Владислав Граматик

Од Википедија — слободната енциклопедија

Владислав Граматик — плоден книжевник од XV век.[1]

Биографија[уреди | уреди извор]

Податоци за неговиот живот дознаваме само од неговите дела. Потекнува од Ново Брдо во Косово, од каде што по заземањето на Турците се населил во Младо Нагоричане, а подоцна живеел и работел во Жеглиговскиот крај, во манастирот „Св. Богородица”, Матејче, на Скопска Црна Гора.[1]

Во овие две места, во периодот од 1456 до 1479 година, напишал 4 огромни зборници со мешана содржина, сочувани во автограф, напишани калиграфски, главно со ситен полуустав на правилен црковнословенски јазик со ресавски правопис и со уметнички илустрации: минијатури, вињетки, заглавки и иницијали. Само Ⅰ зборник (1455) е напишан во Младо Нагоричино, сите други (Ⅱ од 1469, Ⅲ – 1473, Ⅳ – 1479) во манастирот „Св. Богородица”, Матејче. Зборниците содржат 311 творби од околу 70 византиски и словенски автори, во вкупен обем од 5400 страни и во нив место нашле над 260 литературни дела. Поради тоа некои автори ги сметаат за енциклопедија на средновековната образованост.[1] Тие не се механички препишувани, туку длабоко осмислени со широк антологиски зафат. Секој од зборниците има своја физиономија со посебна тематика.

Тој бил искусен писател, редактор и коментатор. Во своите зборници, покрај преведените книжевни дела од византиската литература, приклучил и оригинални словенски литературни дела, како што е расказот за пренесувањето на моштите на Јован Рилски од Трново во Рилскиот манастир, познат под името „Рилска повест“.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 д-р Стојан Киселиновски и др. (2000). Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. стр. 107. ISBN 9989-624-46-1. Недостасува |author1= (help)