Младост попарена

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Младост попарена“ — песна на македонскиот поет Коле Неделковски, дел од поетската збирка „Молскавици“, објавена во 1940 година, во Софија.

Осврт кон поемата[уреди | уреди извор]

Пред излегувањето на „Молскавици“, песната „Младост попарена“ претходно веќе била објавена во списанието „Илустрација Илинден“ (Илустрация Илиндень), кн. 2/102, година XI, февруари 1939, со насловот „Богдан и Гроздана“ (Богданъ и Гроздана). Притоа, постојат големи разлики меѓу текстот на песната од списанието и текстот во стихозбирката. Така, во дефинтивната верзија од стихозбирката поетот го напуштил стариот наслов, кој е чест во народните песни, и го заменил со друг, поиздржан. Во „Богдан и Гроздана“, главниот машки лик вели: „проклета да е мајка ми“, додека во „Младост попарена“ тој ја проколнува туѓината, а делумно ја оправдува мајката, со стиховите „А зошто мајка несреќна / бели ти писма не даде“, кои ја истакнуваат разликата во финалето меѓу двете верзии. Исто така, во „Богдан и Гроздана“, Богдан извршува самоубиство, не можејќи да ги поднесе страдањата на саканата: „Дорече Богдан, замавна / Нож си во срце удари / И падна јунак, издијна / Крај своја мила изгора.“ Меѓутоа, во „Младост попарена“ оваа строфа е исфрлена, а наместо неа, следат три други строфи во кои Богдан ја бодри Гроздана и неуспешно се обидува да ја излечи така што, на крајот, Гроздана умира, а „Богдан с народ измачен / борба за народ прегрна!“ На тој начин, оваа песна ја прикажува еволуцијата на погледите на авторот: додека во првата варијанта се чувствува трагична нота, последната редакција на песната се одликува со оптимистички крај, зашто во прв план е ставена борбата.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 88-89.