Народни носии од Струшки Дримкол

Од Википедија — слободната енциклопедија
Преден поглед на празничната носија од Струшки Дримкол

Јужниот дел на пределот Дримкол, означен како Струшки Дримкол, сосема се разликупа по етничките особини на населението од неговиот северен дел — Дебарски Дримкол, а како највпечатлива е разликата во народната носија. [1]

Од десната страна по течението на Дрим, паралелно со претходниот предел, е расположено Струшко Поле. Во времето на турското владеење овие два предела административно припаѓале на Струшката нахија - во рамките на Охридската каза. [2]

Заден поглед на празничната носија

Машката носија[уреди | уреди извор]

Мажите во струшкиот крај носеле бела волнена фанела, над која се носела бела платнена кошула (од коноп или памук) со широки отворени ракави и со вез на градите и на ракавите, која била вовлечена во белите клашнени бечви кои биле украсени со црни гајтани по џеповите и на ногавиците (бечвите биле црни за постарите лица). Над кошулата се носело или џамадан од црвена чоја (со ракави) или бел/црн клашнен тн. „шутџамадан (допојасна облека) кој исто така бил украсен со црни гајтани по рабовите, и бел платнен фустан кој имал ≈50 клинови. Во зимско време, над сите облеки се носело црно или сино клашнено гунче со ракави кои биле долги до лактите, и со правоаголна јака која може да формира ќулавка, а гуната била зимска сточарска облека.

За време на празници се носело бела клашнена долама со долги ракави, која од половината надолу била „дулчена“ со многу „дулци“ (клинови), а долама без дулци била носена од постарите мажи. Околу неа се опашувал црвен или бел волнен појас кој бил долг 3-4 метри и широк 15-20 см. На нозете се носеле „алени“ црвени волнени чорапи кои биле богато орнаментирани, а после балканските војни се замениле со еднобојни (најчесто црни) чорапи. Над чорапите се носеле опинци од свинска или телешка кожа. Исто така носеле клашнени тозлуци (вид подколеници) стегнати со дизги – бели-хоризонтално шарени тесни ленти. До почетокот на ХХ век, на главата носеле фес со пискул, а потоа истиот се заменил со плитка округла црна капа. [2]

Женската носија[уреди | уреди извор]

Актерката Адриана Будевска-Ганчева облечена во невестинска носија со еднодиплен скутник

Жените во околините села на струга носеле бела платнена кошула, која порано се везувала традиционално, но потоа се појавуваат мотиви од списанија и аплицирани парчиња од индустриски ткаенини.

Над градниот дел од кошулата се носело платнена правоаголна грлинка, порано од домашно, а потоа од индустриско платно украсено со ширити. Под ракавите на кошулата се носеле поманики (догли од китката на раката до лактите, од волна или индустриско-платно со ширити).

Над кошулата се носело елек (допојасна облека) со кадифени ракави и предници украсени со срмен вез, кој бил носен до втората светска војна. Исто така носеле бел клашнен „клашеник“, долг до колената и украсен со црвени гајтани, или з’бун од куповен индустриски материјал со дискретни пруги на сино плава основа, долг до колената и кој бил ѕвонесто проширен од половината надолу.

Жени од с. Калишта со дводиплен скутник во 1909 год.

Над клашеникот и з’бунот се опашувало црн појас во вид на гајтан, а тесна богато-орнаментирана препашка која се опашувала околу појасот. Над двете се носело или црвено клашнено невестинко џубе, или бело клашнено џубе со бели и црвени гајтани.

Исто така жените носеле еднодиплен пругаст скутник на алена основа со рески на долниот дел (најстар вид), дводиплен скутник со прави шарки и украсен со „пуфки“ во долниот дел, или скутина од бел памучен конец со птичји/цветни форми. Девојките имале квадратен панѕур од свита чоја (12х12cm) закачен на долниот дел од плетенката „прцагот“.

Невестите ги покривале главите со сокај, носено на денот на венчањето со ќулавка на горниот дел, а бил богато извезен на вратниот дел и со реси на долниот дел. Составен дел на сокајот бил гајтан од парче црвена клашна со црни реси кој бил закачен за вратниот дел од клашеникот/џубето со помош на 2 цврсти јадици. Невестите исто така ја покривале главата со марама од црвени копринени/памучни конци.

На нозете жените носеле волнени чорапи орнаментирани на алена основа, а биле заменати со едни орнаментирани на шекерлија основа. Над нив носеле опинци од говедска/свинска кожа, а невестите носеле кондури „роганлии. [2]

Мажи и дете во носии од село Лабуништа, Струшки Дримкол (1897, крај на XIX век)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 150. ISBN 9989-649-25-1.
  2. 2,0 2,1 2,2 Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 88 до 93. ISBN 9989-48-009-5.

Литература[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]