Побратимство на Говедарев камен

Од Википедија — слободната енциклопедија

Побратимството на Говедарев камен – е вековен обичај во село Пеширово во Република Македонија тоа е мистично место сместено среде Овче Поле, од левата страна на с.Ерџелија и на шест километри од градот Свети Николе. Огромниот камен кој се издига на ова место, меѓу народот е познат  како Говедарев Камен[1] или „симбол на женска радост“. Се практикува на верскиот празник  Ѓурѓовден. Кај овој камен секоја година доаѓаат многу луѓе од земјава и од странство кои бараат лек за својата неплодност.

Потекло[уреди | уреди извор]

Ваквите свети места имаат длабоки стари корени и се јавуваат и во архаичните религии. Во ова културно наследство во кое влегуваат многу обреди, верувања, легенди, преданија има и животни приказни за каменот кој е вистинско чудо. Верувањата за култните значење и светоста на камењата било познато во македонската култура но вакви верувања се широко распространети и во другите култури . Секоја жена што нема деца доаѓа кај каменот на Ѓурѓовден.

Легенди[уреди | уреди извор]

Верувањето меѓу народот дека овој камен има моќ да ја лекува неплодноста кај жените се темели на легенди, една од легендите еː „легендата за царот кој сакал машко дете“

Многу одамна некој цар имал само ќерки. Неговата царица кога повторно забременила, тој пред да замине во војна и се заканил, доколку пак му роди женско дете, да не го чека. Царицата родила машко дете, но нејзините дворјанки, од голем страв го замениле детето, мислејќи дека пак ќе биде женско, со едно ромче. Кога се вратил, царот ја слушнал саканата вест дека неговата царицата му родила син. Годините минувале. Несудениот царски син растел и се повеќе ги покажувал особините на својот цигански род. Напоредно, вистинскиот царски син, како цигански посинок, ги чувал селските говеда. Но и тој ги покажувал сите знаци на своето потекло. Ги чувал говедата околу овој камен и се замислувал дека тие се војска, а тој од каменот командува како вистински цар. На царот му станало сомнително однесувањето на лажниот син. Затоа еднаш, заканувајќи им се, ги натерал дворјанките да му ја кажат вистината за неговиот син. Кога ја дознал вистината, веднаш со својата придружба заминал да го бара неговиот вистинскиот син. Царот го нашол својот син седнат на камен. Сакајќи да провери дали навистина Говедаревчето што седи на каменот е неговиот син, го прашал колку вреди тој како цар, облечен во златни алишта и со сета своја придружба. Говедаревчето го погледнало и му рекло: „Што е твоето богатство во однос на еден убав априлски дожд врз ова поле“. Тогаш царот сфатил дека тоа е неговиот син и прегрнувајќи го, ги благословил сите оние што немаат деца да доаѓаат овде и да си најдат лек за својата мака.

Друга легендата вели дека ранетите Самуилови војници биле праќани во полето за да го бараат единствениот Говедарев Камен. Тие се замивале од водата што извира на каменот.

Раскажуваат за ова мистично место жителите на селата Амзабегово, Пеширово, Ерџелија кои секоја година традиционално доаѓаат да го одбележат и прослават празникот.

Опис на обредот побратимство на Говедарев камен[уреди | уреди извор]

Побратимството е духовно сродство кое може да се склучи од неколку причини: заедничко крштевање, од невоља или пријателство. Во овој случај побратимството се склучува од невоља бидејќи младата брачна двојка неможе да има деца.

Чинот на побратимување се извршувал и  до ден-денес се извршува, помеѓу жена-неродка и непознат маж. Побратимувањето се случува вечерта спроти празникот или утрото на самиот празник Ѓурѓовден. Кај народот постои верување дека ова побратимство не смее да се растури и затоа секој го почитува. Побратимот или некогаш нарекуван и кум, е тој што им  помага да го изведат традиционалниот ритуал на Говедарев камен.

Кумот,  кога ќе се доближат до каменот им објаснувал на невестата и на момчето како да го сплетат коланот. Процесот на обредот започнувал од десната страна на каменот.  Младите парови кои немаат деца доаѓале овде и од различните верски и етнички групи и со црвена и бела волница трипати ја обиколувале карпата. При заобикулувањето конецот се оставал на каменот. Се верува дека белата боја е симбол за ново, црвената за плодност.

Невестата и кумот  се качуваат на карпата, таа  се мие од водата од врутокот што извира среде карпата. Кумот со коланот (повој) три пати ја префрла невестата од главата преку половината па до доле. Коланот се плете и потоа кумот  го врзува на половината на невестата и ја благословува со маѓични зборови.. Во него се плете и каменчето што идната мајка го откршува од карпата. При вршење на обредот самата жена си ветува подароци за каменот ,кумот ако остане бремена. Кога ќе се симнат од каменот невестата го дарува побратимот со крпа,кошула и сл. Жената го носи појасот до наредната година. По една година ако младите добиле пород заедно со бебето и го носат курбанот што го ветиле на каменот, носејќи подароци, најчесто јагне, машко или женско, во зависност какво е детето. Јагнето тука се коле, на специфичен начин кон исток, главата останува, а со месото се прави гозба во семејството на новороденчето. Тој што го коле јагнето го сече и коланот кој жената го носела на половината и притоа ја благословува да имаат повеќе рожби. Побратимот е кум на детето што се родило а кумството со старите кумови се прекинувало но без никакви последици.

Чудотворни излекувања[уреди | уреди извор]

Во манастирчето покрај каменот, луѓето што го одржуваат велат дека биле сведоци на многу чудотворни излекувања.

  • Сме биле живи сведоци на многу стотици мајки кои не можеле да имаат деца, кои современата медицина ги прогласувала за безнадежни случаи, а другата година се враќале со нова рожба и со среќни лица - раскажуваат клисарите. За нив оваа е света земја, тука доаѓале лекари и гинеколози.
  • Да ви раскажувам се што сум видел ќе ми треба најмалку три дена. Никој, ама баш никој не може да ја објасни чудотворната мистерија на ова место, ова свето поле, оваа света македонска земја - вели еден од нив.

Нематеријално културно наследство[уреди | уреди извор]

Нематеријалното културно добро „Побратимството на Говедар Камен“ во Република Македонија со Одлука бр. 2308 објавено во Службен весник на Р Македонија бр:150/2019 од 23.07.2019 година е прогласено за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Говедаров Камен“. Википедија. 2023-10-27.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]