Мидгард

Од Википедија — слободната енциклопедија
Рунски камен Мидгард Седерманланд, Шведска
Рунски камен Мидгард Седерманланд, Шведска

Мидгард (старонордиски: Miðgarðr = „средна земја“) е еден од деветте светови во нордиската митологија. Се работи всушност, за нашиот свет, животот на Земјата, светот на просечното човеково искуство. Мидгард е дом на луѓето (madr).

Мидгард се наоѓа на средината на дрвото Игдрасил и е опкружен со непроодни океани. Во океанот живее големата морска змија Јормунгандр, толку голема што го обиколува целиот Мидгард и на крај си ја гризе опашката. Концептот Уроборос (змија или змеј да си ја гриза опашката), го има и во египетската, хеленската, индиската и мексиканската митологија.

Според нордиската митологија, Мидгард бил создаден од Один и неговите двајца браќа Вили и Ве, од телото (месото и крвта) на џинот Химир, а заради одбрана на боговите и нивните светови, од нападите на џинот Јутун, владетелот на светот Јутунхајмр. Од месото настанало копното, а од крвта океаните. Со Асгард е поврзан преку мостот Бифрост (мостот од виножито).

Според преданијата во Еда, Мидгард ќе биде уништен на Рагнарек, големата битка и судниот ден. Тој ден, големата змија Јормунгандр ќе се крене од океаните и ќе го камшикува копното. Целиот жив свет ќе биде уништен, а копното ќе потоне во морињата, по што ќе се издигне повторно, раззеленето и плодно.

На каменот Фирби (од добата на Викинзите) со рунско писмо, запишано е:

Го познавам Хастајн
Холмстајновиот брат
најписмениот
од сите мажи во Мидгард
кој постави камен
со многу букви
во спомен на Фрејстајн
нивниот татко.


Освен во Еда, за Мидгард постојат записи и во староанглискиот еп „Беовулф“ (Beowulf), каде се нарекува middangeard (стр.анг). Всушност, овој збор е еквивалент на хеленскиот екумена -светот кој го знаеме и кој е населен од луѓе. Називот middangeard беше употребуван и во Господарот на прстените, чиј автор бил инспириран од митологијата за Мидгард и староанглиската поема Крајст.