Гасна гангрена

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај


Гасна гангрена
Класификација и надворешни извори

Фотографија направена пред ампутација на нога на пациент со гасна гангрена.
МКБ-10 A37.0
МКБ-9 040.0
DiseasesDB 31141
eMedicine med/843 emerg/211 med/394
MeSH D005738

Гасна гангрена (позната и како „Клостридијална мионекроза“ и „Мионекроза“) е бактериска инфекција која созадава гас во ткивата зафатени од гангрена. Ваквата гангрена е смртоносна и обично е предизвикана од бактеријата „Clostridium perfringens“. Потребна е итна медицинска помош.

Мионекрозата е состојба на некрозно оштетување карактеристично за мускулното ткиво. Често се среќава при инфекции со „Clostridium perfringens“ или при некоја од многубројните анаеробични бактерии од почвата. Бактеријата предизвикува мионекроза преку одредени егзотоксини. Овие микроорганизми чекаат поволна прилика и навлегуваат во телото воглавно преку голема рана на кожата. Гангренозната инфекција од бактерија која се развила во почвата била вообичаена кај воените повреди на војниците во 20-иот век. Причина за ова била теренската хирургија изведувана со нестерилни инструменти и пружањето основна нега при сериозни повреди од проектил.

Други причини за настанување на мионекрозата се змиски отров од змија од родот Ботропс (фамилија Viperidae), исхемична некроза предизвикана од блокада на крвта (на пример дијабетес тип 2), тумори кои го блокираат или натрупуваат снабдувањето со крв, дисеминирана интраваскуларна коагулација (ДИК) или други тромбози.

Карактеристики[уреди]

Гасната гангрена може да предизвика мионекроза (изумирање на мускулното ткиво), создавање на гас и сепса. Често се случува бргу да доведе до труење на крвта и шок.

Патофизиологија[уреди]

Гасната гангрена настанува од бактерии од видот Клостридии (најчесто станува збор за „Clostridium perfringens“ и „Clostridium novyi“, а поретко за „Clostridium septicum“ или „Clostridium ramnosum“).Овие бактерии произведуваат егзотоксин кој најчесто може да се најде во почвата но и во нормалната цревната флора и други анаероби (на пример бактероиди и анаеробични стрептококи). Егзотоксинот обично може да се најде во „Clostridium perfringens“ вид А и е познат како алфа токсин. Оваа бактерија од животната средина може да навлезе во мускулот преку рана, да се размножи во заразеното ткиво и да лачи силни отрови. Овие токсини го уништуваат околното ткиво, а во исто време создаваат и гас.

Гасната гангрена ретко ја предизвикуваат други организми (на пример „Klebsiella“ pneumoniae кај дијабетесот).

Во еден клинички случај беше забележано соединение на гас составено од 5,9% водород, 3,4% јаглерод диоксид, 74,5% азот и 16,1% кислород.

Мионекрозата малку се разликува од другите видови на некроза. Главните причинители се скоро исти, додека видот на заразеното ткиво (поточно мускулното ткиво) е многу поважен за општото здравје на пациентот. Површинската некроза е незабележлива и може да доведе до непожелни белези, но не влијае врз физичката способност или врз шансите за преживување на пациентот. Сепак, голема мионекроза најверојатно ќе доведе до атрофија на целата област. Доколку оштетувањето од некрозата продолжи преку заразен екстремитет, тоа најчесто значи дека целиот екстремитет е трајно оштетен.

Честопати е тешко да се одреди колку е оштетен мускулот бидејќи „Clostridium perfringens“ можеби навлегла подлабоко во слоевите на кожата. За разлика од другите анаеробични инфекции, кај ваквата инфекција ретко се случува да тече гној. Течењето честопати е „малку гнојно“ или „со блед гној“ бидејќи е многу послабо од обичниот гној. Причината за ова е разградувањето на неутрофилите, вид бели крвни зрнца, кое го предизвикуваат лецитиназите и други токсини кои ги создава клостридијата.

Анаеробите од почвата доста добро преживуваат при сурова клима. Честопати нема доволно храна, а тука се и многуте други видови кои се борат за неа. Промените во ПХ вредноста и температурата се исто така важни. Конкурентските бактерии многу често создаваат и егзотоксини кои им помагаат во борбата против другите микроби во нивната природна околина. Кога ваквите бактерии ќе навлезат во човековото тело, тие доаѓаат до голема количина на храна, изобилство на вода и топлина. Ова им овозможува брзо да се развиваат, многу побрзо од способноста на организмот да се одбрани бидејќи прокариотските бактерии имаат многу поголем капацитет за размножување отколку имунолошкиот систем на човекот. Комбинацијата од голем број на бактерии и нивната способност за размножување е она што е потребно за микробите да предизвикаат голема инфекција. Заедно со брзото размножување, се создава и голема количина на егзотоксин кој предизвикува сериозни оштетувања на локалното ткиво на човекот. Еден таков егзотоксин, кој е одговорен за појавување на болеста, го создава и „Clostridium perfringens“. Овој егзотоксин е познат и како алфа токсин.

Масивната инфекција, големата повреда и намалувањето на имунолошката способност на човекот доведува до системска сепса. Ова делумно настанува поради оптоварување на имунолошкиот систем, неговото испуштање на воспаливи цитокини и ширењето на бактериски токсини. Масивната инфекција најчесто доведува до смрт поради комбинацијата од системски септичен шок и од ненамерните штетни ефекти на имунолошкиот одговор. Кај животните, доаѓа до инвалидност и исцрпеност што значително ја зголемува можноста да станат плен.

Лечење[уреди]

Лечењето обично опфаќа отстранување на мртвото ткиво, а во многу случаи е потребна ампутација. Антибиотиците самите по себе не даваат ефект бидејќи не навлегуваат доволно во исхемичните мускули. Сепак, пеницилинот се користи како дополнителна терпија пред операција. Покрај операција и антибиотици, се користи и терапија со хипербарски кислород која го попречува растот на анаеробичната „Clostridium perfringens“ и ја уништува.