Румена Војвода

Од Википедија — слободната енциклопедија
Румена Војвода
Родена 1829
Ѓуешево
Починала 1895
Букурешт, Романија

Румена Ѓорѓиева Павлева (Павлова), (Румена војвода) (Ѓуешево, Ќустендилско, околу 1829 - Букурешт, Романија, околу 1895) - жена ајдутски војвода.

Животопис[уреди | уреди извор]

Поради повеќе обиди за грабање и исламизирање, татко и рано ја омажил за Георги Шопа. Румена се воодушевувала од ликот и подвигот на војводата Иљо Марков-Малешевски, кој со околу 170 ајдути ја нападнал кулата на Деве Баир во 1854 година. Во истрагата и одмаздата што следувала од страна на Осмалиите, меѓу другите, сретсело била мачена и Румена, по што се пријавила за ајдутка, но Малешевски одбил да ја прифати. Таа го напуштила семејството и со помош на Стојан Кркљански како барјактар, формирала своја ајдутска чета. Била страв и трепет за османлиските власти и чорбаџиите насилници на просторот од планината Осогово до Врање од 1858 до 1861. Според една од верзиите за нејзиниот животен пат, по предавството и неуспешниот обид за атентат, ја распуштила четата и со барјактарот пребегале преку реката Дунав и подоцна стапиле во брак и се населиле во Букурешт Романија, каде што и починала. Опеана е во повеќе македонски народни песни како „Планинска Царица“.

Постојат повеќе верзии за годината кога е родена Румена. Според едни околу 1826, а според други 1831 година. Врз основа на податоците на годината кога е мажена се смета дека Румена е родена околу 1829 година во Ѓуешево, Ќустендилско. Таа израснала во убава, снажна и способна девојка, која го привлекувала вниманието на османлиските напасници. Кривопаланечкиот кајмакам, привлечен од нејзината убавина ја грабнал и ја принудувал да се потурчи, но селаните од неколку села се побуниле и се спротивставиле на османлискиот зулум. Околу четириесет селани биле уапсени како бунтовници, но, сепак на крајот заедно со Румена биле ослободени.

Поради повеќе обиди за грабење и исламизирање, татко и во 1843 година, на тринаесет-четиринаесет години, ја омажил за Георги Шопа. Иако Румена рано се омажила за својот соселанец, со тоа не престанале и обидите на Османлиите да ја потурчат. Поврзувајќи ја со арамиите и бунтовниците, во случај на какво било убиство по патиштата, властите секогаш ја барале Румена. „Ту ја носеле на истрага во Паланка, ту ја мачеле да ја потурчат“. Притисок и вршеле и преку нејзиниот татко, кој бил одведен во Скопје, каде го држеле во апсана една година. По враќањето, изнемоштен и болен, набрзо починал.

Теророт на османлиската власт, сè повеќе ги зголемувала симпатиите на Румена кон ајдуците и бунтовниците, како и желбата таа да се приклучи кон нив и да се бори против насилниците кои се изживувале врз македонското незаштитено население. Уште откако се омажила, таа одржувала врски со некои сејмени од кулата на Деве Баир и со некои ајдути. Румена била импресионирана од подвигот на војводата Иљо Марков Малешевски, кој со околу 170 ајдути ја нападнал кулата на Деве Баир во 1854 година.

Веднаш по нападот на Кулата, била испратена потера по Малешевски дури од Нишко. Во истрага и одмазда што следувала од страна на осмалиите, меѓу другите, сретсело била мачена и Румена. Таа молчела додека ја тепале да каже што знае, но овој настан бил пресуден за одлуката која ја донела и пресвртница во нејзиниот живот. Се пријавила за ајдутка, но Малешевски одбил да ја прифати.

Во 1855 година, по кавгата и убиството на некој Турчин, кога сите пропиштеле и во неа како гледале како на ајдутин, одлучила да го напушти семејството и четиригодишниот син Андон и навистина да стане ајдутин. Оставајќи аманет да и се чува синот единец, таа го напуштила семејството и со помош на Стојан ковачот од село К’ркља (Стојан Кркљански) како барјактар, формирала своја ајдутска чета.

Во периодот од 1856 до 1860 или според други податоци од 1858 до 1861 година, Румена со својата ајдучка дружина, станала страв и трепет за османлиските власти и чорбаџиите насилници на просторот од планината Осогово до Врање. Ајдучката дружина вешто раководена од Румена и нејзиниот побратим Стојан барјактарот, заштитувајќи го македонското население, ликвидирала неколку турски арамиски чети, одделни насилници. Многу аги и богаташи, меѓу кои и христијански, биле прогонувани од Румена, за пакостите што ги правеле над сиромасите, а ги напаѓала и предавниците и соработниците со осмалиската власт. Меѓу народот таа била позната како добар војвода и закрилник и станала прочуена како „Планинска царица“.

Против дружината биле покренати бројни потери, но благодарејќи на помошта на бројните јатаци и на македонските селани, Румена успевала да избега префрлајќи се од еден на друг крај. Иако дружината дејствувала самостојно, кога потерите зачестиле и станале побројни, Румена се поврзала со дел од дружината на Иљо Малешевски кој во тоа време се наоѓала во областа на Врање, додека тој со останатиот дел бил во Србија.

Обидот да се поврзат со дружината на Малешевски во околината на Врање останал неуспешен, бидејќи ајдуците на Дедо Иљо не можеле туку така да прифатат жена – ајдутин, кон која гледале со презир и омаловажување. Неприфатена, дружината се вратила на својата територија, а презирот кон жената ајдутин, кој дотогаш бил скриен со дотогашните успеси, се појавил на површина. Неуспехот предизвикал несогласувања и сомнеж кај ајдуците на Румена. Тие причините на неуспехот на дружината го побарале во распадот во побратимството и посестримството меѓу Румена и Стојан.

Сомнежот пренесен од ајдутите на Иљо Малешевски дека неприлега „жена за ајдутин“ го искористил Спасе од село Градец, еден од ајдуците на Румена, кој сакал да стане војвода. Наместо да се издвои и да формира своја дружина, под изговор дека „не прилега жена да ги води“ и дека таа го изневерила посестримството, тој наговорил неколкумина ајдути, да ги ликвидираат Румена и Стојан.

Постојат повеќе верзии за еден од ретките трагични настани во ајдучките дружини во Македонија. Според една од верзиите, кога дружината се наоѓала во некои колиби меѓу селата Градец и Габер, Кривопаланечко, Спасе и Милко од село Габер, ги убиле Румена и Стојан со дрва додека спиеле во колибата. Тоа всушност било едно од ретките предавство во ајдучките дружини и убиство не од Османлиите туку од своите содругари. Ова убиство е уште едно во низата од многубројните крвави македонски меѓусебни уништувања како народ.

По убиството дружината под раководство на Спасе делувала неколку месеци и се распаднала, Милко и уште троца ајдути, кои се сметале за виновни за убиството на Румена и Стојан, биле одмаздени од нивниот другар Стоилко од село Трново. Тој ги убил на спиење во село Жидилово, Кривопаланечко, по што се предал на валстите. Единствено се спасил Спасе кој бил отсутен тој ден.

Но постои и друга верзија според која по предавството и неуспешниот обид за атентат за убиство, Румена ја распуштила четата и со барјактарот пребегале преку реката Дунав и подоцна стапиле во брак и се населиле во Букурешт Романија, каде што и починала околу 1895 година.

Румена војвода била водач на една од најпрочуените ајдучки дружини во македонската историја. Таа е опеана во повеќе македонски народни песни како „планинска царица“.