Општествена подвижност

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Општествената подвижност е степенот до кој се менува статусот на семејството на кое било лице или група во текот на животот преку системот на општествена хиерархија или општествена стратификација. Општествената подвижност исто така е и нивото кое може или не може да се достигне во класниот систем од страна на потомците на некое лице или група. Одредено лице или цело семејство може да достигне високо ниво во општествените класи или пак може да достигне многу ниско ниво во општествените класи, врз основа на достигнувањата или факторите кои се во рамките на нивната контрола. Тоа е социолошки концепт.

Содржина

Меѓугенерациска и интрагенерациска подвижност[уреди]

Интрагенерациската подвижност (во рамките на една генерација) се дефинира како промените во општествениот статус во рамките на одреден животен период. Меѓугенерациската подвижност(во рамките на повеќе генерации) е дефинирана како промените во општествениот статус што настануваат од генерацијата на родителите па сè до генерацијата на децата. Овие дефиниции се корисни кога се анализира како се менуваат промените во општествениот статус од еден до друг временски период и дали општествениот статус на родителите на лицето влијае врз општествениот статус на самото лице. Социолозите вообичаено се фокусираат на меѓугенерациската подвижност, затоа што е многу полесно да се опишат промените во рамките на повеќе генерации отколку во рамките на една генерација. Оваа информација им помага на социолозите да одредат дали нееднаквоста во културата се менува со тек на време. Меѓугенерациската подвижност се случува кога едно лице тежнее да ја промени својата општествена положба. Овој вид на промена е невозможно да се случи во некои општества. Во општествените системи каде луѓето се поделени на касти, не може да се случи општествена подвижност. Кастата во која се родило некое лице е кастата во која ќе остане целиот свој живот. Меѓутоа, во културите кои се засноваат на вредности, како на пример САД или Британија, луѓето можат слободно да се движат нагоре и надолу на општествената скала.

Интрагенерациската подвижност може да ја промени положбата на лицето на општествената скала. Ако поединецот се наоѓа на ниско ниво на општествената скала, тогаш тој или таа може да го подобри својот статус на пример доколку напорно работи, си најде подобра работа и сл. Пјер Бордо опишува три вида на капитал што овозможуваат едно лице да се класификува во одредена општествена категорија. Трите вида на капитал се: економски капитал, општествен капитал и културен капитал. Економскиот капитал претставува контрола над економските ресурси како што се парите и средствата. Општествениот капитал ги вклучува ресурсите кои едно лице ги стекнува врз основа на мрежи на влијание и врски и подршка од други лица. Културниот капитал е секоја предност што на поединецот му овозможува повисок статус во општеството како на пример образованието, вештините или која било друга форма на знаење. Вообичаено, луѓето со сите три вида на капитал имаат висока положба во општеството.

Меѓугенерациската подвижност се случува во рамките на повеќе генерации. Оваа подвижност во некои случаи се заснова на успех во животот, а во некои случаи не се заснова на успехот во животот. Способноста и напорната работа влијаат врз општествената подвижност,но врз неа влијаат исто така и богатството на родителите, расата, полот и среќата. Фиона Дивајн ја напиша книгата „Практики во класата - како родителите им помагаат на своите деца да најдат добра работа” во која посебно се става акцент на меѓугенерациската подвижност и на тоа како влијаат родителите врз општествената подвижност на своите деца. Речиси секое поглавје се осврнува на силното влијание на образованието врз успехот во животот. Родителите исто така им помагаат на своите деца да се поврзат со одредени луѓе со цел да ја прошират општествената мрежа. Родителите кои можат да им создадат капитал на своите деца се трудат да ја зголемат општествената подвижност на своите деца. Неодамна истражувачите, кои собираа податоци за економската подвижност на семејствата во рамките на повеќе генерации, ја разгледаа можноста во однос на тоа каде се рангирани родителите по распределбата на приходот и дознаа дека 42% од лицата чии родители се наоѓале на дното на квантилот всушност и завршиле на дното на квинталот, 23% од нив завршиле на вториот квинтал, 19% завршиле на средниот квантил, 11% на четвртиот квинтaл и 6% на најгорниот квинтал.[1] .Овие податоци укажуваат на тешкотијата за нагорна меѓугенерациска подвижност.

Во однос на одгледувањето деца, Анет Ларо направи фасцинантна расправа во својата книга: „Нееднакво детство - Класа, раса, и семеен живот “. Таа опишува два начина на одгледување деца: инкорпоративна култивација и природно растење. Инкорпоративната култивација вообичаено се применува кај семејствата од средната класа и вклучува многу структурирани и организирани активности за детето. Тие се научени да го користат јазикот за дискусија со своите родители и возрасни луѓе и детето често пати ја стекнува смислата за почит при обраќање кон повозрасните лица. Природното растење е речиси сосема спротивно од инкорпорираната култивација. Случувајќи се главно во сиромашни семејства или во семејства од работничката класа, овој вид на одгледување деца не вклучува организирани активности и има јасна поделба меѓу возрасните и децата. Вообичаено децата голем дел од денот поминуваат креирајќи сопствени активности и едвај зборуваат со возрасни. Всушност, возрасните го користат јазикот со цел да ги упатат децата или им наредат на децата, но никогаш не го користат јазикот за да разговараат со нив. Овие два вида на воспитување деца може да влијаат врз меѓугенерациската подвижност. Децата кои растат во стилот на инкорпоративна култивација учат од своите родители како да разговараат со возрасни и како да се договараат со цел да го добијат посакуваниот исход од која било ситуација. Оваа вештина им овозможува да создадат општествени мрежи кои можат да им ја подобрат општествената положба. Децата кои растат во стилот на вториот начин се соочуваат со поголема тешкотија во однос на подобрувањето на својата општествена положба. За разлика од децата израснати со методот на инкорпоративна култивација,ним им недостасуваат вештини и смисла на обраќање, и како резултат на тоа не добиваат добра работа и притоа не ја подобруваат општествената положба. Децата кои биле израснати на природен начин учат да се согласуваат со авторитетни фигури наместо да се расправаат со нив и тие се во поголема предност од децата кои се воспитани со методот на инкорпорирана култивација во одредени сфери при вработувањето. Меѓутоа, тоа се најчесто сферите со дозвола за влез каде лицата се платени да ги следат наредбите, а не да размислуваат и како резултат на тоа се помалку платени. За разлика од нив, лицата од средната класа воспитани по методот на инкорпоративна култивација имаат вештини кои им помагаат да добијат високоплатена, престижна работа во канцеларија.

Апсолутна и релативна подвижност[уреди]

Апсолутната подвижност подразбира дека животните стандарди се зголемуваат во рамките на апсолутни услови: Вие сте подобар од своите родители,а вашите деца ќе бидат подобри од вас.[2]Структурните промени, како на пример промените во стапките на професионалните структури подразбира дека има повеќе простор на врвот и притоа тоа резултира со високи стапки на апсолутна подвижност.[3]. На пример, претпоставете дека едно лице ја започнува својата работна кариера со приход од 32.000 долари. Ако една деценија подоцна тој приход е 36.000 евра (прилагодувајќи се на инфлацијата), тогаш тоа лице имало нагорна апсолутна подвижност во однос на приходот.

Релативната подвижност се однесува на нивото кое поединците можат да го достигнат или до кое можат да се симнат во споредба со другите од нивната група на општествената скала.[4]. Со други зборови, релативната подвижност подразбира дека шансите за зголемување на релативниот приход се многу мали, ако вашето семејство е сиромашно. Тоа значи дека рангирањето на луѓето во општеството е флексибилно. Релативната подвижност се поврзува со отвореноста или флуидноста на општеството. Таа не е чуствителна на влијанието на структурните промени.[5].На пример, претпоставете дека приходот на едно лице на почетокот на работната кариера од 32.000 долари една деценија подоцна се зголемува на 36.000 долари што е многу малку во споредба со повеќето луѓе кои успеале многу повеќе да го зголемат својот приход ,а започнале со својот професионален живот во рамките на истиот период.Овие лица успеале да ја зголемат својата апсолутна подвижност, но ја намалиле својата релативна подвижност. Релативната подвижност е феномен на рамнотежа, бидејќи зависи од општествената положба на поединецот.[6]. Со други зборови, ако едно лице ја зголемило релативната подвижност, по дефиниција друго лице ја намалило релативната подвижност. Кај апсолутната подвижност не постои таков феномен.

И покрај тоа што и релативната и апсолутната подвижност се форми на интрагенерациска подвижност, овие два вида на подвижност не се поврзани. Високите стапки на апсолутна подвижност можат да коегзистираат со големите нееднакви шанси на релативна подвижност. Како резултат на ова, вие можете да иматe економија со голема апсолутна подвижност и мала релативна подвижност или економија со голема релативна подвижност и мала апсолутна подвижност. Општествената подвижност е процес на преминување од една општествена класа во друга. Збирот на движењата нагоре и надолу во однос на класната структура го покажуваат степенот на распространетост на општествената подвижност. Општествената подвижност е под големо влијание на степенот на отвореност на општеството. Отвореното општество е местото каде луѓето го стекнуваат својот статус и тоа првенствено врз основа на своите напори за успех. Всушност, степенот на подвижноста може да се земе како индекс на отвореност на општеството и со тоа би се покажало кое место на општествено-економската скала би можеле да го достигнат талентираните лица кои потекнуваат од пониските општествени слоеви. Во оваа насока, општествената подвижност е многу важно политичко прашање особено во земјите кои се посветени на либералната идеја која се однесува на можноста за еднаквост на сите граѓани. Од таа перспектива, индустриските опшества се главно отворени општества кои во голема мера ја отсликуваат општествената подвижност. Во споредба со нив, прединдустриските општества главно биле затворени општества со мала општествена подвижност. Луѓето во општествата од овој вид се ограничуваат на професиите од претходните генерации на своето семејство и го наследуваат општествениот статус. Општествената подвижност може да се класифицира како вертикална подвижност: Движење на поединците и групите нагоре или надолу на општествената скала. Оние кои се стекнуваат со имот, приход, статус и позиција се вели дека имаат потенцијал да напредуваат на општествената скала, а оние кои се движат во спротивна насока се вели дека немаат потенцијал да напредуваат на општествената скала. Хоризонталната подвижност е движењето на поединците и групите на општествената скала без некои големи разлики во однос на позициите на скалата кое може да се одвива во различни работни ситуации. Ова може да вклучи промена во професијата или пак може да подразбира да се остане во истата професија, но во друга организација или пак може да станува збор за истата организација, но таа да биде на различна локација. Латерална подвижност е едно географско движење во однос на соседството, градовите или регионите. Во модерните општества има голем степен на географска подвижност. Латералната подвижност често пати се комбинира со вертикалната и хоризонталната подвижност. Движењето на луѓето нагоре и надолу на општествената хиерархија може да се разгледува во рамките на една генерација (интрагенерациска подвижност) или меѓу генерациите (меѓугенерациска подвижност). Интрагенерациската подвижност се состои од движењето на членовите на една генерација нагоре и надолу во стратификациониот систем (општествената класа во која го започнуваш животот споредено со општествената класа на крајот на твојот живот). Меѓугенерациската подвижност се состои од движењето на членовите на последователни генерации на едно семејство нагоре и надолу на стратификациониот систем (вашата општествена класа во споредба на пример со онаа на вашите родители). Споредбата вообичаено се прави меѓу статусот на општествената класа на синот и статусот на општествената класа на таткото. Подвижноста е функционална. Отворените општества им нудат на припадниците на општеството можности за развој на своите таленти и работа во правец на индивидуално исполнување. Во исто време, едно лице може да ја избере најдобрата личност за одредена работа.

Видови на статус: Наследен статус и постигнат статус[уреди]

Постигнатиот статус е положба стекната врз основа на некои успеси или достигнувања (кога станува збор за отворен систем). Отворениот систем се опишува како подвижно општество меѓу различни општествени класи. Лицата можат да стигнат до повисок општествен ранг или да се симнат на понизок ранг.Ова не е случај и со затворените системи каде лицата цел живот се наоѓаат во иста општествена положба без разлика на нивните достигнувања. Наследениот статус е положба која се заснова на тоа за која личност станува збор, а не се заснова на тоа што лицето достигнува во животот( типично за затворените системи). Кога станува збор за наследен статус( Европа во средниот век), луѓето се наоѓаат во положба врз основа на личните особини надвор од нивната контрола. Подвижноста е пофреквентна во земји каде достигнувањата се основата за стекнување статус( САД и Канада). Меѓутоа, општествата се разликуваат по големината на подвижноста која се случува во правец на структурни промени во статусот на целокупниот систем. Процесот преку кој поединецот го променува наследениот статус од своите родители во постигнат статус врз основа на одредени достигнувања се нарекува општествена трансформација.

Структурна подвижност и подвижност на размена[уреди]

Структурната подвижност е еден вид на присилена вертикална подвижност која резултира од промената во однос на општествената положба. Се случува кога побарувачката на одредена професија го достигнува својот максимум и се потребни повеќе луѓе да помогнат во пополнувањето на местата. Подвижноста на размена е онаа која не е е структурна. Клучниот збор “размена” подразбира рамнотежа. Ова значи дека за разлика од празните места кои максимално се пополнуваат и каде има голема потреба од нови луѓе, во овој случај местата се намалуваат и некој друг мора да го пополни местото. Подвижноста на размена не се случува ако во игра е наследениот статус.

Нагорна и надолна подвижност[уреди]

Нагорна општествената подвижност е промена во општествениот статус на поединецот која резултира кај поединецот кој се стекнал со повисока положба во општествениот систем. Надолната подвижност резултира со пониска положба во општеството. Во денешно време примарен пример за можноста за нагорна подвижност е атлетиката. Има зголемен број на лица од малцинствата кои посакуваат кариера како професионални атлетичари, која од една страна би им овозможила подобар општествен статус или од друга страна би можела да им наштети поради запоставување на други аспекти од животот (на пример образованието). Трансформативните средства исто така би му овозможиле на поединецот повисок статус во општеството, бидејќи тие го зголемуваат богатсвото и нудат повеќе можности. Трансфромативното средство може да биде фонд на доверба на едно семејство кое ви овозможува убав дом со фино соседство наместо апартман во потчинета заедница. Овој вид на чекор би му овозможило на поединецот да развие нов круг на пријатели од ист економски статус.

Подвижноста кај американската работничка класа[уреди]

Интрагенерациската подвижност се однесува на општествената подвижност во рамките на една генерација. Таа ги мери промените на кариерата во определен дел од животот на поединецот каде професионалниот статус е определен од вредноста на поединецот. На тој начин, без оглед на семејната позадина, поединецот може од неквалификуван работник да стане генерален директор на корпорација од милион долари.

Интрагенерациската подвижност во рамките на работничката класа претставува концепт кој е под силно влијание на американскиот сон.Според едно статистичко социолошко истражување, меритократијата, идејата дека секој еден може да успее и да има висока општествена положба доколку има добра работа, претставува забелешка под знак прашалник . Има неколку фактори кои кои го усложнуваат строгиот меритократски поглед за способноста на поединецот да се “качи на корпоративната скала”. Овие факори првенствено ги вклучуваат образованието, полот и расата и општествената мрежа.

Социолозите Блау и Дункан собраа податоци за подвижноста заедно со Бирото за попис на населението на САД во 1962 год. Податоците вклучуваа информации за професионалната позадина на семејствата. Во 1962 год., 56.8% од синовите кои имаа татковци со професии во горните позиции на општествената скала завршиле со професиите од истото ниво. Само 1.2 % од синовите со татковци кои се занимавале со земјоделство завршиле со професии од горните позици на општествената скала. Во 1973 год. овие разлики се зголемија. 59.4% од синовите со татковци кои имаат професии од горните позиции на општествената скала ги имале професиите од истото ниво. 9% од синовите чии татковци се занимавале со земјоделство успеале да имаат професии од горните позиции на општествената скала. Меѓутоа, професионалната структура е многу построга во однос на врвот и дното. Лицата кои имаат професии од пониските позиции на високата општествена класа, како и од професиите од повисоките и пониските позиции на работничката класа било најверојатно дека се вертикално подвижни. Професиите од горните позиции на високата општествена класа го имаат највиското ниво на наследство.[7].

Образованието како фактор[уреди]

Постои тенденција платите и заработувачката да се поврзат со стекнатото образование на поединецот. Во 2003 год. оние работници кои имаа завршено помалку од средно образование заработуваа 21.000 долари, а оние кои имаа завршено колеџ од четири години заработуваа 53.000 долари. Според Министерството за здравство на САД, границата на сиромаштијата во 2005 год. беше 19.350 долари за домаќинство сочинето од четири лица. Како резултат на тоа, постои голема веројатност, лицата со понизок степен на завршено образование да бидат на границата на линијата што е сосема спротивно на оние со повисок степен на образование. Има голема веројатност лицата кои се со завршено факултетско образование да имаат голема заработувачка во споредба со некој кој има работа за која е потребно да се има диплома од втор степен.

Со цел одбегнување на границата на сиромаштија, неопходни се можностите за високо образование. За половина од 30-те најбарани професии неопходно е да се има диплома од втор степен или диплома за завршено високо образование. Но, овие работи веројатно сè уште не нудат дополнителни работни места на пазарот на трудот. Тоа значи дека расте бројот на ниско платените работни места (Јакобс 2005 год.). Нископлатената работа се поврзува со луѓето со понизок степен на образование. Се мисли дека работниците во овие сфери не поседуваат вештини, бидејќи не се бара висок степен на образование да се извршуваат овие работи, и всушност со тоа се потврдува дека и понатаму постои некој стереотип. Меѓутоа, за работата во канцеларија неопходно е поголемо знаење и повисок степен на образование и како резултат на тоа се добива повисока заработувачка. За таа цел од сево ова може да се заклучи дека образованието е главниот фактор за потенцијална општествената подвижност во САД.

Полот и расата како фактор[уреди]

Кога се испитува статусот на подвижноста во рамките на работната сила во САД, полот и расата неизбежно влегуваат во игра. Историјата покажа дека жените и малцинствата немаа голема предност во однос на заработувачката.Во таа насока, да се биде жена или малцинство е дел од главните фактори кои го спречуваат статусот на подвижноста во рамките на пазарот на трудот. Жените и малцинствата имаат работа која е ниско рангирана, неавторитетна, не вклучува можност да се напредува и е помалку платена од мажите и луѓето од белата раса (Федералната комисија за дискриминација при работно место 1995 год.;Рескин и Падавик 1994 год.) Овој концепт се смета за “дискриминирачки ефект”. И покрај зголеменото присуство на жените и лицата од црната раса како работничка сила, сепак останува многу мал процент на лица кои ги држат врвните менаџерски места, ако се земе предвид “дискриминирачкиот ефект."

Во мрежата на различните полови и малцинства се забележува едно објаснување. Колку повеќе менаџери има во работната средина, толку се поголеми шансите на интеракција со вработени кои имаат висок статус. Расата и полот на вработените во работната средина би имало индиректно влијание врз статусот на членовите од нивната мрежа. На пример, колку повеќе жени има во работната средина и со колку повеќе жени тие комуницираат при работата, толку повеќе жени ќе има во нивната мрежа. Колку повеќе жени и малцинства како вработени има во мрежата, толку поголем број на членови со низок статус ќе има во мрежата затоа што жените и малцинствата ги заземаат ниските позиции во организацијата на работата( Брас 1985 год., Ајбара 1992 год.). Помалку од половината од сите менаџери се жени, а мнозинството службеници се жени. Помалку од 15% од сите менаџери беа лица од малцинството, а едвај една четвртина од сите вработени службеници беа лица од малцинствата. Мрежите на жените и малцинствата едноставно не се толку силни како оние на мажите и белците. Како резултат на тоа, жените и малцинствата немаат предност уште од почетокот на подвижноста на статусот. Во однос на жените, постои друго објаснување за “дискриминирачкиот ефект” кај работната сила во САД, а тоа е проблемот на жените со урамнотеженоста на семејните обврски со останатите обврски. Со податоците од општото истражување на општеството од 1996 год. се испитуваше рамнотежата помеѓу вработеноста и семејните обврски, која се обидуваа да ја постигнат жените и мажите, како и различните начини со кои жените влијаат врз рамнотежата( Дејвис и Смит 1996 год.). Податоците покажуваат дека и обата родитела се соочуваат со проблемот на урамнотежување на семејните обврски со останатите обврски, но мажите и жените речиси не ни признаваат дека постои таков проблем. Меѓутоа, постои информација дека жените за разлика од мажите, повеќе ја прилагодуваат својата работа со семејните обврски. Некои од овие прилагодувања вклучуваат флексибилно време, менување работа или барање хонорарна работа. Жените со деца, особено оние кои се омажени, најверојатно повремено би ја напуштиле работата или би работеле со скратено работно време или во одреден дел од годината ( Карлисл, 1994 год.; Истис и Глес 1996 год.; Шелтон 1992 год.). За жал, работата со скратено работно време се поврзува со ниско платената работа. Кога жените со деца ја задржуваат работата од ваков вид, тогаш тие ја немаат шансата да се унапредат на повисоко работно место. Истражувањето исто така покажува дека жената најверојатно нема да се врати да работи со полно работно време откако ќе роди деца и ќе добие работа со скратено работно време. Ова може исто така што доведе и до намалување на можностите за работа кои ќе ù бидат достапни. Прекинувањето на работните обврски има тенденција да ги намали можностите за напредување во животот.[8]. Жените за разлика од мажите најверојатно би ја напуштиле својата работа и би се грижеле повеќе за други отколку за себе (Герстел и Мек Гонагл 1999год.; Сандберг и Корнфилд 2000 год.). За таа цел сега работодавците се многу внимателни кога ги вработуваат и унапредуваат жените.Други укажале на фактот дека мажите биле подготвени да ги прифатат работните услови кои жените не ги прифаќале, како на пример работење во екстремни временски услови, работење на место каде би се извалкале, работење повеќе часови итн. Ова не се заснова на шпекулација или стреотип, туку на информации од истражување со што се покажува дека е многу тешко да се направат директни споредби (“јаболко со јаболко”). Гледано од економски аспект, ако е поефтино да се вработат жени со цел да се извршуваат истите должности, тогаш секој бизнис што има за цел зголемување на профитот би вработувал само жени, што е парадоксално на тоа дека жените потешко можат да најдат работа. Ова остава сомнеж за објективноста на тврдењата.

Општествената подвижност е особено тешка за имигрантите во САД. Во книгата „Општествена подвижност на имигрантското население “ Борхас објаснува дека првата генерација имигранти имале многу тешкотии додека да се прилагодат во американското општество. Морале да се соочат со јазичните бариери со цел да се прилагодат на новата средина и култура. Втората генерација имигранти се прилагодија многу полесно во САД. „Има значајна економска “блискот” меѓу првата и втората генерација имигранти. Релативната плата на втората генерација во просек е 5% до 10% повисока од онаа на првата генерација", вели Борхас. Втората генерација имигранти учеа англиски јазик покрај својот мајчин јазик и ја разбираа подобро културата на американското општество од своите родители, затоа што учеа во американски училишта. Исто така дискутира дека општествената подвижност зависи од “етничкиот капитал”, карактеритиките на етничката средина каде се израснуваат децата. „Високо напредната етничка средина, каде на пример повеќе родители се дипломирани граѓани,им овозможуваат на децата кои растат во таква средина да се стекнат со значајни карактеристики кои им ја подобруваат подоцна во животот општествено-економската состојба", објаснува Борхас. Она што е особено точно за имигрантските семејства е дека етничкиот капитал силно влијае врз општествената подвижност на втората генерација.

Меѓугенерациската подвижност е особено присутна кај имигрантските домаќинства. Секоја следна генерација имигранти го зголемува својот приход од 5% на 10% со што се создава општествена подвижност. Така, ако некое семејство кога мигрирало во САД било сиромашно, тогаш тоа значително ќе ја подобри својата положба во општеството со секоја следна генерација. Меѓутоа, Борхас забележа еден тренд познат како регресија кон средината. Дејствува како “двоен магнет", привлекувајќи ги двата екстрема ( многу сиромашен и многу богат) кон средината. На пример, ако родителите на некое семејство се многу успешни, тогаш е многу веројатно дека и децата ќе бидат многу успешни, но не е многу веројатно дека тие ќе бидат многу успешни како своите родители. Регресијата кон средината создава поголема еднаквост во САД без разлика каде започнале родителите да го градат својот професионален живот.

Негативното влијание на прекинувањето на општествената подвижност[уреди]

Во рамките на САД, бројот на луѓето во затворите се зголемуваше уште од 1970-тите години и сега изнесува над 2 милиона. Ова е највисоката стапка по глава во светот. Ова беше разгорено со "војната против дрогата" која започна во времето на претседателот Никсон во 1971 год. со цел да им помогне на ветераните од Виетнам да се излечат од своите зависности. Оваа “војна против дрогата” го доби своето модерно значење во времето на Роналд Реган. Оваа војна ефективно создаде подкласа со тоа што се овозможи да се негира еден од најбитните фактори на општествената подвижност, образованието.

  1. Борбата против дрогата се комбинира со политиката за нула толеранција на јавните училишта со цел да се отсранат илјадници адолесценти од јавните училишта.
  2. Лишувањето од високото образование се усвои како дополнителна казна за престапниците.
  3. Борбата против дрогата ги отстрани од заедницата и ги смести во затвор.[9]

Недостигот од образование кај затворениците е придружено со тешкотии при наоѓање на работа по излежената казна. Овие два фактора придонесоа да дојде до висока стапка на рецидивизам и намалување на општествената подвижност.

Класни култури и мрежи[уреди]

Културниот капитал, термин кој првпат го употребил францускиот социолог Пјер Бордо, претставува процес на издвојување на економските аспекти на класата и силните културни средства. Бордо откри дека културата на високата општествена класа е повеќе насочена кон формално расудување и апстрактно размислување. Пониската општествена класа е повеќе насочена кон фактите и неопходните работи за живот. Тој исто така откри дека средината во која се развил поединецот има големо влијание во која општествена класа ќе спаѓа поединецот.

Општествен систем[уреди]

Општествата во кои се користи ропството се пример за ниска општествена подвижност затоа што за поединците кои се робови нагорната подвижност е невозможна појава, а за поединците кои се нивни сопственици надолната подвижност е практично забранета. Општествената подвижност вообичаено се смета дека се одвива во нагорна линија, а всушност станува збор за двоен феномен, при што таму каде што има нагорна подвижност мора да има и релативна надолна подвижност. Ако во животот за разлика од среќата, вредноста и богатството поголема улога играат и релативните промени во општествениот статус, тогаш некои луѓе исто така можат релативно да ги доведат во надолна подвижност други луѓе. Ова е ризикот кој ги мотивира луѓето во голема мера да ги користат политичките, правните, образовните и економските механизми кои им дозволуваат да ги зголемат своите предности. Меѓутоа, со контролирање на таквиот стремеж, можно е во растечката економија да има поголема нагорна подвижност отколку надолна подвижност, како што е случајот со Западна Европа.

Во модерните западни демократии не постојат официјални или законски препознатливи ознаки за класите и се смета дека е можно поединците да се стекнат со мошне висок углед или пак политички углед во рамките на една генерација. Покрај формалната можност за општествена подвижност, неодамнешното истражување покажа дека Велика Британија, а особено САД имаат помала општествена подвижност за разлика од нордиските земји и Канада.[10][11] Овие автори тврдат дека „САД упорно настојуваат да продолжат со идејата за нивното претставување како земја на шансата, a јасно е дека таа идеја е погрешна."

Општествената подвижност не само што може да ја има во различни видови, туку може и да се менува со тек на време. Со направената споредба меѓу САД и Велика Британија, може да се каже дека во двете земји имало различни степени на општествена подвижност во текот на различни историски периоди. Во средината на 19-от век во САД имаше низок степен на општествена нееднаквост и висок степен на општествена подвижност. Во доцниот 19-ти век, во САД имаше повисок степен на општествена подвижност отколку во Велика Британија поради заедничкото училишно движење и отворениот систем на државните училишта, поголемата опфатеност на земјоделскиот сектор како и поради поголемата географска подвижност. Меѓутоа, во текот на половината на 20-от век и раниот 21-ви век се намали разликата меѓу двете земји во однос на општествената подвижност затоа што социјалната нееднаквост растеше и во двете земји, а особено во САД. Со други зборови, за разлика од 1850 год. ,денеска со семејната позадина може многу повеќе да се предвиди општествената положба.

Во пазарните општества како што е модерното општество на САД, класата и економското богатство се тесно поврзани. Меѓутоа, во некои општества како феудалните општества кои преминуваат во пазарни општества, постои намалена можност за тесна поврзаност меѓу класниот статус и богатството. Вообичаено, припаѓањето во високата општествена класа нуди многу повеќе можности за богатство и политичка моќ. Како резулатат на тоа, економското богатство е често пати изолиран индикатор за општествената класа. Во новоформираните општества со мала традиција или без никаква традиција (како Западот на Америка во 19-от век) како вистина се докажува сосема спротивното: Направеното богатство го забрзува процесот на приклучување на идните генерации во елитата.

Примери[уреди]

Популарни примери за нагорна општествена подвижност од Америка се Абрахам Линколн и Бил Клинтон, кои беа родени во семејства од работничката класа, а достигнаа висок политички статус во адолесцнтниот период. Андрју Карнеиги пристигна во САД како сиромашен имигрант и подоцна стекна огромно богатство од челичната индустрија. Примери од другите земји се Пјер Береговуа, кој започна да работи на возраст од 16 години како работник во металната индустрија, а потоа стана премиер на Франција, Рамзи Мекдоналд, незаконски син на фармер и домаќинка, стана премиер на Обединетото Кралство и сер Џозеф Кук, Англичанец кој немаше завршено никакво образование и работеше како рудар на 9 годишна возраст, стана премиер на Австралија.

Влијанието на симболите и перцепциите врз општествената подвижност[уреди]

Општествената наука и разбирањето на сегментацијата[уреди]

Теоретски гледано, постои врска меѓу тоа како психолозите го разбираат колективниот идентитет и начинот на кој го замислуваат колективниот идентитет. Поединците секогаш бараат начини да се дефинираат себе си во однос на светот околу нив и тоа можат да го сторат со значењето дадено од заедницата и концептот дека луѓето се различни од другите поради арбитрарни разлики. Ограничувањата можат да бидат полови, расни или лингвистички или тие самите можат да пронајдат други дефиниции за ограничувања. Географските граници се пример кој е силно поткрепен, но не е толку јасен без дополнителни симболи. Спортските тимови се одличен пример за симболи кои ги дефинираат географските граници. Кога луѓето се класификуваат, тогаш тие мора да најдат начин да најдат некоја рамнотежа меѓу заедницата или подгрупата и поголемите заедници и оние кои не се дел од група ( кај кои можат да се забележи видлива разлика). Научниците ја проучуваа сегментацијата меѓу “нас” и “нив”.

Социолошката дефиниција на групите создава бариери за влез и излез кои можат да ни помигнат да разбереме дека во рамките на ограничувањата на групите општествената подвижност може да биде тешка. Со помош на симболите концептот на ограничувањето е речиси јасен и се чини дека е инстинктивен. Интеракцијата меѓу " достигнувањето” и статусот на вистинскиот економски успех зависи во голема мера од начинот на кој групата ги забележува овие вредности. Со непаралелните погледи на различни групи за различна точка од економската скала се подразбира дека напредокот во некои групи би можело да биде сосема спротивно на целите и правците на друга група. Урбаната култура со високи приходи може да се дефинира со различни симболични ограничувања кои потекнуваат од предрасудата кон другите групи кои се сметаат дека се со различен економски статус. Ова ја отежнува интеракцијата со луѓето кои од географски аспект би можеле да бидат многу блиску. Кога групите се сметаат дека се ексклузивно различни, тие најверојатно нема да се грижат за благосостојбата на другите и нема да сакаат да ги делат ресурсите( во овој случај во формата на социјалниот капитал).[12]

Ограничувања на групата од гледиште на урбаното планирање[уреди]

Кевин А. Лајнх во својата книга „Слика на градот” се потпира на концептот за географски ограничувања и нивното социолошко влијание како и начините на кои можат да бидат изманипулирани. Ова истражување става акцент на видливите и невидливите граници кои се создадени во урбаните средини од урбанистичка перспектива. Информациите за просторот кои луѓето ги користеа за да создадат граници можат да бидат важни за перцепцијата како и другите вкоренети симболи од културата. Според Лајнх, патеките кои луѓето ги користат, им го диктираат секој ден нивното однесување и она што е лесно пристапно за нив. Областите се големи делови од градот кои имаат специфични карактеристики.Тие создаваат средство да се изгради личниот идентитет кој се споделува со оние кои живеат и работат со нив и се чувствува од оние кои ги преминуваат границите поради различни причини. На пример, кога се бара работа или здравствена заштита.[13]

Како гледа социологијата на границите меѓу соседите[уреди]

Според статијата „Резултатите од соседството: Општествените процеси и нови правци во истражувањето на поврзаноста меѓу адолесцентното однесување и показателите на станбените разлики",’Роберт Парк и Ернест Бургс ги поставија темелите на урбаната социологија со дефинирање на локалните заедници како “природни области” кои се развиле како резултат на натпреварот меѓу деловните луѓе во однос на користење на земјиштето и меѓу групите во населението во однос на пристапното сместување. Ова укажува на тоа дека ресурсите кои се достапни на заедницата ќе бидат под големо влијание на богатството на населението.

Меѓутоа, со тек на време во заедницата се случуваат промени. Според оваа студија се смета дека лонгитудиналните студии би можеле да ги набљудуваат трендовите во заедницата . Бидејќи се менува динамиката на промените во соседството, би можело да има движење на општествени групи во близина на други општествени групи кои создаваат хибрид од две култури. Според друга можност, групите се движат наоколу во реонот , но не се мешаат и кога чуствуваат притисок кој претставува закана за нивното место во реонот, тие би можеле да се борат на локално ниво или пак би избрале да се преселат таму каде што економските услови го ограничуваат пристапот за влез во тоа место.[14]

Влијанијата врз многубројните ограничувања[уреди]

Предноста на симболите кои ги дефинираат социјалните разлики дејствуваат на тој начин што на луѓето им овозможуваат да не дојдат на многу ниско ниво,но од друга страна страна ги спречуваат други да дојдат на повисоко ниво. Вредноста на етиката на работата во многу култури ја вклучува енергијата на поединците и ги поттикнува да бараат и да го зачуваат работното место. Симболите на општествениот статус како раководните улоги се важни за развивање на моделите, а моделите на раководните улоги често пати децата ги сметаат како штетно влијание врз границите меѓу класите. Според ова: „ Исто така има меѓукултурни разлики во зависност од тоа како границите на симболите се поврзани со социјалните разлики. Истата социјална разлика би можела да биде придружена со различни симболи затоа што класните разлики во Европа се во тесна врска со симболите на границите меѓу високата култура и популарнара култура.”[14]

Општествената подвижност наспроти економската подвижност[уреди]

Способноста на поединецот од сиромашен да стане богат не укажува на тоа дека во неговото општество постои општествена подвижност. Некои општества со мала општествена подвижност или општества кои немаат општествена подвижност им овозможуваат на поединците да основаат претпријатие и да стекнат огромно богатство, но богатството го “купува” влезот во високата општествена класа. Во феудална Јапонија и конфучиева Кина, богатите трговци ги зафаќаат најниските слоеви во општеството (барем според теоријата). Пред револуцијата во Франција, дворјанинот иако сиромашен беше од “втората класа", а богатиот трговец беше дел од третата класа(барем според теоријата).

Сегашно истражување[уреди]

Во денешно време се појавија нови статусни хиерархии кои водат до нови можности за конкуренција. Во Индија неодамна се случи бум во однос на вработувањето, комуникацијата, дистрибуцијата, централизираната администрација и урбаното живеење. Оваа урбанизација овозможува да се избега од врските со основаните рурални заедници. Факторите кои би го предодредиле статусот на поединецот не се толку ефикасни како во урбаните средини. Според Харолд Гоулд, во критериумите за определување на професиите во Индија спаѓаат вештината на поединецот и квалитетот на изведба, а не местото на раѓање. Статусот на секоја дадена улога се заснова на стекнатите приходи и подвижноста. Истражувањата исто така покажуваат дека технолошките напредоци ги отфрлиле одредени групи и понудиле можност за нагорна подвижност. Некои групи се потиснати од равиената технологија затоа што нивниот економски и општествен статус го достигнал пониското ниво( на пр. водоносачите во делови на Северна Индија се заменети со пумпи за вода). Во други случаи, поединците наоѓаат нова професија со можност за нагорна подвижност. Меѓутоа, поголем дел од предностите се совпаѓаат со можноста за подобрување на општествениот статус.

Споредба на различни режими на подвижност[уреди]

Според социологот Џон Х.Голдхорп, на општествената подвижност се гледа на два начина. Според првиот начин, таа е основен извор за општествена "структурализација". Според вториот начин, степенот на подвижност може да биде голем показател за рамнотежата меѓу моќта и различните карактеритики во рамките на општеството.

Промени кои настануваат со тек на време во рамките на режимите на подвижност[уреди]

Морис и Ханкок имаат книга за подвижноста во САД.

Видете исто така[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Data from the Panel Study of Income Dynamics (PSID). (2006). Institute for Social Science Research, University of Michigan, Ann Arbor
  2. Grusky, D., & Manwai, C. (2008). Social Stratification: Class race and gender in sociological perspective. Westview Press.
  3. Grusky, D., & Manwai, C. (2008). Social Stratification: Class race and gender in sociological perspective. Westview Press.
  4. Grusky, D., & Manwai, C. (2008). Social Stratification: Class race and gender in sociological perspective. Westview Press
  5. Grusky, D., & Manwai, C. (2008). Social Stratification: Class race and gender in sociological perspective. Westview Press
  6. Grusky, D., & Manwai, C. (2008). Social Stratification: Class race and gender in sociological perspective. Westview Press
  7. Kerbo, Harold. "Social Stratification and Inequality" (1996) pg 331-332 ISBN 0-07-034258
  8. Jacobs, Sheila. "Trends in Women's Career Patterns and in Gender Occupational Mobility in Britain." Gender, Work, & Organization 6 (1999): 32-46. InterScience. Wiley. 19 Nov. 2008
  9. Jacobs, Sheila. "Trends in Women's Career Patterns and in Gender Occupational Mobility in Britain." Gender, Work, & Organization 6 (1999): 32-46. InterScience. Wiley. 19 Nov. 2008
  10. Jo Blanden; Paul Gregg and Stephen Machin (April 2005). „Intergenerational Mobility in Europe and North America“ (PDF). The Sutton Trust. http://www.suttontrust.com/reports/IntergenerationalMobility.pdf. 
  11. Matthew Taylor (25 април 2005). „UK low in social mobility league, says charity“. The Guardian. http://www.guardian.co.uk/britain/article/0,2763,1469685,00.html. 
  12. Michele Lamont; Virag Molnar (2002). [users.fmg.uva.nl/jrath/educ/@Lamont_Molnar_Boundaries_ARS_2002.pdf „the study of boundaries in the social sciences“] (PDF). users.fmg.uva.nl/jrath/educ/@Lamont_Molnar_Boundaries_ARS_2002.pdf. 
  13. Kevin Lynch, The Image of The City, The MIT Press, {{{date}}}.
  14. 14,0 14,1 Robert J. Sampson; Jeffery Morennoff and Thomas Gannon-Rowley, Assessing Neighborhood Effects: Social Process and New Directions in Research, Annual Review of Sociology, {{{date}}}.
  • Stark, Rodney. 2007 Sociology Tenth Edition. Belmont, CA: Thomson Higher Education
  • 2006 Social Mobility <http://www.sociologyguide.com/social-mobility/systems-of-mobility.php>
  • Bertaux, Daniel and Thompson, Paul.1997 Pathways To Social Class. A Qualitative Approach To Social Mobility. Clarendon Press, Oxford
  • Bourdieu, Pierre. 1984. Distinction: A Social Critique of the Judgement of Taste. London: Routledge.
  • Borjas, George J. "Working Paper 12088." Making It in America: Social Mobility in the Immigrant Population. 2006. National Bureau of Economic Research. <http://www.nber.org/papers/w12088>.
  • Devine, Fiona. Class Practices: How Parents Help Their Children Get Good Jobs. Cambridge University Press, 2004.
  • Eitzen, D S."Upward Mobility Through Sport?."1 26 Sep. 2007 <http://www.zmag.org/zmag/articles/mar99eitzen.htm>.
  • Francis, David R."'Upward Mobility' In Real Decline, Studies Charge." The Christian Science Monitor.27 Jan. 2003. 26 Sep. 2007 <http://www.csmonitor.com/2003/0127/p21s01-coop.html>
  • Goldthorpe, John H. 1987 Social Mobility and Class Structure in Modern Britain. New York: Oxford, Clarendon Press
  • Jacobs, Eva E. (ed). "'Handbook of U.S. Labor Statistics: Employment, Earnings, Prices, Productivity, and other Labor Data.'" Lanham, MD. Bernam Press. 8th ed. 2005.
  • Lareau, Annette. Unequal Childhoods: Class, Race, and Family Life. University of California Press, 2003.
  • Maume, David J. "'Glass Ceilings and Glass Escalators: Occupational Segregation and Race and Sex Differences in Managerial Promotions.'" Work and Occupations vol. 26. November 1999: 483-509.
  • McGuire, Gail M. "'Gender, Race, Ethnicity, and Networks: The Factors Affecting the Status of Employees’ Network Members.'" Work and Occupations vol. 27. November 2000: 500-523.
  • Western, Bruce. Punishment and Inequality in America. New York: Russell Sage Foundation, 2006.
  • Levinson, Paul. "Cellphone". ROutledge, New York, 2004

Надворешни врски[уреди]