Садомазохизам

Од Википедија — слободната енциклопедија

Садомазохизам претставува давање или примање задоволство предизвикано од дејствија коишто вклучуваат предизвикување или прифаќање болка или омаловажување.[1] Садомазохизмот може да се однесува на сексуално задоволство (оргазам), но овој израз има и пошироко значење. Притоа, лицето кое чувствува задоволство во предизвикувањето болка се нарекува садист, додека лицето кое бара задоволство во прифаќањето на болката или понижувањето се нарекува мазохист, но во праксата често се случува исто лице да биде и садист и мазохист, односно садомазохист.[2] Вообичаено, садомазохизмот не се смета за облик на клиничка парафилија, освен ако таквото однесување води до сериозни клинички нарушувања или до некоја клиничка дијагноза.[3]

Потчинет маж со крвав грб како последица на тепање од страна на доминантна жена

Психолошка анализа на садомазохизмот[уреди | уреди извор]

Жена врзана на крстот на св. Андреа со траги на телото како последица на камшикување за време на Саемот на улицата Фолсом.

Најчестиот облик во кој се среќаваат мазохистичките нагони е чувството на немоќ, инфериорност и лична безначајност. Анализата на таквите лица покажува дека некоја внатрешна сила несвесно ги предизвикува чувствата на немоќ, иако се свесни за таквата состојба и сакаат да ја надминат. Притоа, мазохизмот не е само последица на некои вистински слабости и недостатоци, туку таквите лица самите себе се омаловажуваат и настојуваат да се направат слаби. Оттука, тие не сакаат да се потврдат како личности, туку да се потчинат на стварните или наводните наредби на некои надворешни сили. Често, тие се целосно неспособни да го доживеат чувството „јас сакам“ или „јас сум“. Мазохизмот се јавува во два основни облика: мазохистичка перверзија и мазохистички карактер (морален мазохизам), но тие се меѓусебно поврзани. Фројд првобитно сметал дека садомазохизмот е сексуална појава и претпоставувал дека тој претставува „делумен нагон“ кој редовно се појавува во текот на сексуалниот развој на детето. Притоа, тој верувал дека садомазохизмот кај возрасните луѓе се должи на запирањето на психосексуалниот развој на некое ниско ниво, или на подоцнежното навраќање кон него. Дури подоцна, Фројд започнал да им придава поголемо значење на факторите кои водат кон моралниот мазохизам, т.е. стремежот кон ментално, а не физичко страдање. Исто така, тој истакнал дека садистичките и мазохистичките нагони секогаш се појавуваат заедно, но го изменил своето теоретско објаснување на мазохизмот. Претпоставувајќи дека постои биолошки стремеж за уништување, тој сметал дека мазохизмот е производ на „нагонот за смрт“ кој се спојува со сексуалниот инстинкт и така се манифестира или како мазохизам, ако човекот го насочи против себе, или како садизам, ако е насочен кон другите. Уште повеќе, Фројд сметал дека токму ова мешање на двата нагона го чува поединецот од разорното дејство на нагонот за смрт. Според Вилхелм Рајх, мазохистот бара задоволство при што болката што си ја нанесува е само средство, а не цел за себе. Карен Хорни, пак, прва ја истакнала улогата на мазохистичките стремежи во невротичната личност, прва дала целосен опис на мазохистичките карактерни особини и ги објаснила како последица на целокупната карактерна структура. Имено, наместо да ги бара корените во сексуалната перверзија, таа смета дека мазохизмот е сексуален израз на психичките стремежи кои се наоѓаат во одреден посебен вид на карактерна структура.[4]

Според Ерих Фром, коренот на садомазохистичките стремежи лежи во чувството на осаменост и беспомошност. Ова чувство понекогаш не е свесно, туку се компензира со чувствата на возвишеност и совршенство. Поединецот кој е соочен со својот страв од непријателскиот свет настојува своето лично јас да го врзе за некој друг или за нешто друго, а сето тоа како начин повторно да ја стекне личната безбедност. Оттука, сите мазохистички облици имаат една цел — поединецот да се ослободи од товарот на личното јас. Другата страна на мазохистичките стремежи е обидот на поединецот да стане дел од некоја посилна целина (институција, бог, нација, итн.). Фром предлага целта кон која се стреми садомазохистичкиот карактер да се нарече „симбиоза“, а овој поим означува соединување на еден поединец со друг со кое двете страни го губат личниот интегритет и целосно зависат од другата страна. Понатаму, Фром тврди дека садомазохистичките личности не мора нужно да бидат невротични, па затоа, наместо изразот садомазохистички карактер, тој го претпочита изразот „авторитарен карактер“.[5]

Садистичките стремежи редовно се присутни заедно со мазохистичките. Во основа, постојат три садистички стремежи: другите луѓе да се направат зависни и врз нив да се воспостави апсолутна власт, другите луѓе да се искористуваат во материјална и нематеријална смисла, и кај другите луѓе да се предизвикува страдање (физичко или ментално) или да се набљудува како тие страдаат. Притоа, садистичките стремежи обично се рационализирани и помалку свесни од мазохистичките, а често се прикриени со реакциски формации на претерана загриженост за другите. Едни од најчестите рационализации на садизмот се: „Јас знам што е најдобро за тебе“, „за тебе сум направил толку многу, што со право очекувам послушност од тебе“, додека агресивниот садизам најчесто се рационализира на следниве два начина: „Луѓето многу ме повредиле и имам право да им се одмаздам“ и „Ако нападнам прв, се штитам себеси“. Многу важен фактор во садистичкиот однос е зависноста на садистот од предметот на измачување. На садистот му е потребна личност со која ќе господари, а оваа зависност често е несвесна. Желбата на другите луѓе да им се зададе болка не е толку важна кај садизмот, туку неговата суштина е импулсот да се стекне потполна власт над другата личност и од неа да се направи беспомошен предмет на нашата волја. Во тој поглед, желбата за моќ е најизразениот облик на садизмот, иако другите негови облици, како што е желбата за повредување на другите, не се поврзани со желбата за моќ.[6]

Според Фројд, садомазохизмот претставува пример на една посебна судбина на сексуалниот нагон — претворање во спротивното. Притоа, претворањето се однеусва само на целите на сексуалниот нагон, т.е. активната цел (да се повреди) се заменува со пасивната цел (да се биде повреден). Исто така, во мазохизмот се огледа и другата судбина на сексуалниот нагон — враќањето во себе, зашто мазохизмот е само еден вид садизам свртен кон сопственото его; во овој случај, целта останува иста, а само е применет предметот на сексуалниот нагон. Проучувањето на садомазохизмот е усложнето од тоа што, покрај општата цел (да понижи и да доминира), сексуалниот нагон е насочен и кон посебна цел (да нанесе болка). Меѓутоа, психоанализата покажува предизвикувањето болка не е дел од првобитната цел на сексуалниот нагон. Имено, садистичкото дете воопшто не обраќа внимание на поднесувањето болка, ниту има таква намера. Дури подоцна, со спојувањето на садизмот со мазохизмот, болката ја зема улогата на пасивна цел, зашто дури и болката може да предизвика состојба на задоволство. Дури откако болката станува мазохистичка цел, тоа може ретроактивно да предизвика садистичка желба да се предизвика болка кај другите, зашто и оваа болка се јавува како мазохистичко уживање во идентификацијата со предметот на страдање.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Murray, Thomas Edward; Murrell, Thomas R. (1989). The Language of Sadomasochism: A Glossary and Linguistic Analysis. Westport, CT: Greenwood Publishing Group. стр. 7–8. ISBN 978-0-313-26481-8.
  2. Aron, Lewis; Starr, Karen (2013). A Psychotherapy for the People: Toward a Progressive Psychoanalysis. New York: Routledge. стр. 39. ISBN 9780415529983.
  3. Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders (PDF) (4. изд.). Washington D.C.: American Psychiatric Association. 1994. стр. 525. Архивирано од изворникот (PDF) на 16 January 2011. Проверете ги датумските вредности во: |archive-date= (help)
  4. Erih From, Bekstvo od slobode. Beograd: Nolit, 1983, стр. 131-138.
  5. Erih From, Bekstvo od slobode. Beograd: Nolit, 1983, стр. 139-148.
  6. Erih From, Bekstvo od slobode. Beograd: Nolit, 1983, стр. 133-147.
  7. Sigmund Freud. The Unconscious. London: Penguin Books, 2005, стр. 21-22.