Мандат

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Мандатот е авторитет стекнат од електоратот да делува како нивни претставник. Пратениците во Собранието на Република Македонија се избираат за време од 4 години. Мандатот на пратениците го варифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивната седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.

Доколку не се закаже конститутивна седница во предметниот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.

Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.

Во текот на мандатот, пратеникот не може да биде отповикан. На пратеникот може да му престане мандатот пред истекот на 4 годишниот мандат на парламентарниот состав на Собранието доколку: сам си поднесе отставка; и доколку е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна во траење од најмалку 5 години. Во тие случаи на пратеникот му престанува мандатот по сила на Уставот. На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично дело или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од 6 месеци. Во овие два случаи одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.