Стар театар (Битола)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Стариот театар за време на Илинденските денови во1972 година

Стар театарзграда во Битола изградена од 1897 до 1905 година, а срушена во 1980 година која служела како театар.[1]

Изградба[уреди | уреди извор]

Зградата на Стариот театар била започната со градба во 1897 година, кога валија во Битола бил Абдул Керим–паша кој дошол во Битола во 1895 година. Во негово време биле преземени неколку клучни зафати, меѓу кои било решено да се изгради голема зграда во која требало да биде сместена тутунската режија и ѓумрукот за вино. Приходот кој би се добивал од овој објект би бил наменет за градската болница „Гураба Хаста Хане“ (Болница за сиромашни) изградена две години претходно.[1] На местото каде требало да се изгради објектот се наоѓале турски гробишта, па на изградбата се противело турското население. Со наредба на валијата, во текот на една ноќ турската полиција ги довела сите затвореници со задача до утрото местото да биде рамно како „тепсија”.[1] Во 1905 година завршила изградбата и објектот бил наменет да служи како театар и за други настани и манифестации.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

1905-1912[уреди | уреди извор]

Од 1905 година во театарот се одржувале претстави кои се разликувале од денешниот поим на театарски претстави и биле под силно влијание на театарот кабуки. Биле прикажувани едночинки со малку текст, но повеќе мимика, ритам и движење.

Првиот професионален театарски ансамбл во објектот работел од 1910 до 1912[1] или 1915 година[2], кога зградата била уништена во пожар.

1926-1944[уреди | уреди извор]

Театарот кој работел во Битола имал потреба од наменски објект, па се покренала идеја за негова изградба. Бил формиран Иницијативен одбор на чело со претседателот на градот Драгиќ Пауновиќ кој подоцна бил заменет од Буда Будисављевиќ, и првата седница била одржана на 20 мај 1924 година. Планот го изработил младиот архитект Ванѓел Самарџиќ, подоцнежен претседател на Битолската општина, станал и надзорен орган и го подигнал театарот. Средствата за обнова ги обезбедиле Битолската општина, упрарвата на Битолската самоуправна област, Министерството за просвета, но донирале и обични граѓани. Кралскиот пар ја донирал завесата насликана од Милош Васиќ, сликар декоратер во Народниот театар во Белград.[2]

Така, на местото на стариот изгорен објект во 1926 година била функционална нова театарска зграда во која до 1929 година функционирал театарот како дел на Скопскиот театар, по што целосно згаснал.

За време на Втората светска војна во зградата активно работел бугарскиот театар, прво како полупрофесионален, а од 1943 година како професионален.[1]

1944-1980[уреди | уреди извор]

Членовите на Народниот театар - Битола во 1944 година

На 14.11.1944 година во зградата на новоформираниот Народен театар – Битола ја прикажал првата театарска претстава на македонски јазик по ослободувањето. Објектот бил реновиран во 1946 година и била доградена фасадата на објектот. Стариот театар бил срушен во 1980 година, по изградбата на Домот на културата во кој денес се сместени Центарот за култура и Народниот театар – Битола.[1]

Опис[уреди | уреди извор]

Театарот се состоел од приземје и два ката. Теоретичарите често го сместуваат во стилот на академизмот. По својата едноставност и избегнато натрупување, тој е еден од првите модернистички општествени објекти кои биле изградени на територијата на Република Македонија.

Ентериерот на гледалиштето на големата сцена било организирано во партер, ложи и балкони. Естетиката пак била прочистена од тешки декоративни елементи, во изразена белина, црвено кадифе и темна столарија.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 „Стариот театар во Битола“. Bitola.info. 23 јануари 2019. Посетено на 01 септември 2021. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  2. 2,0 2,1 Стерјовски, Александар (2020). Градби Битола. Битола: Конзулат на Република Србија во Република Македонија. стр. 316–321. ISBN 978-608-65122-8-6. |access-date= бара |url= (help)
  3. Конески, Филип (16.11.2017). „Стариот народен театар во Битола“. МАРХ. Посетено на 1 септември 2021. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]