Банка на Латвија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Банката на Латвија (латвиски: Latvijas Banka) е централна банка на Латвија (Летонија). Таа е членка на Европскиот систем на централни банки, надлежна за монетарната политика и банкарскиот систем на Летонија (Латвија).

Лого на Банката на Латвија

Монетарна политика[уреди | уреди извор]

Во периодот кога Банката на Латвија самостојно ја водела монетарната политика (до влезот во евро-зоната), доминантен монетарен инструмент бил расположливиот депозит со рок на достасување од 7 дена. Овој инструмент бил воведен во март 2010 година, како одговор на потребите на банките, кои биле особено претпазливи при кредитирањето на приватниот сектор и имале преференции за пласирање на вишокот средства кај централната банка. Ваквото однесување на банките следувало по кредитниот бум во периодот 2001-2007 година, кој доведол до прегревање на економијата и надворешна нерамнотежа. На банките им стоел на располагање и стандардниот расположлив депозит преку ноќ, а каматните стапки биле утврдени на ниво од 0,05% и 0,075%, за депозитот преку ноќ и за депозитот на 7 дена.[1]

Расположливиот кредит се одобрувал преку ноќ, а каматната стапка варирала во зависност од тоа колку пати банката ја користела оваа можност во текот на последните 30 дена, и тоа: 7,5% доколку банката го користела овој инструмент до 5 работни дена, 15% за користење од 6 до 10 работни дена, и 30% во случај кога банката го има користено инструментот повеќе од 10 работни дена.[2] Стапката на задолжителната резерва била утврдена на ниво од 5%, со исклучок на примената на 0% за репо-трансакции и 3% за обврски со рок од над 2 години, за обврски кои може да бидат исплатени предвреме со отказен рок од две години и за неотповикливи должнички хартии од вредност. Периодот на исполнување бил од 24-ти во месецот до 23-ти наредниот месец, при што задолжителната резерва се исполнувала на просечна основа. Надоместот на задолжителната резерва бил утврден во висина на каматната стапка на расположливиот депозит преку ноќ.

Официјално мрежно место[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. НБРМ, „Споредбена анализа и предлози за промена кај монетарните инструменти на НБРМ“, Скопје, декември, 2011.
  2. НБРМ, „Споредбена анализа и предлози за промена кај монетарните инструменти на НБРМ“, Скопје, декември, 2011.