Корисник:Dentedeleone/Димчета аскер го писаја

Од Википедија — слободната енциклопедија

Димчета аскер го писаја е изворна македонска народна песна.

Песната најверојатно е создадена во втората половина на деветнаесетиот век, а е спомната и од Блаже Конески во неговата „Збпрка на македонски народни песни“ (1945):

Димчета низам писале, од баш баздриѓан детето. Кога чу млада невеста, си плесна две бели раце како два бели аимида. Си слезе в земјени керал, отвори дрвени ковчег и тури туљбен на глава; си ојде право на сарај, на сарај при Шаин бега, Димчета да го куртули: „Шаин бег, море Шаин бег, колку флорини ќе сакаш, Димче војник да не оди? „Димкојце, млада невесто, Султан не сака флорини, туку си сака момчиња, момчиња како Димчета: три години посвршени, шест месеци оженати“.[1]

Историјат и анализа[уреди | уреди извор]

Со цел осовременување на армијата султанот Селим III носи низам со кој се предвидувало регрутирање на нови војници. Баш тој низам го опфатил и Димче, кој бил син на добар трговец (баш баздриѓан) и бил штотуку оженет. Песната има лирски карактер затоа што се пее за љубовта на „Димкојца“ кон својот сопруг. Неговата жена веднаш штом разбрала дека го регрутирале Димче, отишла кај бегот. Шаин-Бег бил бег во скопско. Тој бил син на Гали-Бег кој долго време немал деца, па на сон му се јавило дека ако сака да има деца треба да им дозволи на селаните од Горно Лисиче да изградат црква.[2] Охрабрена од добрите односи (меѓу христијани и муслимани), невестата му нуди флорини (австриски пари) на бегот со надеж дека султанот ќе се смилува и ќе го пушти Димче. Сепак, одговорот што го добива е разочарувачки за неа, затоа што според зборовите на бегот, на султанот пари не му требаат, туку му требаат вешти и храбри момчиња - баш каков што е нејзиниот Димче.

Текст[уреди | уреди извор]

Димчета аскер го писаја

од Башкарија детето,

аман, аман

од Башкарија детето.

Од Башкарија детето

до три години свршено,

аман, аман

по три недели женето.

Кога разбрала невестата

пљусна си белите раце

аман, аман

право ми тргна на сарај.

Право ми тргна на сарај,

на сарај кај Шаин Бега

аман, аман

на сарај кај Шаин Бега.

Ефенди, џанам ефенди,

колку флорини ќе сакаш

аман, аман

од грло ќе ти извадам.

Од грло ќе ти извадам

Димчета да го отпишиш

аман, аман

Димчета да го отпушчиш.

Невесто млада невесто,

царот не сакат флорини

аман, аман

туку ми сакат момчиња.

Туку ми сакат момчиња,

момчиња како Димчета,

аман, аман

момчиња како Димчета.

Момчиња како Димчета,

што знает пушка да носат

аман, аман

што знајат сабја да вртат.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Конески, Блаже (1945). Збирка на македонски народни песни. стр. 334.
  2. „Црква „Св. Апостоли Петар и Павле" - Горно Лисиче“. Википедија. 2021-10-17.