Носии од Дебарски Дримкол

Од Википедија — слободната енциклопедија
Зетовска носија од селото Дренок, Дебарски Дримкол, 1920-ти год. (почетокот на XX век)

Носијата во Дебарски Дримкол била носена во седумте села од овој регион. Оваа носија надоврзува на носијата од Голо Брдо со истите облековни елементи, но со разлики во нивното украсување и потемни колористични решенија. [1]

Машката носија[уреди | уреди извор]

Mажите во с. Јабланица и околните села од Дебарски Дримкол носеле бела кошула од домашно или „мерика“ платно и бели платнени гашти кои биле долги до глуждовите. Над кошулата се носело бел платнен фустан со 50 до 80 клинови кој бил долг до под колена и џамадан кој порано бил од црвена чоја „свита“, кој бил заменато со еден од бела (ретко црна) клашна со црни гајтани по рабовите. [2][3]

Над се се опашувало бел волнен појас (широк 15-20cm, долг 3m), а понатаму се појавил и од црна волна. Од горна облека исто така се издвојува кусале (допојасна облека) од црна/кафеава „сура“ клашна со правоаголна јака која можела да се употреби како капа, рокалник со долги ракави и црни гајтани по рабовите кој се носел на кусалето во зимата, а сточарите носеле гуна (безракавна облека) од црна клашна која била долга до под листовите. [2][3]

За време на празници, над се се носела бела клашнена долама со долги ракави внатрешно расцепени од пазувите до лактите, долга до колена, до појасот тесно припиена за телото, а надолу ѕвонесто се ширела со 20-30 клинови и со црни гајтани околу рабовите и ракавите. Доламата била изоставена од почетокот на ХХ-иот век. [2][3]

Женски носии од с. Јабланица, Дебарски Дримкол

На нозете, мажите носеле или шалвари од тенка црна клашна без гајтани или бечви од бела/црна клашна украсени со црни гајтани, волнени пругасти чорапикалчини“ над кои се носеле бели клашнени тозлуци за време на зимата кои биле долги од глуждовите до колената и се закопчувале со копци. Над шалварите/бечвите врзувале дизги од црна и алена (црвена) волна. Исто така носеле опинци од пресна говедска кожа со сукани врвци „опчајници“, а за време на празници носеле или опинци од штавена кожа или „дебарски“ црни чевли. На главата носеле или фес „тунус“ со долги сини/црни свилени реси, или валана црна волнена „дебарска“ капа, или новопојавената (во регионот) шубара од јагнешка кожа. [2][3]

Маж во носија од с. Јабланица, Дебарски Дримкол

Женската носија[уреди | уреди извор]

Облеките што ја сочинуваат невестинската носија, наречени срамачки се најмногу украсени и најдекоративни, што е посебно забележливо на ракавите од невестинската кошула, означени како тноки рокаи - за денот на свадбата, оние наменети за понеделникот по свадбата - дотноки рокаи, како и декоративна мала невестинска скутина бофча, со долги волнени рески. [1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 150. ISBN 9989-649-25-1.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 60 до 61. ISBN 9989-48-009-5.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Филиповиќ, Миленко (1939). Дебарски Дримкол. Скопје: Штампарија „Јужна Србија“. стр. 70 до 75.