Носии од Бојмија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мажи и жени во носии од село Градец, Валандовско Поле

Народните носии од Бојмија се носии на селата по течението на реката Вардар, околу градот Гевгелија и понатаму во Егејска Македонија преку денешната граница со Грција. [1] (на исток граничи со кукушко, на запад со воденско и мегленско, и на југ граничи со Вардаријата и Урумлак преку поранешното ениџевардадско езеро  ; но туга се смомнуваат тие од гевгелиско-валандовската околија во северниот дел на Бојмија).

Машка носија[уреди | уреди извор]

Посебно е интересна обредната машка носија наречена русалиска. Русалии се мажи облечени во специјална народна носија кои изведуваат обредни игри со магиска содржина, и тоа само во деновите од 6 до 15 јануари, наречени од народот „Некрстени денови“. Оваа носија со обредна намена се состои од платнена кошула и фустан - бело платнено, многу набрано здолниште, кое се носи преку белите клашнени ногавици - ѕиври на горниот дел на телото се носи елек од пругасто - шарена волнена ткаенина, врз кој се носат украсни додатоци и декоративно орнаментирани крпи. Волнени црвени чорапи, со многу вплетени геометриски мотиви и опинци го оформуваат обувањето на нозете. Оваа декоративна носија е дополнета со дрвена сабја - алачка што играорецот русалија ја држи во рака, а при изведувањето на обредната игра замавнува со неа, со цел да ги растера и уништи лошите демони. [1]

Женска носија[уреди | уреди извор]

Машка носија од пределот Бојмија
Женска носија од пределот Бојмија
Машка и женска носија од пределот Бојмија

Кај женската празнична и невестинска носија од овој предел се забележливи: антерија од пругасто шарена домашна ткаенина, ткаен појас и еднодиплена декоративно орнаментирана скутина наречена дипла. Додатните украсни крпи, како и специјалната капа украсена со природни и вештачки цвеќиња, многу накит, монистрен и метален, како и други украси, на оваа носија и придаваат посебен специфичен белег.

Анализата на одделните облеки од составот на празничната женска и обредната машка носија укажува на зачувани далечни траги од старобалканската и старословенската културна традиција, со примеси на елементи од византискиот и ориенталниот начин на украсување. [1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Томовски, Крум (1996). Етнолгогија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 154. ISBN 9989-649-25-1.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]