Раѓањето на нацијата (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Раѓањето на нацијата (англиски: The Birth of a Nation) - американски филм од 1915 година, во режија на Дејвид Грифит, според сценариото на Томас Диксон Помладиот, засновано врз неговиот романЧленовите на кланот“ (The Clansman: An Historical Romance of the Ku Klux Klan). Главните улоги ги толкуваат: Хенри Волтхол (Henry Walthall), Лилијан Гиш (Lillian Gish), Меј Марш (Mae Marsh), Миријам Купер (Miriam Cooper), Ралф Луис (Ralph Lewis), Џорџ Сигман (George Siegmann), Елмер Клифтон (Elmer Clifton), Роберт Харон (Robert Harron), Спотисвуд Ејткен (Spottiswoode Aitken) итн. Поради големото значење, во 1992 година, филмот бил зачуван во Националниот филмски регистер на САД.[1][2]

'Раѓањето на една нација“ (целосен филм)

Синопсис[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот е поделено во два дела и го покрива периодот пред, за време на и по Граѓанската војна во САД.

Прв дел[уреди | уреди извор]

Двајцата синови на политичарот Остин Стоунмен (го игра Луис) ги посетуваат своите пријатели од семејството Камерон, кое живее во Јужна Каролина. Таму, постариот син на Стоунмен, Фил (го игра Клифтон) се вљубува во постарата ќерка на Камерон, Маргарет (ја игра Купер). Истовремено, постариот син на Камерон, Бен (го игра Волхол) случајно ја здогледува фотографијата на ќерката на Стоунмен, Елси (ја игра Гиш) и веднаш се вљубува во неа. Меѓутоа, набргу започнува граѓанската војна во која се мобилизирани двајцата синови на Камерон и на Стоунмен. Притоа, во една борба се среќаваат помладите синови на Камерон и Стоунмен при што заедно погинуваат. Исто така, набргу во војната погинува и средниот син на Камерон. Истовремено, за време на друга битка се среќаваат постарите синови на Камерон и Стоунмен. Притоа, Бен Камерон е сериозно ранет, а Фил го спасува така што го сместува во една болница во која волонтира Елси, како медицинска сестра. Таму, Бен постепено закрепнува, но тој е осуден на смртна казна, како непријател на Северот. Тогаш, мајката на Бен го моли претседателот Линколн за милост и тој го ослободува Бен, кој се враќа дома.[1]

Втор дел[уреди | уреди извор]

По завршувањето на граѓанската војна, Стоунмен се залага за ослободување на Црнците кои живеат на Југот и за нивна рамноправност со белото население. За таа цел, тој го испраќа мулатот Линч (го игра Сигман) во градот во кој живее семејството Камерон, каде се организираат нерегуларни избори на кои белците се спречени да гласаат, така што Линч станува гувернер на градот. Во градот се доселува и Стоунмен при што продолжува љубовната романска на Елси и Бен и на Фил и Маргарет. По изборите, црното население ја презема целата власт и започнува период на дискриминација и измачување на белото население. Тогаш, Бен добива инспирација за создавање тајна организација на белците кои ќе се борат против Црнците и така настанува „Кју Клукс Клан“ на чие чело е токму Бен. Во тоа време, Стоунмен го напушта градот и привремено се враќа на Северот. Набргу, Кланот почнува да им се одмаздува на Црнците, кои пак почнуваат да ги прогонуваат членовите и симпатизерите на Кланот. При една таква акција е заробен татко му на Бен, но него го ослободуваат неговите слуги, помогнати од Фил Стоунмен, при што тие се засолнуваат во една колиба. Истовремено, еден поранешен војник (Црнец) ја брка помалата сестра на Бен, Флора (ја игра Марш) која се фрла од една карпа, не сакајќи да падне во рацете на натрапникот. Тогаш, Бен Камерон ги мобилизира членовите на Кланот, кои го пронаоѓаат виновникот за смртта на Флора, го убиваат и телото го ставаат пред куќата на Линч. Наспроти тоа, Линч ја мобилизира својата војска и почнуваат нереди во градот во кои Црнците го напаѓаат белото население. Истовремено, во опколената колиба, стариот Камерон, неговата постара ќерка и Фил Стоунмен водат очајничка борба со црнечката војска. Најпосле, војниците влегуваат во колибата, но во последен миг пристигнуваат членовите на Кланот. За тоа време, Линч ја граба Елси и сака да ја присили да се омажи со него. Кога Стоунмен се враќа во градот, Линч му ја соопштува својата желба, а откако Стоунмен се спротивставува, Линч го заробува и него. Меѓутоа, војската на Кланот го освојува градот и го заробува Линч. Потоа, се организираат избори на кои Црнците немаат право на глас и така белото население повторно ја освојува власта. На крајот од филмот, Бен Камерон стапува во брак со Елси Стоунмен, а Фил Стоунмен со Маргарет Камерон. Филмот завршува со антивоена порака, изразувајќи на надежта дека во иднина ќе престанат војните и ќе завладее братската љубов под водство на Исус Христос.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]