IP-насочување

Од Википедија — слободната енциклопедија

IP пакетите од даден извор (домаќин, насочувач) треба да пристигнат до дадено одредиште (домаќин, насочувач). Адресите на изворот и одредиштето се поставени во заглавието на секој IP пакет т.е. датаграм. Поставувањето и анализата на IP-адресите го врши Интернет протоколот. Датаграмот на својот пат од изворот до одредиштето може да помине повеќе мрежни јазли т.н насочувачи кои имаат во себе имплементирано IP протокол доколку изворниот и дестинациониот јазел се наоѓаат во различни IP мрежи, што по досега кажаното за IP-адресирањето, значи дека двата домаќина имаат различни мрежни делови на IP-адресите. Доколку мрежниот дел на IP-адресата придружена на посредникот преку кој се испраќа пакетот (т.е. на изворната IP-адреса) и мрежниот дел на IP-адресата придружена на посредникот кон кој се испраќа пакетот (т.е. на дестинационата IP-адреса) се исти, во тој случај IP пакетот (датаграмот) директно се упатува кон одредиштето без притоа да помине ниту еден насочувач (бидејќи двата домаќина се во иста мрежа).

Генерално, насочувањето може да се подели во две форми (т.е. на две нивоа):

  • На податочно ниво (ниво 2 — layer 2): насочување на датаграми меѓу две машини во една мрежа (форма direct delivery)

Во овој случај не се користи насочувач, туку IP пакетот (датаграмот) се сместува т.е. енкапсулира во рамка на физичката мрежа (пример: Етернет рамка), при што се мапира IP-адресата во соодветната физичка адреса на мрежниот хардвер на машината.
Како знае испраќачот каде е дестинационата машина? Сите машини на една физичка мрежа имаат ист мрежен дел во IP-адресите, а различен дел за домаќинот.

  • На мрежно ниво (ниво 3 — layer 3): се овозможува насочување меѓу различните пакетски мрежи на принципот баферирај и проследи (store and forward): принцип во Интернет (форма indirect delivery).

Насочувачите во Интернет се меѓусебе поврзани, така што датаграмите патуваат од насочувач до насочувач сè додека не стигнат до одредиштето (или додека TTL > 0).