Триптих

Од Википедија — слободната енциклопедија
Триптих на Бернард Дади (1933) во музејот Бигало во Фиренца
Триптих на германскиот сликар Ханс Мемлинг.

Триптих (грчки: τρίπτυχος трислоен, трикратен) – три уметнички дела што припаѓаат заедно.[1] Во ликовната уметност претставува триделна слика во која на три плочи или платна се изведени три самостојни композиции или фигури кои се тематски или идејно поврзани.

Триптихот како олтарна слика се состои од поголем среден дел и две потесни крила, обично расклопливи. Средната плоча, а понекогаш и крилата, може да бидат и релјефни. Крилата од надворешните страни редовно биле насликани. Рамките биле често богато резбарени. Помалите триптиси од слонова коска, служат како преносливи олтарчиња, составени од три плочки поврзани со шарки и може да се отвораат и затвораат.

Изразот триптих означува и дело од другите уметнички гранки (книжевност, музика) во кои посредно или непосредно се присутни битни делови на триптихот (на пр. оперскиот Триптих (Trittico) од Џакомо Пучини.

Триптихот во Македонија[уреди | уреди извор]

Во Македонија триптихот го има и значењето на најмал иконостас од три сврзани икони што се чува во домот на македонско православно семејство (особено во Галичко, Гостиварско, Тетовско, Дебарско, Кичевско и Битолско), пред кој се пали кандило и свеќа на големите празници и на значајни денови и настани за семејството, а свештеникот пред нив ги извршува свештенодејствијата.[2]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „триптих“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 1511. ISBN 978-608-203-024-1.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]