Прејди на содржината

Народни носии од Малесија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Селани во носии од с. Буринец, Малесија (1938)

Народните носии од Малесија биле носени во околијата на истоимениот предел, во кој се вклучени селата Присовјани, Збажди, Локов, Р'жаново, Селци и Буринец.

Женската носија[уреди | уреди извор]

Во шестте села од планинскиот предел Малесија, женската носија обилува со бројни облеки, украсени на поинаков начин од соседните предели. Облеките од невестинската носија наречени големи, како и тие за првиот ден по свадбата кога невестата првпат оди на вода, означени како помали, се најукрасените и најдекоративните - кошула голема - срамачка, везена на ракавите, елек - антерија, украсен со седефки, клашеник со срмени украси и џубе со гајтани. Сите овие облеки поврзани во една целина ја оформуваат носијата од пределот Малесија со посебни етнички одлики и естетски белези. [1]

Ламбе Марков и неговиот брат од с. Р'жаново, Малесија (1912)

Особено за одбележување е облеката бело џубе, каде што доминира белата боја, како во клашнениот материјал од кој е направена, така и во гајтаните со кои е украсена. Оваа белина на облеката џубе има намена на траурен белег, а во носијата на изолираниот планински предел Малесија се јавува како остаток од зачувана трага на старословенскиот обичај, кога жалоста се одбележувала со носење на облека во бела боја. [1]

Машката носија[уреди | уреди извор]

Носијата на мажите од овој предел се состој од бела кошула од домашно платно со корилче, кое било со мал вез за зетовите. Околу половината се опашувал волнен појас (по боја „ален“). Над кошулата носеле ќепе „арнаутско“ од црна клашна (допојасна горна облека), или пак клашнен џамадан; а над сите облеки носеле бела клашена долама украсена со црни „гајтанци“, со долги ракави и долга до под колената.[2][3]

На главата се носело или плиток црвен фес со долга сина киска или плитка црна капа. На нозете носеле бели клашнени бечви украсени со црни гајтани „гајтанци“ за младите, а црни бечви за постарите лица. Исто така носеле волнени чорапи и опинци/објала. Сточарите носеле гуна над сите нивни облеки за заштита од непогодно време. [2][3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 151. ISBN 9989-649-25-1.
  2. 2,0 2,1 Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 94. ISBN 9989-48-009-5.
  3. 3,0 3,1 Локов : легенди, преданија, вистини. Локов (Малесија): Месна заедноца с. Локов. 2004. стр. 162. ISBN 9989-57-285-2.