијата ја врши во поголем процент од потребниот . Со тоа, цената на извозната стока на странските пазари искажана во странска валута значително опаѓа, а едновремено цената на увозната стока од странство, изразена во домашна валута се зголемува.
  • Социјалниот дампинг настанува тогаш кога земјата форсирајќи го извозот, поголемиот дел од трошоците и оптоварувањето при плаќањето ги префрлува на сметка на домашниот потрошувач, а со цел да се олеснат продажбите во странство.

Покрај трите основни видови дампинг, тој може да се појави во вид на :

  • Извозни премии;
  • Транспортен дампинг; и
  • Индиректен дампинг

Дампингот во вид на извозни премии настанува тогаш кога премијата за извоз овозможува производот на странските пазари да се продава поефтино отколку на домашниот пазар.

Истото може да се постигне доколку се користат транспортни преференции и субвенции во толкав обем што овозможува појава на нелојална конкуренција на странскиот пазар.

Индиректниот дампинг се појавува кога земјата — извозник не го произведува сама производот, туку врши реекспорт на истиот. Притоа, на пазарот на земјата што се јавува како конечен увозник на производот, цената на тој производ е пониска отколку во земјата на неговото потекло.

Облици во кои се применува дампингот[уреди]

Постојат три облици во кои се применува дампинг, со оглед на должината на времето и зачестеноста во користењето :

  • повремен дампинг(претпријатието го спроведува во ситуација кога располага со големи вишоци на производи кои не може да ги продаде на постојниот пазар) ;
  • краткорочен дампинг(користат претпријатијата кои освојуваат нова страна на пазарот или водат остар конкурентски натпревар); и
  • долгорочен дампинг(уште се нарекува и континуиран дампинг, е примена на пониски цени во долг временски период на некој странски пазар).

6. Постапка за идентификување на дампингот и примена на антидампиншки мерки[уреди]

6.1. Критериуми за спроведување на антидампиншки мерки[уреди]

Спроведувањето на било какви антидампиншки мерки е возможно само ако се исполнат следните критериуми :
  • утврдување на дампингот: цената по која производот се продава на странскиот пазар е пониска од цената по која производот се продава на домашниот пазар ;
  • материјална повреда на индустријата: увезените производи предизвикале или се смета дека ќе предизвикаат штета на значаен дел од индустријата, како намалување на пазарното учество, намалување на цените на производителите и притисок врз производството, продажбата, профитот, продуктивноста и сл.
  • интересот на институцијата која е надлежна за антидампиншки мерки European Commission:трошоците на Европската комисија за превземените мерки не смеат да бидат несразмерни со резултатите.

6.2. Спроведување на постапката за обвинување за дампинг[уреди]

Кога една индустрија во рамките на европската заедница смета дека увезените дампинг производи од не -ЕУ земјите предизвикуваат материјална штета врз индустријата, може да поднесе барање до Европската Комисија (ЕК), директно или преку владата во својата земја. Барање за спроведување на постапка против странскиот извозник може да поднесат претпријатија, здруженија или физички лица. Андидампиншкиот одбор има рок од 45 дена да го проучи барањето и да одлучи дали ќе покрене постапка. Случајот ќе биде одбиен доколку не постојат доволно докази, или ако барањето не се однесува на барем 25 % од вкупното производство во ЕУ на односниот производ. Спротивно, ако одлуката по барањето е позитивна, тогаш одборот најавува отварање на постапка во Службен весник на ЕУ, како би можеле сите, кои се чувствуваат погодени од дампингот да реагираат.
За примена на антидампиншките закони против странскиот извозник не е доволно да се спроведе истражна постапка, туку е потребно да се докаже:
  • дискриминација на цените (дампинг) и
  • штетата која ја имаат домашните претпријатија од таквата дискриминација.

6.3. Елементи кои укажуваат на појава на дампинг[уреди]

Во постапката на испитување се утврдуваат следните елементи:
  1. нормална вредност на производот ;
  2. извозна цена на пазарот ;
  3. стапката на дампинг ;
  4. настанатата штета; и
  5. интересот на ЕУ

6.4. Примена на анти-дампинг мерки и дополнителна заштита[уреди]

Анти — дампинг мерки може да се применат ако дампингот штетно влијае врз индустријата во земјата — увозник. Во спротивно, доколку ништо не се превземе, дампингот и дава на земјата -извозник нелојална конкурентска предност која може да биде злоупотребена. Прописите на ЕК во врска со дампингот беа заменети со нова Анти — дампинг регулатива во 1995, а истата беше реформирана и стапи насила на 6 март 1996 година.
Сепак, анти — дампинг мерките ќе се спроведат само ако се во потесниот интерес на Заедницата (ЕЕЗ). Право да ги презентираат своите размислувања имаат производителите, увозниците, корисниците и купувачите. Потоа се консултираат земјите — членки, по што Комисијата може, во период од 60 дена до 9 месеци, да пропише привремени мерки. Тие не смеат да ја надминат границата на дампингот (разликата помеѓу цената на домашниот пазар и цената која се наплаќа на пазарите на ЕУ). Овие мерки можат да се применуваат од 6 до 9 месеци. Откако Комисијата ќе ја комплетира својата истрага, може, по консултација со земјите — членки, да пропише конечни мерки. Само Советот на Министри ја има надлежноста по ова прашање. Дефинитивните мерки се валидни за период од пет години. Доколку производителите докажат дека отстранувањето на мерките очигледно води кон обновување на дампингот, Комисијата може да ја повтори истрагата. Истото се случува и кога пропишаните мерки не го дале посакуваниот ефект, бидејќи на пр. извозникот ги апсорбирал додатните трошоци, или доколку се променил начинот на тргување. Во таков случај нивото на спроведувањето на мерките ќе се промени, а контролата за спроведувањето на антидампинг-мерките може да го активира и Првостепениот Европски суд.

Во случај на дампинг, редовната царинска заштита на една земја не е доволна за спречување на нелојалната конкуренција на пазарот во кој влегла стоката со дампинг цени. Затоа се јавува потребата од дополнителна заштита и тоа со:

  • Воведување на антидампиншки царини, кои се исклучително високи и се воведуваат преку ноќ со одлука на надлежен царински орган, за да се избегне долгата царинска процедура.
  • Воведување на ембарго за увозот на стока за која постои сомнение дека има дампинг — цени; и
  • Давање дозвола за безцарински реимпорт на ваквата стока во земјата на нејзиното потекло.

Регулирање на дампингот во меѓународната регулатива[уреди]

Поголем број земји во светот правно го регулираат дампингот со посебни закони (антидампинг законодавство). Овие закони содржат процедура за утврдување на постоење на дампинг и мерки кои ќе бидат превземени против странскиот извозник. Иако прокламираните цели на антидампиншкиот закон се заштита на домашните претпријатија од агресивните и недостојни ценовни политики на некои странски претпријатија, не се ретки случаите да се користат за ограничување на странската конкуренција и протежирање на домашните производители.

Средствата кои најчесто се користат за заштита на домашните претпријатија се царински тарифи и контингенти чија примена ги покачува цените на странските производи, а со тоа им ја намалува конкурентноста на локалниот пазар. Исто така, во некои земји локалната власт ги скратува увозните дозволи за некои производи ако смета дека нивните цени се нереални (прениски или дури и превисоки) .

Претпријатијата во праксата настојуваат на различни легални, илегални начини да ги избегнат антидампиншките постапки. Постојат низа можности како тоа да се направи. Најмногу користен начин во праксата е диференцирање на производот кој се извезува на странскиот пазар во однос на ист производ на домашниот пазар. Може да се создаде разбирање со дистрибутерот на странскиот пазар да ги кредитира и на тој начин, преку неценовно конкурентско прилагодување да се постигнат резултати како и со намалување на цените.

Надворешни врски[уреди]

Дампинг стапка mjere.asp Анти-дампинг во Хватска