Ден на благодарноста

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Денот на благодарноста е празник во чест на жетвата кој главно се прославува во САД и Канада. Традиционално, тоа било период за искажување благодарност за богатата жетва. Иако првобитното прославување имало религиозна основа, во денешно време Денот на благодарноста пред сѐ се идентификува како световен празник.

Во денешно време, во Канада, Денот на благодарноста се прославува на вториот понеделник од октомври, а во САД се прославува на четвртиот четврток од ноември. Денот на благодарноста во Канада се паѓа на истиот ден како и празникот во чест на Кристофер Колумбо во САД.

Историја[уреди]

Во Северна Америка, Денот на благодарноста води потекло од мешавина од европски и домашни обичаи. Карактеристично за Европа е тоа што празниците се прославувале пред и по жетварската сезона за да му се заблагодарат на Бог за добрата жетва и да се радуваат заедно со останатите од заедницата по напорната работа. Во тоа време, северноамериканските Индијанци исто така го прославувале крајот на жетварската сезона. Кога Европејците првпат дошле во Америка, со себе ги понесле нивните обичаи од Европа за празникот во чест на жетвата, прославувајќи го нивното безбедно патување, мирот и добрата жетва. Иако зачетоците на празникот се слични и во Канада и во САД, Американците вообичаено не ги прославуваат придонесите во Њуфаундлен, додека Канаѓаните не ги прославуваат придонесите во Плимаут, Масачусетс.

Во Канада[уреди]

Зачетокот на првиот Ден на благодарноста во Канада, води потекло од еден истражувач, Мартин Фробишер, кој се обидувал да пронајде северен премин до Тихиот Океан. Фробишер не го прославувал Денот на благодарноста во чест на жетвата, туку во чест на враќањето дома. Тој безбедно се вратил од потрагата по Северозападниот премин избегнувајќи ја подоцнежната судбина на Хенри Хадсон и сер Џон Френкли. Во 1578 година, Фробишер приредил свечена церемонија во Њуфаундленд, за да искаже благодарност за преживувањето на долгото патување. Многу години подоцна традицијата на празникот ќе продолжи бидејќи повеќе доселеници започнале да пристигнуваат во канадските колонии.

Зачетокот на канадскиот Ден на благодарноста исто така води потекло од француските доселеници кои дошле во Нова Франција со истражувачот Самуел де Шамплен во почетокот на XVII век и почнале да ги прославуваат нивните богати жетви. Француските доселеници во областа вообичаено приредувале гозби на крајот од жетварската сезона и продолжувале за време на зимскиот период. Тие дури ја делеле нивната храна со локалните народи во областа. Шамплен исто така во 1606 година предложил да се создаде Редот на добрата волја.

Како што пристигнувале сѐ повеќе доселеници во Канада, така и прославувањата за богатата жетва станувале сѐ почести. Нови доселеници во земјата, како што се Ирците, Шкотлаѓаните и Германците исто така ќе ги додадат нивните обичаи за жетвата на прославувањата во чест на жетвата. Поголемиот дел од американските карактеристики на Денот на благодарноста (како што е мисирката) биле вклучени кога британските лојалисти почнале да бегаат од САД за време на Американската војна за независност и се населувале во Канада.

Во САД[уреди]

Иако денес САД ја празнува приказната за првиот Ден на благодарноста прославен во 1621 година во Плимаут, Масачусетс, постојат неколку докази за претходно прославување во чест на жетвата на континентот, од страна на шпанските истражувачи во Флорида во 1565 година, како и гозби во чест на жетвата во колонијата Вирџинија.

Традиционалното потекло на современиот Ден на благодарноста во САД, а не на првиот Ден на благодарноста од каков било тип на континентот, општо земено се смета дека произлегува од прославата што се одржала во 1621 година во местото познато како Плантажите на Плимаут, во Масачусетс. Во почетокот, додека колонијата во Плимаут немала доволно храна за да прехрани половина од сто и двајцата колонисти, северноамериканските Индијанци од Вампаног им помогнале на првите англиски пуритански доселеници во Масачусетс да ја обработуваат земјата и да ловат риба, спасувајќи ги од гладување. Сепак, обичајот да се прославува ваков годишен празник во чест на жетвата не прераснал во редовен настан во Нова Англија сѐ до доцните шеесетти години на XVII век.

Според историчарот Џереми Бенгс, директор на Музејот во Лајден за првите англиски пуритански доселеници во Америка, врз првите англиски пуритански доселеници влијаело гледањето на годишните служби на Денот на благодарноста за ослободување од опсадата на Лајден во 1574 година, додека престојувале во Лајден.

Спротивставени мислења за потеклото[уреди]

Тврдењето за тоа каде се празнувал првиот Ден на Благодарноста во САД, па дури и во двата континенти Северна и Јужна Америка, често било предмет за дискусија. Писателот и професорот Робин Гиоја и Мајкл Генон, од Универзитетот во Флорида, тврделе дека најраното прославување на Денот на благодарноста за кое има докази, се одржало на денешната територија на САД од страна на Шпанците, на 8 септември 1565 година во местото денес познато како Сент Августин, Флорида.

Исто така, многу историчари посочуваат дека првото прославување на Денот на благодарноста во САД, било во Вирџинија, а не во Плимаут. На територијата каде се формирала државата Вирџинија, службите за Денот на благодарноста биле рутина веќе во 1607 година. Денот за прославување на Денот на благодарноста бил кодифициран во основачката поделба на Беркелеј Хандред во Округот Чарлс Сити, Вирџинија, во 1619 година.

Одредување на датумот на празникот[уреди]

Причината за порано прославување на Денот на благодарноста во Канада му се припишува на пораниот почеток на зимата на запад и како резултат на тоа и жетварската сезона завршувала порано. Денот на благодарноста во Канада немал одреден датум до крајот на XIX век. Пред Канадската Конфедерација, голем дел од владетелите на одделните колонии од канадските провинции сами одредувале кога ќе се слави Денот на благодарноста. Првиот официјален Ден на благодарноста во Канада се прославил на 15 април 1872 година, кога народот го славел закрепнувањето на Принцот од Вал од сериозна болест. До крајот на XIX век, Денот на благодарноста обично се прославувал на 6 ноември. Сепак, по завршувањето на Првата светска војна, Денот се славел истата недела. За да се избегне поклопување на двата празници во 1957 година Парламентот на Канада прогласил Денот на благодарноста да се слави на датумот на кој се паѓа вториот понеделник од октомври.

Денот на благодарноста се славел на различни датуми во САД, во текот на историјата. Првиот Ден на благодарноста кој бил прославен на одреден датум, бил во 1863 година, како обид на претседателот Абрахам Линколн да поттикне чувство за американство единство помеѓу Северните и Јужните држави. До средината на XX век, последниот четврток од ноември станал вообичаен ден за Денот на благодарноста во повеќето држави во САД. Во 1939 година, претседателот Франклин Рузвелт предложил да се премести датумот порано, со цел да ѝ се даде на земјата економски поттик. На 26 декември 1941 година, Рузвелт потпишал предлог-закон со Конгресот прогласувајќи го Денот на благодарноста за државен празник и утврдил неговото прославување да биде на четвртиот (а не на последниот) четврток во ноември.


Прославување на празникот низ светот[уреди]

Канада[уреди]

Денот на благодарноста е годишен празник во Канада кој се слави на вториот понеделник од октомври за да се искаже благодарност за завршување на жетварската сезона. Иако со првобитниот закон на Парламентот се препорачува Бог и празникот да се прославуваат во црквите, празникот најчесто се слави на световен начин. Денот на благодарноста е законски празник во сите провинции во Канада, освен во Островот на Принц Едвард, Њу Бранзвик и Нова Шкотска. Иако претпријатијата можеби работат во овие провинции, празникот и покрај сѐ е признат и се слави без оглед на неговиот статус.

Либерија[уреди]

Во Западноафриканската држава Либерија, Денот на благодарноста се слави на првиот четврток од ноември.

Холандија[уреди]

Голем број од првите англиски пуритански доселеници кои останале во Плантажите на Плимаут, живееле во градот Лајден од 1609 година до 1620 година, оставиле записи за нивното раѓање, стапување во брак и умирање во Питерскерк. Во чест на тоа, секоја година, утрото кога се слави американскиот Ден на благодарноста се одржува нерелигиозна служба за Денот на благодарноста во Питерскерк, готска црква во Лајден, со цел да се комеморира гостопримството во Лајден кое им било понудено на првите англиски пуритански доселеници за време на нивното патување кон Новиот Свет.

Островот Норфолк[уреди]

Во австралиската надворешна територија на островот Норфолк, Денот на благодарноста се слави последната среда од ноември, слично како и американското славење на последниот четврток од месецот, во периодот пред Втората светска војна. Тоа значи дека прославувањето на островот Норфолк е еден ден пред или шест дена по прославувањето во САД. Празникот го донесле американските китоловци кои доаѓале на островот.

САД[уреди]

Денот на благодарноста кој денес се слави на четвртиот четврток од ноември, бил годишна традиција во САД од 1863 година. Од историска гледна точка, Денот на благодарноста започнал како обичај за прославување на жетвата на годината.