Сложувалка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Сложувалка е загатка со сложување во која е потребно да се состават голем број мали парчиња кои често имаат необична плочеста форма и се поклопуваат едни со други. Секое парче на себе има мал дел од слика. Кога сложувалката ќе се состави прикажува целосна слика. На пазарот се појавија и понапредни видови сложувалки, како што се сферичните сложувалки и оние кои прикажуваат оптички илузии.

Сложувалката на почетокот се правела со сликање на некоја слика на рамно, четвртесто парче дрво, кое потоа се сечело на мали парчиња со помош на пиличка за резбарење (на англиски „jigsaw“, од каде и потекнува нејзиното англиско име – „jigsaw puzzle“). Лондонскиот картограф и резбар, Џон Спилсбери, е заслужен за комерцијализацијата на сложувалките околу 1760 година. Од тогаш сложувалките се прават главно на картон.

Типични слики кои ги прикажуваат сложувалките се оние со сцени од природата, згради и повторувачки дезени. Чести теми се и замоците и планините. Сепак, за да се направи сложувалка може да се употреби каква било слика, а некои компании за тоа ги нудат своите лични фотографии. Завршените сложувалки исто така можат да се залепат на потпора и да се користат како уметничко дело.

Во текот на последните години станаа достапни голем број на додатоци за сложувалки, како што се табли, кутии, рамки и подлоги што можат да се свиткаат. Тие се создадени за да им помогнат на ентузијастите во решавањетo сложувалки.

Изработка[уреди]

Составена сложувалка на историска мапа од 1639 година

Најголемиот дел од модерните сложувалки се направени од картон поради тоа што тие се полесни и поевтини за масовно производство отколку дрвените модели. На картонот, пред тој да се исече, се лепи зголемена фотографија, репродукција на слика или некое друго дводимензионално уметничко дело. Потоа картонот се става во преса. Од пресата низ картонот се прободуваат сечила обложени со челик со посакувана форма, сè додека картонот целосно не се исечи. Оваа процедура е слична на онаа за правење на колачиња со форми, со помош на калап за колачиња. Но силата која тука се користи е многу поголема. За сечилата на калапот да навлезат во картон од типична сложувалка од 100 парчиња, потребна е преса што може да произведи сила од 700 тони. Калапот за сложувалки е рамна површина, често направена од шперплоча на која се исечени или жигосани отвори со иста форма како и сечилата кои се користат. Овие сечила се прикачуваат на отворите и се прикриени со материјал за истиснување, обично пенест каучук, кој ги истиснува исечените парчиња од сложувалката.

На почетокот на 1930тите години, сложувалките се сечеа со големи хидраулични преси кои сега чинат стотици илјади американски долари. Парчињата беа добро исечени и убаво се поклопуваа едни со други, но поради високата цена, само големите компании беа во можност да произведуваат сложувалки. Поновиот дизајн на преси со валјаци го постигнува истиот ефект за помала цена. До 1960тите години, најголемиот произведувач на сложувалки бил Тауер Прес (Tower Press), купен од Вадингтонс (Waddingtons) во 1969 година.

Составувањe сложувалка

Новата технологија овозможува дрвени или акрилни сложувалки да се исечат по ласерски пат. Предностите на сечењето со ласер е тоа што сложувалките можат да се исечат по желба во која било форма и големина, со колку било парчиња во различна големина. Многу музеи имаат акрилни ласерски исечени сложувалки од некои од нивните најважни уметнички дела, со цел децата кои го посетуваат музејот да можат да го видат оригиналното дело и потоа да ја состават сложувалката, која е во иста форма како и уметничкото дело. Акрилните сложувалки се користат затоа што парчињата се многу истрајни, водоотпорни и можат да се употребуваат често, без сликата да избледни или парчињата да се излитат и оштетат. Исто така, поради тоа што сликата и шаблонот за сечење на парчињата се прават со компјутер, парчињата можат да се направат без одново да се произведи целата сложувалка.

Варијанти[уреди]

Софтвер за сложувалки кој овозможува парчињата да се ротираат.
Тродимензионална сложувалка составена од повеќе дводимензионални сложувалки поставени една врз друга.
Сложувалка без слика

Сложувалките обично имаат големини од 300, 500, 750 и 1000 парчиња. Најголемата комерцијална сложувалка има 32 256 парчиња и димензии од 544цм и 192цм. Најчестиот распоред за сложувалките со 1000 парчиња е 38 парчиња на 27 парчиња, со вкупно 1 026 парчиња. Повеќето од сложувалките со 500 парчиња имаат распоред од 27 парчиња на 19 парчиња. Детските сложувалки се произведуваат во најразлични големини, според бројот на парчиња. Некои сложувалки се двострани и можат да се решаваат на која било страна. Ова ја отежнува работата, затоа што не може да се знае со сигурност дали парчето е свртено и споено со другите парчиња на точната страна.

Исто така, постојат семејни сложувалки, кои имаат 400 парчиња со три различни големини, големи, средни и мали. Парчињата се поставени од големи кон мали, движејќи се во една насока, или кон центарот на сложувалката. Ова им овозможува на едно семејство, или на играчи со различно ниво на вештина, да ја составуваат сложувалката истовремено. Овој посебен вид сложувалки го произведуваат компаниите како Спрингбок (Springbok), Кобл Хил (Cobble Hill), Рaвенсбугер (Ravensburger) и Санс Аут (Suns Out).

Исто така постојат тродимензионални сложувалки. Многу од овие се направени од дрво или стиропор, и треба да се решат по некој редослед. Некои парчиња не можат да се состават ако другите се веќе на место. Исто така чести се и кутиите-сложувалки. Тие се едноставни тродимензионални сложувалки, со мала фиока или кутија на средината за чување предмети.

Друг вид сложувалка, која се смета за тродимензионална се топките-сложувалки. Како и дводимензионалните служувалки, топките често се направени од пластика и составените парчиња формираат еден слој, но крајната форма е тродимензионална фигура. Повеќето од топките-сложувалки имаат форми кои претставуваат некои сферни фигури како Земјата и Месечината, и историски глобуси.

Постојат исто така компјутерски верзии на сложувалки. Предноста е во тоа што не постои ризик од губење на парчињата и исто така не е потребно да се расчитуваат. Многу од компјутерските сложувалки не овозможуваат ротирање на парчињата, па така сите парчиња се точно насочени. Така, овие сложувалки се значително полесни од обичните сложувалки со ист број парчиња.

Парчиња[уреди]

Необично парче во дрвена сложувалка
Трoдимензионална сложувалка

Многу сложувалки се сметаат како „потполно влкопувачки“. Ова значи дека соседните парчиња се поврзуваат на таков начин што ако се помести хоризонтално едно парче, се поместуваат сите, и тие остануваат споени. Понекогаш нивната врска е доволно цврста за да може да се крене еден составен дел, држејќи само едно парче.

Парчињата на некои од сложувалките кои целосно се вклопуваат имаат слична форма, со заоблени јазичиња на спротивните краеви. Страните кои се допираат до нив имаат соодветно исечени празнини во кои влегуваат јазичињата од соседните парчиња. Други сложувалки кои целосно се вклопуваат можат да имаат јазичиња и празнини кои се различно распоредени на секое парче, но тие обично имаат четири страни, па така бројот на јазичиња и празнини може да достигне до четири. Сложувалките кои целосно се вклопуваат и чии парчиња имаат исти форми, често наречени „Јапонски стил“, се најтешки, затоа што разликата во формата на парчињата може да биде многу мала.

Некои сложувалки исто така имаат парчиња со страни кои не се вклопуваат и кои се лесно закривени во сложени криви линии. Овие сложувалки се всушност најлесни за решавање затоа што има малку парчиња кои можат да се спојат со едно исто парче.

Повеќето од сложувалките се во форма на квадрат, правоаголник или круг. Тие имаат рабни парчиња, со една рамна или нежно заоблена страна, кои ја даваат формата на сложувалката, и четири парчиња за ќошовите, доколку сложувалката има форма на квадрат или правоаголник. Некои сложувалки имаат рабни парчиња кои се сечени како и останатите парчиња, без рамни краеви, за да бидат попредизвикувачки. Други сложувалки се така направени, за формата на целата сложувалка да дава некоја фигура, како на пример некое животно. Рабните парчиња, во овој случај, можат да варираат во својата форма во поголема мера.

Потенцијална превенција на Алцхајмеровата болест[уреди]

Според Друштвото за Алцхајмерова болест во Канада, решавањето сложувалки е еден од многуте активности кои можат да помогнат да се одржи мозокот активен и кои можат да придонесат во намалувањето на ризикот од Алцхајмерова болест.

Светски рекорди[уреди]

Најголемата комерцијално достапна сложувалка во светот беше произведена од германската компанија Равенсбургер (Ravensburger) во септември 2010 година. Таа прикажува 32 дела на американскиот уметник Кит Харинг, содржи 32 356 парчиња и кога ќе се состави има димензии од 544цм и 192цм. Сложувалката со најголеми димензии достигнува површина од 5 428,8 м2 (58, 435 квадратни стапки) и има 21 600 парчиња. Секое парче има димензии од 50цм и 50цм, максимална големина која е забележана во Гинисовата книга на рекорди. Сложувалката ја составија 777 души, на 3 ноември 2002 , на поранешниот аеродром Каи Так во Хонг Конг.