Биполарно растројство

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Биполарното растројство е психијатриска состојба дефинирана како повторувачки епизоди на значително нарушување на расположението. Овие нарушувања може да се случат во еден спектрум кој се движи од ослабувачка депресија до незауздана манија. Поединците кои страдаат од биполарно растројство вообичаено искусуваат флуидни состојби на манија, хипоманија или она што се нарекува мешана состојба поврзана со депресивни епизоди.

Во основа, болеста се состои од две фази кои периодично се менуваат: манија (хиперактивност, восхитеност, радост и осеќање семоќност) и депресија (пасивност, чувство на безволност, безвредност, немоќ, тага и очајување).

Овие клинички состојби се разликуваат од нормалните промени на расположението. Растројството има потподелби: биполар I, биполар II, и циклотомично растројство, при што биполар I и II можат да доведат до рапидна цикличност на расположението во текот на годината.

Исто така нарекувано биполарно афективно растројство до скоро, неговото сегашно име е од понов датум и се однесува на кружењето меѓу "високи" и "ниски" епизоди; и го заменува стариот термин манично-депресивна болест, име кое го дал Емил Крепелин (1856 - 1926) во доцниот деветнаесетти век. Новиот термин е создаден за да биде неутрален, и да се избегне стигмата кај пошироката јавност која доаѓа од спојот на зборовите "манија" и "депресија".

Симптомите најчесто се појавуваат во раната зрелост. Дијагнозата се засновува на искуствата кои ги пренесува лицето, како и на набљудувано однесување. Епизодите на болеста се поврзани со емотивна болка и нарушувања, како и се релативно висок ризик од самоубиство. Студиите покажуваат дека генетиката, раното опкружување, невробиологијата, и психолошките и социјалните процеси се важни фактори кои можат да придонесат за појава или спречување на оваа болест. Тековното психијатриско истражување е фокусирано на улогата на невробиологоијата, но не е пронајдена јасна органска причина за појава на болеста. Биполарното растројство најчесто се лекува со медикаменит и/или терапија или советување. Воглавно, медикаментите се од групата на лекови наречена "стабилизатори на расположението", а особено литиум и натриум валпроат; ова се група на неповрзани медикаменти кои се користат како превентива од понатамошни епизоди на болеста. Антипсихотичните медикаменти, понекогаш наречени невролептици, особено оланзапинот, се користат при лекувањето на маничните епизоди. Користа од користење на антидепресанти во депресивните епизоди не е докрај разјаснета. Во посериозните случаи кога постои ризик кон самиот себе и кон другите, се препорачува и недоброволна хоспитализација; ова се случаи кога постојат силни манични епизоди со опасно однесување или депресивни епизоди со идеи за самоубиство. Задржувањата во болница се поретки и траат помалку одошто во минатото.

Некои истражувања покажуваат значајна корелација помеѓу креативноста и биполарното растројство. Сепак, односот помеѓу растројството и креативноста е сѐ уште многу нејасен.