Црници

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Moraceae
Период: креда - денес
Плод и листови на бела дудинка (Morus alba)
Научна класификација
Царство: Растенија
Колено: Скриеносеменици
Класа: Дикотиледони
Ред: Розовидни
Фамилија: Црници
(Dumort., 1829) Gaudich., in Trinius, 1835, nom. cons.
Родови

во текстот

Црниците или смокви (науч. Moraceae) се фамилија на цветни растенија која состои од 53 родови и околу 1500 видови нашироко распространети во тропските и суптропските региони, а помалку во умерените. Тука припаѓаат некои добро познати растенија, како црницата, белата дудинка, смоквата и украсното собно растение еластичен фикус.

Претставниците од Moraceae се еднодомни или дводомни дрвја, грмушки, лијани или поретко тревести растенија од кои речиси сите поседуваат млечен сок во своите стебла.

Морфологија[уреди]

Листовите се прости и последователни (поретко наспрамни). Прилисниците се мали и странично распоредени, а понекогаш може да образуваат капа околу пупките, со што оставаат цилиндрична лузна.

Плодови на обичната смоква (Ficus carica).

Цветовите се еднополови и ситни и најчесто се густо распоредени на растението. Овие густи збирови на цветови обично заземаат форма на реса. Речиси секогаш околуцветникот се состои од 4 до 5 недиференцирани венечни ливчиња, меѓутоа, понекогаш и помалку, а кај некои видови околуцветникот отсуствува. Еден типичен машки цвет е составен од четири прашници, при што секој прашник е спротивен на секое венечно ливче. Женските цветови имаат плодник изграден од два плодни листови, најчесто со две устенца, иако едното од нив понекогаш може да е потиснато. Плодникот е натцветен или потцветен и се состои од еден семенов зачеток сместен во една локула. Плодовите се од типот на костелка и ахенија, при што често се агрегирани во повеќеделен плод.

Систематика[уреди]

Порано оваа фамилија била класифицирана во веќе непостоечкиот ред Urticales. Скорешните генетски испитувања ја сместуваат оваа фамилија во редот Rosales, кој, пак, е сместен во разгранок (клад) на т.н. уртикалски розиди, во кој се вклучени и фамилиите Ulmaceae, Celtidaceae, Cannabaceae и Urticaceae. Cecropia, вид кој порано бил класифициран во Moraceae, денес е дел од Urticaceae (фамилија на копривата).[1]

Оваа фамилија вклучува 5 племиња: Artocarpeae, Moreae, Dorstenieae, Ficeae и Castilleae. Со исклучок на Moreae, кое е големо и морфолошки разновидно племе со широко географско распространување, другите племиња се монофилетски [2]. Според молекуларните анализи, се покажало дека, спротивно на мислењето дека дводомноста еволуирала од еднодомноста, токму дводомноста е попримитивна кај Moraceae, додека еднодомноста еволуирала во оваа фамилија и до четири пати. [3]

Ficus elastica, еластичен фикус, листови и соцветие.
Листа на родови од Moraceae

Наводи[уреди]

  1. Sytsma et al. (2002)
  2. Zerega et al. (2005), Datwyler and Weiblen (2004)
  3. Datwyler and Weiblen (2004)